Шемата на лажните дојави за бомби: 905 закани, oсум градови, 76 електронски адреси [инфографик]

Шемата на лажните дојави за бомби: 905 закани, oсум градови, 76 електронски адреси [инфографик]

Најголем број од лажните дојави се случиле во февруари – дури 439, односно само четири дена од работната недела немало дојава за бомба. Во ноември имало 30 дојави, во декември 272, а на 1 март годинава достигнат е рекордот – дури 120 училишта и други институции за еден ден добиле лажна дојава дека е поставена бомба. Веќе наредниот ден имало 30 дојави, a потоа, согласно донесените протоколи, во јавноста веќе не се известува за ова прашање.

Пишуваат: Мери Јордановска и Антонија Поповска

Осум градови, вкупно 905 лажни дојави за бомби, од кои 876 биле во основни и во средни училишта. Речиси третина од дојавите се случиле во среда, а најретко дојави имало во понеделник. Февруари бил месец на најмногу дојави – само пет дена во текот на училишната недела (без да се земат предвид викендите), немало лажна дојава за поставена бомба во објект на некое училиште. Почеста цел биле основните отколку средните училишта.

Ова накратко се заклучоците од сите досегашни лажни дојави за поставени бомби во земјава кои ги анализираше Мета.мк, откако ги доби податоците од Министерството за внатрешни работи, користејќи го Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Од МВР ни беше доставена листа на сите дојави за поставени експлозивни направи, до училиштата и до 42 други објекти на институции.

Според бројките, произлегува дека имало вкупно 905 лажни дојави за поставени бомби, а евидентно е дека на дојавувачите најголема цел им биле училиштата и внесувањето страв и паника токму кај децата и кај нивните родители.

Првата дојава за поставена бомба беше на 26 октомври минатата година, а последната, за која беше обелoдeнето, на 2 март годинава.

Шемата на лажните дојави за бомби: 905 закани, oсум градови, 76 електронски адреси [инфографик]
Инфографик: Мета.мк

Судејќи според досегашниот тренд на дојави, може да се заклучи дека по донесувањето на новите усвоени протоколи во училиштата, заканите кои сериозно влијаеја и го нарушија образовниот процес и предизвикаа страв и паника кај населението, можеби и целосно ќе згаснат.

Според податоците, повеќе дојави за поставени бомби имало во основни – 544, отколку во средни училишта – 332. Регистрирани биле дојави во осум градови низ државата, од кои најголем дел биле во Скопје (836), Куманово (25), Прилеп (17) и Битола (12).

Лажните дојави за поставени експлозивни направи биле испратени од 76 електронски адреси. Ова практично значи дека од една електронска адреса во просек биле испраќани по 12 лажни дојави.

Во јануари, учениците беа на зимски распуст, па во текот на тој месец, регистрирани се само две лажни дојави за поставени бомби, на 5 јануари, што повторно говори за фактот дека целта на лажните дојави биле училиштата, поточно учениците. Најголем број од лажните дојави се случиле во февруари – дури 439, односно само пет дена од работната недела немало дојава за бомба. Во ноември минатата година имало 30 дојави, во декември 272, а на 1 март годинава достигнат е рекордот – дури 120 училишта и други институции за еден ден добиле лажна дојава дека е поставена бомба. Веќе наредниот ден, на 2 март, имало 30 дојави, a потоа, согласно донесените протоколи, во јавноста веќе не се известува за ова прашање.

Шемата на лажните дојави за бомби: 905 закани, oсум градови, 76 електронски адреси [инфографик]
Инфографик: Мета.мк

Имено, согласно протоколот на МВР кој функционира од почетокот на месецот, јавноста повеќе не е информирана за тоа дали има дојави за подметнати експлозивни направи во основните и во средните училишта, но и во останатите објекти во земјава, освен ако за тоа не одлучат стручните лица. Новите протоколи беа донесени со цел паниката и нервозата во јавноста да се сведат на минимум, а секојдневието на учениците, наставниот кадар и на родителите да биде без непотребни стресови.

Освен ова, функционира и протокол кој се смета за доверлив. Според сведочењата на образовниот кадар во училиштата, полицијата прави проверки пред почетокот на наставата, во објектите не смее да се влезе без најава, приватното обезбедување ги проверува надворешните лица и при влез и при излез од училиштето, а камерите треба да бидат постојано вклучени.

Одреден „патерн“ односно шема во дојавите за поставени бомби не може прецизно да се утврди, освен дека почести биле дојавите кон средината или крајот на работната (училишната) недела, отколку на почетокот.

Митко Димовски, директор на скопската гимназија „Орце Николов“, училиштето кое доби најмногу дојави на електронска пошта со заканувачка содржина вели дека сепак може да се утврди одредена шема кај испраќачите на лажните дојави, бидејќи секогаш биле „таргетирани“ смените на учениците од втора и од четврта година.

„Она што беше најсимптоматично е што најмногу дојави стасуваа кога во смена беа учениците во втора и во четврта година. Прецизно време на испраќање немаше, но секогаш во истата смена. За да не губат часови, решивме да ги промениме смените, односно во смената во која одеа учениците од втора и четврта година, почнаа да одат учениците од прва и од трета година. Сепак, и покрај ова се случуваше дојава да стаса во втора и во четврта. Сега, со новото упатство од МВР, училиштето е обезбедено, се прават проверки, дојави нема бидејќи се променети адресите и наставата се одвива нормално, без прекини“, вели тој за Мета.мк.

Информатичарите не се оптимисти дека дојавувачите можат да се лоцираат 

Полицијата досега осомничи тројца малолетници дека стојат зад некои од лажните дојави за поставени експлозивни направи, но епилог на случаите сè уште нема.

