Иако директорката на училиштето, Наташа Илиева изјавила ученичката не била повредена туку само испаничена, сепак 16-годишното девојче заедно со родителите отишло во битолската Клиничка болница, каде биле направени испитувања поради болки во раката.
Во анонимното писмо кое ученици од средното медицинско училиште го упатија до јавноста, се вели:
„Утринава девојче се упатило во тоалетот каде што таванот и’ се срушил врз глава и одвај се извлекла од тоалет. Ученичката уредно пријави, преплашена од ситуацијата. Најжално и мизерно е што во тој момент никој не изреагира соодветно на ситуацијата.
Директорката влезе во класот каде учи девојчето после еден час и со добри манипулации се потруди да ги замолчи учениците со цел умешно да ја прикрие настанатата ситуација. Цитирам:„ПА ТИ СИ ЈУНАК, БИТНО СИ ЖИВА”, смеејќи се ја потапка по грбот убедувајќи ја дека се’ е во ред. Но, кога учениците се побунија и кажаа дека се загрижени за нивната безбедност, таа бурно изреагира и рече како немаме право на глас. И нашата безбедност е на високо ниво.
Ние учениците, јавно ѝ поставуваме прашање на неодговорната “загрижена” директорка: како после оваа ситуација да сме смирени и нашите родители да веруваат дека нашата безбедност во средното медицинско училиште е на високо ниво?
Денес ова, а утре што?
Каде се одговорните да реагираат?“
Според информациите од Општина Битола, градоначалникот Тони Коњановски формирал комисија која извршија увид во училиштето, со цел констатирање на состојбата.