Што се случува со оние на црната американска листа?

Што се случува со оние на црната американска листа?

Црната американска листа и годинава ќе се шири, а корумпираниот караван, пак, ќе си врви. Политичарите и контроверзните бизнисмени кои лани се најдоа на оваа листа во јавност го покажаа својот гламур во хотелски прослави со песни од Чолиќ и Цеца, ама правни последици од македонските институции не почувствуваа. Освен најавата на власта дека американската црна листа некогаш ќе влезе во македонското законодавство.

Видеото во кое се гледа како контроверзниот бизнисмен Јордан Камчев на микрофон ја пее песната од Здравко Чолиќ со која порачува дека „Орце нема да се предаде“ исчезна од социјалните мрежи каде што беше споделувано по прославата на 75 години постоење на Стопанска Банка Битола, во која е дел од мнозинските акционери.

Но, видеото од гламурозната свадба на Мијалкови со главната гостинка на вечерта балканската фолк пеачка Светлана Цеца Ражнатовиќ е уште е достапно на социјалната платформа Инстаграм. Слики од свадбената прослава на синот на порашениот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање осудениот Сашо Мијалков, Јордан, ја споделуваа на Инстаграм познати македонски пејачи и манекенки.

Мијалков по свадбената прослава се врати во отвореното затворско одделение во КПД Струга на доиздржување на казната.

Додека јавноста се воодушевуваше на гламурот, Агенцијата за конфискација на имот, се пожали во јавноста на пристисоци од семејството на Мијалков за да не ги продаде становите кои државата ги конфискуваше во предметот Империја, за перење пари.

Државата се надева дека ќе наплати над 21 милион евра од конфискуваниот имот на Мијалков. Досега од продадените станoви во Буџетот влегоа само над половина милион евра.

Мијалков и Камчев се две од десетината имиња на луѓе и фирми кои изминатава годинава ја зголемија „црната американска листа“ поради корупција. Тие се осудени во предметите на поранешното Специјално обвинителство „Империја“ и „Плацеви на Водно“, откако признаа вина и се спогодија со Судот да платат 5,2 милиони евра Камчев и 6 милиони Мијалков.

„Империја“ се однесуваше на перење пари, додека „Плацеви на Водно“ каде првоосуден е поранешниот премиер Никола Груевски, се однесува на нелегалното купување на плацеви на Водно со злоупотреба на партиските донации. Камчев во 2022 година излезе од затвор откако Судот му дозволи спојување на двете затворски казни. Мијалков од затвор треба да излезе во 2025 година, кога навршуваат трите години кои му ги досуди Кривичниот суд.

На Мијалков и Камчев друштво на „црната листа“ од лани им прават и роднини на бизнисмени, актуелен функционер како и неколку фирми.

Црната американска листа се збогати и со актуелен функционер

Американскиот тим за санкции утврди корупција таму каде што македонскиот правосуден систем со години не ја гледа.

Тим дипломати во 2022 година ја посети земјава за, како што тогаш изјави американската амбасадорка Ангела Агелер, да изврши увид со поагресивен поглед врз минатите и сегашните корумпирани актери во општеството. Тој тим веќе во јули му предложи на Стејт Департментот да им забрани влез во САД на најмалку десетина македонски моќници, затоа што заклучи дека со корупција и наштетуваат на демократијата.

Првото име кое лани се појави на американската црна листа беше градоначалникот на Струга од ДУИ Рамиз Мерко. За прв пат на таа листа е ставен актуелен функционер од земјава кој речиси 20 години без прекин е на некаква позиција во власта. На американските истражители им требаше само неколку месеци за да заклучат дека Мерко си присвојувал државни пари и се мешал во судски процеси.

По шест месеци од нивното соопштение Мерко и натаму е градоначалник на Општина Струга од каде што тивко се огласи дека ќе соработува со „истражни органи“. Во меѓувреме општината склучи над 20 договори за јавни набавки во вредност од околу 300 илјади евра.

Оставка немаше, а ни одговорност

„Јас да се најдам на листата на САД, не само што ќе дадам оставка, јас тоа ќе го сметам за најголем пораз во мојата лична и професионална кариера“, рече премиерот Димитар Ковачевски.

По оваа изјава Ковачевски не одговори во јавноста дали од својот политички партнер во Владата, Али Ахмети, побарал политичка одговорност од градоначалникот.

По шест месеци Мерко за прв пат минатата недела се појави во јавноста, на настан на неговата матична партија ДУИ која јавно тврдеше дека му ги замрзнала партиските функции.