Прво, на 2 ноември лани, Н.Н. од Скопје беше притворен поради сомнение дека е поврзан со заканите за поставени бомби, но тој не доби кривична пријава. На 5 декември, малолетник од Скопје, доби кривична за тероризам. Тој, според МВР, од неговиот персонален компјутер, пристапувајќи на интернет мрежата на еден телекомуникациски оператор, креирал електронска адреса преку која напишал заканувачка порака за поставени експлозиви во четири средни училишта.

Подоцна, на 22 декември, пријава доби и 15 годишник од Кавадарци. Тој се сомничеше дека на 4 и 12 декември испратил закана за бомба до три основни и три средни училишта во Кавадарци. Според МВР, тој пораките ги праќал преку „хакирана“ електронска адреса, директно од неговиот персонален компјутер.

Пред пет дена исто така малолетно лице на возраст од 15 години доби кривична пријава за тероризам. Тој на 4 февруари, користејќи го својот мобилен телефон, креирал електронска адреса и истиот ден, користејќи го својот лаптоп од својот дом испратил порака со заканувачка содржина на службената електронска адреса на едно средно училиште во Скопје.

Сепак, дали може да се каже дека навистина малолетни лица и ученици стојат зад поголемиот број дојави за поставени експлозивни направи, кои не се случуваат само во земјава, туку и во многу држави низ светот, останува отворено прашање. Дотолку повеќе што министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во повеќе наврати изјави дека дојавите за поставени бомби во училиштата претставуваат хибриден напад врз државата, дека тие се пуштени од странство и дека станува збор за хибридна војна, како продолжение на вистинската војна што Русија ја води во Украина.

За тоа, од каде доаѓаат дојавите, Спасовски во еден наврат изјави дека тие се испраќани од IP адреси од Иран, Русија, како и VPN адреси чии провајдери се исто така од овие држави.

„Интересно е што уплатите за VPN услуги се извршени со крипто валути, што уште повеќе ја отежнува таа откривачка дејност”, рече тој.

И премиерот Димитар Ковачевски неколкупати повтори дека сајбер-војната и хибридните напади се дел од војната што се води во Украина, бидејќи не се случува само во земјава, туку и кај голем број држави членки на НАТО.

ЗАКАНИТЕ ЗА ПОСТАВЕНИ БОМБИ ВО УЧИЛИШТА СТАНАА СЕКОЈДНЕВИЕ ВО СВЕТСКИ РАМКИ

Според познавачите на состојбите, доколку навистина станува збор за дојави кои имаат поддршка од странски држави, дојавувачите, кои очигледно се добро „потковани“ со знаење, тешко дека ќе бидат лоцирани.

„Дојавувачите користат прокси сервери, односно користат мејл системи кои не соработуваат со нашите органи за прогон, а не соработуваат ниту со други органи на прогон, како ФБИ и слично. Едноставно се креира корисничко име, каде што не се запишува од која ИП адреса испраќаш мејлови. Тие се регистрирани во земји кои не соработуваат и истите користат мејл системи во кои не можеш да откриеш од која ИП адреса е испратена електронска пошта. Тоа е така бидејќи постојат начини да се заштитат мејл системи кои не чуваат ИП адреси и не бараат алтернативни адреси при регистрација. На пример, со Gmail не е така, таму ако сакате да отворите електронскa адреса, треба да внесете два мејла и плус број на телефон за валидација, што служи како доказ дека сте вие испраќачот“, објаснува за Мета.мк, Иван Чорбев, професор на Факултет за информатички науки и компјутерско инжинерство (ФИНКИ) и поранешен декан на факултетот.

Тој вели дека единствен начин да им се влезе во трага на испраќачите е ако тие направат некаква грешка, па на тој начин да бидат фатени. Со сличен став е и професорката Александра Милева од катедрата за компјутерски технологии и интелигентни системи на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

„Постојат повеќе начини како да се испрати анонимен е-маил или анонимно да се сурфа на Интернет, без можност трагите во електронската порака или трагите од пристап на даден веб сервер да доведат до вистинскиот корисник. Постојат провајдери на анонимни сметки за електронска пошта, кои не ве следат, не бараат никакви информации за вас при регистрацијата и не чуваат логови за испратените пораки. Постојат и сервиси за испраќање на електронска пошта, без никаква регистрација, на пример, само за една употреба (т.н. “burner” електронски пораки). Но, за вистински да се скрие ИП адресата на испраќачот, се користат специјални no-log или zero-log виртуелни приватни мрежи кои ја кријат ИП адресата на корисникот и не дозволуваат веб страните и сервисите да ја дознаат вистинската адреса на корисникот, а во исто време, преку нив, испратениот сообраќај е шифриран“, објаснува таа.

Нивната политика без логови, вели Милева, гарантира дека не следат, не снимаат и не чуваат логови од активноста на нивните корисници, т.е. не чуваат информации за ИП адреса, пристапувани страни, логови од сообраќај и сл.

„Слична е ситуацијата и со користење на Tor пребарувачот, кој го пренасочува сообраќајот преку неколку мрежни јазли и го прави да не може да се следи до вистинскиот испраќач“, појаснува Милева.

Поради сите овие добро разработени механизми, професорот Чобрев смета дека е добра одлуката во јавноста да не се обелоденуваат податоци за дојави за поставени бомби, бидејќи, ако праксата покажува дека тие се лажни, треба да се игнорираат, како што впрочем и прават надлежните во последниве недели.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Културна револуција и авторска уметност - започнуваат Денови на Смилевскиот конгрес

Културна револуција и авторска уметност – започнуваат Денови на Смилевскиот конгрес

Новата национална установа Манифестација „Денови на Смилевскиот конгрес“ преку неофицијална програма започна со славење на …