Менструалните производи, вклучувајќи тампони и влошки, од вчера станаа достапни бесплатно во јавните установи во Шкотска, откако стапи на сила првиот закон од ваков вид во светот, јавува „Си-ен-ен“.
Предлог-законот за менструални производи беше усвоен едногласно од шкотските пратеници во ноември 2020 година, што претставува значајна победа за глобалното движење против менструална сиромаштија.
Новиот закон подразбира дека менструалните производи ќе бидат достапни бесплатно во јавни објекти како училишта и универзитети низ Шкотска. Локалните власти и образовните институции ќе бидат одговорни да ги обезбедат бесплатните производи.
„Горди на она што го постигнавме во Шкотска. Ние сме први, но нема да бидеме последни“, напиша на Твитер шкотската пратеничка Моника Ленон, која го претстави законот во 2019 година.
Proud of what we have achieved in Scotland. We are the first but won’t be the last. 🏴🩸🙌#PeriodDignity #FreePeriodProducts #MenstrualJustice follow @Period_Poverty for updates. https://t.co/8bFTML3MkK
— Monica Lennon MSP (@MonicaLennon7) August 15, 2022
Според неа, се очекува 20 отсто од жените во Шкотска да ја искористат програмата, бидејќи официјалните статистики за нееднаквоста во земјата покажуваат дека толкав процент од жените во Шкотска живеат во релативна сиромаштија.
Овој закон е еден од низата програми дизајнирани за справување со менструалната сиромаштија во Шкотска, која има одредени пренесени овластувања од Владата на Обединетото Кралство.
Во јануари минатата година, Велика Британија ја укина стапката на данокот на додадена вредност (ДДВ) од 5 отсто за менструалните производи. На глобално ниво, само неколку земји имаат нула данок на санитарните производи, меѓу кои и Канада, Австралија, Кенија, Индија и неколку американски држави.