Случај онкологија – Обвинителството ветува брза, но не и брзоплета истрага

Случај онкологија – Обвинителството ветува брза, но не и брзоплета истрага

До обвинителството веќе се доставуваат пријави од поранешни пациенти на онкологија. Пациенти за РСЕ сведочат дека бројот на пријави секојдневно расте. Од Обвинителството велат дека не прифаќаат ултиматуми и рокови, но го прифаќаат барањето тројца пациенти да имаат увид во истрагата.

Истрагата за случајот со Клиниката на Онкологија ќе се води брзо, но не и брзоплето, велат од Јавното обвинителство за Радио Слободна Европа.

Ова беше одговорот на Обвинителството дали денеска ќе излезат со нови детали за обвинувањата во медиумите за злоупотреби и препродавање на терапијата непходна за болните од рак на Онкологија, откако на протест на 4 септември, граѓани, пациенти и роднини на пациенти на Онкологија, побараа во рок од седум дена Обвинителството да се произнесе.

Рокот од една недела истече денеска, за кога граѓаните најавија и нов протест, а Обвинителството денеска сепак нема да излезе со нови информации за случајот кој се уште е во предистражна постапка.

ОЈОНе се врзуваме за никакви ултиматуми

Не се врзуваме за никакви ултиматуми, единствени рокови за нас се оние пропишани во Законот за кривична постапка (ЗКП), велат од Обвинителството за Радио Слободна Европа и уверуваат дека ќе се врши опсежна и детална истрага.

„Истрагата на ОЈО за овој случај ќе биде брза, но не и брзоплета. Потребно е детално и објективно да се истражат сите обвинувања, а откако ќе имаме конкретни сознанија, ќе излеземе во јавноста со повеќе детали“, додаваат од Обвинителството.

На 2 септември обвинителството отвори предистражна постапка за Клиниката за онкологија, а беше извршен претрес во Клиниката и на уште две локации во приватни станови во Скопје, од каде информираа дека се одземени компјутери, компјутерски податоци и друга документација кои ќе бидат предмет на анализа и вештачење.

Од тогаш од Обвинителството постојано апелираат дека активно се работи на случајот и тврдат дека разрешница и евентуална одговорност за овој случај ќе има.

Пациенти ќе имаат увид во постапката која ја води ОЈО

Пред денешниот протест пак, Обвинителството излезе со соопштение дека по одржаната средба со пациенти на 7 септември, сега тие ќе побараат тројца онколошки пациенти да учествуваат во понатамошната постапка, односно да имаат увид во процесот кој се води за овој случај.

„Обвинителството денеска ќе побара од неформалната организација преку која пациентите ги изнесуваат своите барања да избере тројца онколошки пациенти кои во текот на целата постапка ќе имаат директен увид во прибраните докази и во преземените дејствија. Пациентите ќе треба претходно да потпишат изјави со кои ќе се гарантира тајноста на постапката и на личните податоци во кои ќе имаат увид. Начинот на избор на пациентите е оставен на нивните претставници кои го изнесоа ваквото барање“, стои во соопштението на Обвинителство.

Оттаму додадоа и дека надлежниот јавен обвинител денеска контактирал околу 10-тина граѓани, токму во врска со овој случај.

Пациенти даваа исказ во Обвинителството

„Минатиот четврток тројца пациенти дадовме исказ во обвинителството. Многу пациенти и роднини секојдневно испраќаат нови пријави до обвинителството, немаме конкретна бројка, бидејќи таа постојано расте“, вели Анжелика Колева за РСЕ, која беше дел од малата група онколошки пациенти кои протестираа минатиот понеделник пред Обвинителството.

Пациентите кои беа повикани во Обвинителството, по давањето на исказот, за медиумите рекоа дека им било кажано оти поради обемот и сериозноста на случајот, тој се наоѓа во предистрага и на него веќе работат двајца јавни обвинители.

„Нè осигураа дека доколку текот на истрагата побара и трет обвинител, тој ќе биде повикан и ќе биде дел од оваа истрага, се со цел да може да се покријат што е можно повеќе историина пациенти“, изјави за медиумите пациентката Ане Маријановиќ, откако била повикана да сведочи во обвинителството.

Јавното обвинителство пак, набргу откако случајот беше објавен во медиумите, ги охрабри сите граѓани кои имаат сознанија во врска со препродавањето лекови на онкологија, истите веднаш да ги пријават.

