Сараево одбележа 30 години од почетокот на опсадата во која животот го загубија 11.541 лице [галерија]

Сараево одбележа 30 години од почетокот на опсадата во која животот го загубија 11.541 лице [галерија]

Босанскиот главен град вчера одбележа 30 години од најмрачниот момент во својата историја – почетокот на српската опсада на Сараево на 5 април 1992 година. Опколувањето на градот и постојаното гранатирање од страна на српските сили траеше 1.425 дена до 29 февруари 1996 година, а во текот на опсадата животот го загубија 11.541 жител на Сараево.

Дојче Веле ги пренесува страотните приказни за загинатите и повредените деца за време на опсадата на Сараево. За време на секојдневното гранатирање на градот, животот го загубиле 1.601 дете, при што секое 10 дете било убиено од снајпер.

Сараевскиот портал Кликс.ба во својот текст потсетува дека опсадата започнала на 5 април 1992 година, кога граѓани од сите делови на Босна и Херцеговина се собрале во Сараево пред републичкото Собрание на мировен протест. Снајперисти од хотелот Холидеј Ин почнале да пукаат кон граѓаните, а уште во првиот ден се убиени Суада Дилберовиќ и Олга Сучиќ на мостот Врбања кај Собранието. Тие се првите жртви од крвавата опсада на градот.

Радио Сараево пренесува сеќавање за тоа како започнала опсадата на Сараево. Речиси 20.000 војници од т.н. војска на Република Српска, со помош на тогашната ЈНА, ја започнале опсадата, при што дневно во просек се испукани по 329 гранати врз градот. Медиумот пишува дека врз градот се испукани 50.000 тони проектили за време на опсадата.

Во опсежниот текст, босанскиот медиум го пренесува сеќавањето за неодржаниот фудбалски натпревар меѓу екипите на сараевски Железничар и белградски Рад на стадионот Грбавица. Натпреварот не бил одигран попладнето, иако двете фудбалски екипи и судиите биле подготвени да излезат на терен. Причината била жестокото пукање во Сараево.

Низ годините на опсадата, жителите на Сараево од страна на агресорот биле оставени без струја, храна, гас, вода и централно греење. Весникот „Ослобоџење“ го пренесува сеќавањето за пиварата во Сараево, која од сопствените извори обезбедувала вода за пиење за дел од граѓаните. И во првата година од опсадата на Сараево, пиварата успевала да произведува пиво за жителите, но и да биде сламката за спас на граѓаните кои очајно се обидувале да обезбедат питка вода.

Сараевската пивара е препознатлива дека пивото го произведува од сопствена вода, но тоа го знаел и српскиот агресор, така што објектот бил редовно гранатиран за време на опсадата.

Весникот „Дневни Аваз“ пак прави споредба на почетокот на опсадата на Сараево на 5 април 1992 година со 6 април 1941 година, кога започнало германското бомбардирање на Југославија, вклучувајќи го и босанскиот главен град. Во текстот се потсетува дека опсадата на Сараево траела три пати подолго од германската опсада на Сталинград во Втората светска војна. Најмногу гранати биле истрелани кон градот на 22 јули 1993 година – вкупно 3.777.

Инаку, опсадата на Сараево од страна на српските сили започнала по одржаниот референдум за сувереност и независност на Босна и Херцеговина за нејзино излегување од СФР Југославија. На 6 април 1992 година, Европската заедница ја призна БиХ како суверена и независна земја, а истиот чекор го презедоа подоцна и САД. Војската на Република Српска и ЈНА вршеа агресија врз градот, поради несогласувањето за отцепување на земјата од Југославија.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

ОБСЕ: Донесувањето на изборниот закон на РС е противуставно

ОБСЕ: Донесувањето на изборниот закон на РС е противуставно

Воспоставувањето на паралелни структури кои ја поткопуваат севкупната безбедност и стабилност на земјата се против …