загадување

Скопје се гуши во смог: Во Гази Баба, Лисиче и Центар измерени ПМ-10 честички и до четири пати над дозволеното

Скопје, заедно со Струмица, Тетово, Прилеп, Битола и Охрид веќе трет ден по ред се соочуваат со воздух кој ги надминува максимално дозволените среднодневни концентрации на честички кои се штетни за човековото здравје

Концентрациите на загадувачки супстанци во воздухот во Скопје го вклучија алармот од високо аерозагадување. Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух на Министерството за животна средина информира дека е надминат прагот на информирање кај ПМ-10 честичките на мерните места во Скопје – Центар, Гази Баба, Ѓорче Петров, како и во Тетово, Прилеп и Кавадарци. Утрово стигна соопштение од ова Министерство и за надминување на прагот на алармирање со присуството на ПМ-10 честички во Кичево и Струмица.

На мерната станица Лисиче вчера е регистрирано присуство на ПМ-10 честички во висина од дури 233,21 микрограми на метар кубен, додека во Центар е измерено многу високо ниво на загадување од 183,24 микрограми на метар кубен. Алармантно ниво на ПМ-10 честички вчера било регистрирано и во Струмица (206,12 µg/m3), Кичево (179, 96 µg/m3) и скопска општина Гази Баба (150,34 µg/m3). За потсетување, дозволената среднодневна концентрација на ПМ-10 честички во воздухот е 50 микрограми на метар кубен.

И утрово жителите на Скопје дишат опасен воздух. Податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух покажуваат дека присуството на ПМ-10 честички во воздухот е алармантно во Центар, каде мерната станица во 10 часот измерила 170,2 микрограми на метар кубен, додека овие загадувачки честички во Лисиче во истиот период изнесувале 159,1 микрограми на метар кубен. Ова претставува високо ниво на аерозагадување. Присуство на ПМ-10 честички во воздухот од над 100 микрограми на метар кубен утрово се измерени и на другите мерни станици во Скопје.

Смог утрово се дише и во Струмица, каде во 10 часот се измерени концентрации на ПМ-10 честички од загрижувачки 263,3 микрограми на метар кубен. Во Охрид се измерени дури 197,2 µg/m3, додека во Тетово е регистрирано присуство на ПМ-10 во износ од 116,85 микрограми на метар кубен.

Колку за потсетување, владата ги активира мерките за заштита од зголемено загадување на воздухот доколку во два последователни дена присуството на ПМ-10 честички во воздухот биде над 150 микрограми на метар кубен. Ова е т.н. праг за алармирање. Од утрово прагот за алармирање е надминат во Струмица и во Кичево.

Прагот на информирање, пак, се вклучува кога е регистрирано надминување на вредноста на ПМ-10 честичките од 100 микрограми на метар кубен (µg/m3) во текот на два последователни денови. Прагот за информирање е надминат во Центар, Гази Баба, Ѓорче Петров, Тетово, Прилеп и Кавадарци. Ако оваа состојба продолжи, во овие општини веќе од утре ќе биде надминат и прагот за алармирање.

Она што особено загрижува се и високите концентрации на ПМ-2.5 честички во воздухот, кои се најопасни. Максимално дозволените среднодневни вредности треба да бидат до 25 микрограми на метар кубен. Сепак, утрово на мерната станица Лисиче во Скопје се измерени 67,9 микрограми на метар кубен ПМ-2.5 честички. Во Ѓорче Петров е измерена концентрација од дури 106,99 микрограми на метар кубен. Високи концентрации на ПМ-2.5 честички од мерните станици на Министерството за животна средина се регистрирани утрово и во Струмица, Битола и Тетово.

Мерните станици во Центар, Карпош и Ректорат, како и во Прилеп, Охрид, Берово и Гевгелија, воопшто не обезбедуваат податоци за концентрации на ПМ-2.5 честички.

Надлежните власти препорачуваат:

  • Да се користи јавниот превоз;
  • Без поголема потреба да не се користат возила;
  • Повеќе лица да се возат со едно возило во исто време;
  • За затоплување на простории да не се користи прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и било каков синтетички материјал;
  • Правилно да се користат печките за дрва (види брошура).

Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје препорачуваат ограничени движења и активности на отворен простор на најранливата популација (деца, стари лица, болни од хоронични болести на белодробниот и срцевиот садовен систем, со посебен ризик за болните од бeлодробна астма), но и за лицата кои својот професионален ангажман го обавуваат на отворен простор во загадените зони на градот.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Џафери: Новата генерација полициски службеници со амбиција за напредок ја гради сликата за професионална полиција

Џафери: Новата генерација полициски службеници со амбиција за напредок ја гради сликата за професионална полиција

Претседателот на Владата, Талат Џафери, денеска во Центарот за обука на МВР присуствуваше и се …