Од Обвинителството тогаш информираа и дека во истрагата се вклучени и помагаат членови од раководството на Клиниката за онкологија, но и друг медицински персонал, а уверуваа и дека сите наводи ќе бидат истражени и сите евентуални сторители на кривични дела ќе бидат соодветно гонети.

Случајот со онкологија отвори сомнежи кај пациентите

Револтот пак кај граѓаните не престанува да расте, посебно откако многу поранешни пациенти на Онкологија јавно и во медиумите ги искажаа своите сомнежи за лекувањето на оваа Клиника.

Токму скандалот на онкологија објавен во медиумите ги врати сеќавањата за голготата која Трајче Китановски од Скопје ги поминал таму со својата мајка, која на клиниката се лекувала од рак, а која починала пред само неколку месеци.

Китановски за РСЕ вели дека на онкологија владее вистински хаос – непримерен однос на медицинските сестри, доцнење на лекови и терапии неопходни за третирање канцер, повеќечасовно чекање и кратки и површни прегледи.

„Кога и мајка ми да одеше кај нејзиниот прв онколог прегледите беа површни. Кога мајка ми му кажа на докторот дека има нов израсток на телото, тој ниту се помести од столчето да види што е работата, туку само и кажа дека тоа не е ништо и брзо ќе и помине. Прегледот кај овој онколог секогаш траеше по две минути, дури кога отидовме кај друг онколог видовме што е вистински онколошки преглед – по 20 до 30 минути. Друг проблем беше и немањето на лекови. Замислете, за мајка ми чекавме четири месеци за да ја добие терапијата која требаше да ја прима секој ден. Имаше луѓе кои додека чекаа со нас за прегледи или за скенер, ни кажуваа дека терапијата која и беше неопходна за мајка ми ја има, но дека се продава под рака само на оние кои имаат многу пари“, раскажува Китановски.

Китановски вели тој не може да обвинува дали некој ги злоупотребувал лековите, но истакнува дека сомнежите, кои и тогаш ги имал додека со месеци ја чекал терапијата за неговата мајка, сега, откако скандалот се објави и во медиумите, вели се уште поголеми и ќе бара надлежните органи да го испитаат случајот до крај.

Вечерва нов протест, шест барања се на маса

По една недела од првиот протест, вечерва со почеток од 18 часот, граѓани повторно ќе се соберат најпрво пред Владата, а потоа и пред Собранието, од каде повторно ќе побараат одговори од надлежните институции.

Вечерашниот протест го организира неформалната организација „Протест против убиството на Онкологија“, а вечерва пред Влада ќе ги претстават своите барања, кои меѓу другото вклучуваат и да се истражи евентуалната инволвираност на поранешниот директор на Онкологија Нино Васев, ексминистерот за здравство Венко Филипче и целосна ревизија на работата на Клиниката за Онкологија.

Најавениот протест пред Влада се очекува да продолжи и пред Обвинителство, каде како и пред една недела, демонстрантите ќе бараат одговори и разрешница за скандалот на Онкологија.

Истрагата на Клиниката уследи откако неделникот „Фокус“ на 17 август објави текст за разработена криминална бизнис мрежа на скопската Клиника за онкологија за препродавање на лекови. Во текстот беше наведено и дека во оваа шема биле вклучени повеќе доктори и медицински персонал на клиниката.

Според пишувањето на неделникот, скапата биолошка терапија за болните од рак се препродавала на црниот пазар, односно според неофицијални информации, на Косово. Дел од обвинувањата се и дека наместо имунолошка терапија со цитостатици, болни од рак на Клиниката за онкологија, всушност примале физиолошки раствор.

„Слободен печат“ потоа објави и дека Клиниката за онкологија во 2017 година го набавила системот КАТО, кој оневозможува да се манипулира со имунолошката терапија со цитостатици, но истиот веќе шест години е повлечен од функција и се чува во подрум.

Сите овие обвинувања го разбудија гневот во јавноста за случувањата на онкологија, па од тогаш речиси секојдневно се бараат имиња на одговорните лица и разрешница на овој случај.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Ќе го урнат ли Мицкоски и Мицотакис Преспанскиот договор

Ќе го урнат ли Мицкоски и Мицотакис Преспанскиот договор

Добра волја за пошироко толкување на Преспанскиот договор нема ниту партијата која ќе го предводи …