Следи судско сценарио меѓу продукцијата „Банана филм“ и Агенцијата за филм

Следи судско сценарио меѓу продукцијата „Банана филм“ и Агенцијата за филм

Продукцијата „Банана филм” тврди дека ниту една надлежна институција не открила неправилности во нивната работа и моментално нема започнати постапки против нив

Откако Агенцијата за филм поднесе кривична пријава против продукцијата „Банана филм“, правниот тим на режисерот Милчо Манчевски најави тужби и кривични пријави за кршење на законот по повеќе основи, за попречување на професионална работа, за замолчување укажувач на корупција и за клевета.

„Агенцијата за филм лаже дека инспекцијата на Министерството за култура нашла неправилности во работата на „Банана филм“, за да го дефокусира вниманието од нејзиното незаконско работење и како одмазда затоа што нивниот криминал е пријавен до надлежните институции“, наведено е во писмото кое продукцијата го испрати до медиумите. 

Од друга страна, според Агенцијата за филм, пријавата која е поднесена до Основното јавно обвинителство се базира на документи од инспекцијата на Министерството за култура, кои откриваат неправилности во исплатите со јавни средства и недостиг на финансиски извештаи и Финансиската полиција започнала предистрага поради сомнеж за незаконско работење.

За филмот „Мајки“, според Агенцијата за филм финалниот извештај за потрошените 55 милиони денари и други средства не бил доставен, иако било барано од Филмскиот фонд, поради договор за финансирање пред да се донесе одлука за тоа. За филмот „Врба“, се истражува потеклото на значителната сума пари кои се пренесени надвор од земјата, бидејќи постои сомнеж дека биле пренесени преку друга фирма во сопственост на Манчевски, кој работел на развојот на проектот откако филмот веќе бил завршен.

Сè додека случајот со кривичната пријава не се разреши и додека Финансиската полиција не донесе одлука, Агенцијата за филм привремено ги прекинала исплатите за завршениот филм на Манчевски, „Кајмак“ и не потпишала преддоговор за неговиот најнов филм, „Биста“, за кој беа одделени 28 милиони денари.

Продукцијата „Банана филм”, контра овие обвиненија тврди дека ниту една надлежна институција не открила неправилности во нивната работа и моментално нема започнати постапки против нив. Напротив, повеќе институции веќе заклучиле дека Агенцијата за филм работи нелегално.

Според Записникот на инспекцијата на Министерството за култура од 4 април 2023 година, инспекторот јасно и недвосмислено утврдил дека нема неправилности во  работата на „Банана филм“, поради што и ја запрел постапката за инспекциски надзор. Записникот вели: „Не е утврдено ненаменско или спротивно на договорот користење на средства добиени од Агенцијата за филм, од причина што корисникот на средствата се придржувал кон финансискиот и оперативен план согласно Законот за филмска дејност“, велат од продукцијата на Манчевски. 

Тие потсетуваат дека филмовите на „Банана филм“ се резултат на меѓународни соработки и добиваат позитивни оценки преку домашни и странски ревизии, како и преку паневропскиот фонд „Еуримаж“ и инспекциите на Министерството за култура. Истакнуваат дека добиле и позитивен извештај од истата Агенција за филмовите – „Мајки“ (2010), „Врба“ (2019) и „Кајмак“ (2022).

Прочитајте повеќе

Специјализантите започнаа штрајк: Беа слушнати само во времето на Филипче

Специјализантите започнаа штрајк: Беа слушнати само во времето на Филипче

Специјализантите подолго време преку јавни настапи, протести и генерален штрајк, што го започнаа денеска, бараат …