Откако заврши чудењето на премиерот „како САД на 8 илјади километри оттука виделе корупција што домашните институции не ја виделе“, републичкото Обвинителство откри над 30 предмети во обвинителски фиоки против Мерко. Дел од нив застареле, дел од нив допрва ќе застарат „благодарение на измените на кривичниот законик“, а дел, пак, уште чекаат разврска.

Автомобилот вреден 70 илјади евра кој Мекро го купи со општински пари, а за кој Антикорупциска отвори предмет, ја изгуби својата вредност затоа што е старо веќе 4 годии. Со Аудито правно застареа и предметот и претставката против претседателот на Основниот суд кој дозволил општина со блокирана сметка да купи луксузно возило.

Од Обвинителството до објавувањето на овој тект не одговорија на прашањата до каде се постапките за 30-те „заборавени во фиока “ предмети против Мерко. Тие се разгледуваат во неколку различни обвинителства. Оттаму не откриваат ниту дали за овој или за другите случаи побарале помош од американските колеги, кои јасно посочија дека доказите ги собрале во земјава и се лесно достапни.

Анѓушев се жали, но САД не му дозволува влез

По Мерко, големо внимание во јавноста привлече последна одлука на Стејт Департментот да му изрече мерка забрана за влез во САД на поранешниот вицепремиер и бизнисмен Кочо Анѓушев, на неговата сопруга Елизабета и на децата Ангел и Огнен.

Американските истражители откриле дека Анѓушев ја злоупотребил вицепремиерската позиција за свои приватни и деловни интереси.

По објавата во која се зборува за епидемија од корупција, Анѓушев се обиде да ги демантира сомнежите на американските власти со оправдување дека и по четири години откако се повлекол од фунцијата во земјава не бил отворен судски предмет против него.

„Кога велиме дека некој е корумпиран, 100 проценти сме сигурни во тоа. Не ставаме луѓе на црна листа врз основа на сомнежи или на чувства“, кажа американската амбасадорка Ангела Агелер на брифинг со новинарите на 13 декември.

„Станува збор за многу докази и за повеќе случаи. Не е дека му се ‘лизнало’ еднаш. Сигурна сум дека за некои од тие случаи вие веќе знаете“, додаде амбасадорката.

Анѓушев беше вицепремиер од 2017 до 2020 година, во владата предводена од Зоран Заев, како премиер.

Од него доби пишана поддршка, за, како што вели Заев, докажување на неоснованоста за сомневањата кон него изразени од нашите пријатели Соединетите Американски Држави.

Поранешниот премиер во дописот за Анѓушев вели дека е негов пријател и соработник кој исклучително го почитува.

Од македонските власти, за санкционирањето на Анѓушев коментираше само вицепремиерката за добри политики на владеење Славица Грковска, која вели дека главната обврска е на домашните институции, а помошта од странство е добредојдена.

Кочо Анѓушев е последниот од низата македонски државјани што неодамна беа ставени на американската црна листа.

На неа, во ноември годинава „влегоа“ рускиот бизнисмен што престојува во Македонија, Сергеј Самсоненко, и неговата сопруга Ирина.

Нивните имиња во судските списи влегоа преку предметот познат во јавноста како Плацеви на Водно, во кој поранешниот премиер Никола Груевски, кој истото така е ставен на црната листа, е осуден за нелегалното купување на плацеви на Водно со злоупотреба на партиските донации.

Името на Ирина Самсоненко се појави во сопственичката структура на една од фирмите на контроверзниот бизнимен Јордан Камчев „ Систина Лајф Кеар центар“.

Купопродажбите на земјиште и фирми, и финансиските трансакции меѓу брачната двојка Самсоненко и Орце Камчев споменати во соопштението на американското Министерство за финансии беа опфатени со случајот Плацеви на Водно.

Исто така, под санкции американските власти ставија и пет фирми од земјава: „Бет сити интернешнал“ која е поврзана со Сергеј Самсоненко и Јордан Камчев, потоа „Камчев Консалтинг“ поврзана со Ратка Куноска-Камчева, „Орка Финанс“ исто така поврзана со Ратка Куноска-Камчева, „Орка Холдинг“ со Јордан Камчев, и „Систина лајф кеар центар“ чиј управител е Ирина Самосоненко. Тогаш, забрана за влез во САД доби и мајката на Орце Камчев, Ратка.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Прилеп: Наградата за владиката Петар ги избрка советниците на СДСМ и Коалицијата од свечената седница на Совет

Прилеп: Наградата за владиката Петар ги избрка советниците на СДСМ и Коалицијата од свечената седница на Совет

Соопштение за јавност на СДСМ по повод одлуката на мнозинството во Советот на општина Прилеп, …