кривичен суд

Случај „Титаник“: Затворски казни за Јанакиески и Јанкулоска, условна за Протоѓер

Во Основниот Кривичен суд – Скопје денеска беа објавени пресудите за обвинетите кои признаа вина во случајот „Титаник“.

Поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески е осуден на единствена казна затвор во траење од 4 години и 6 месеци, а поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска на казна затвор од 2 и пол години.

На казна затвор во траење од 3 години е осуден Коста Митроски, поранешен претседател на изборна комисија во Центар, а Мунир Пепиќ, поранешен вработен во Агенција за разузнавање, на 1 година затвор.

Условни казни добија Мартин Протoѓер, поранешен генерален секретар на Владата и на ВМРО-ДПМНЕ, Билјана Бришковска-Бошкоски, поранешна заменик-министерка за правда, Катерина Веловска и Кирил Тодоровски, поранешен шеф на кабинет во МВР и поранешен вработен во разузнавање.

На денешното изрекување на пресудата, судијата Шабани во судницата читал одделно што правеле обвинетите: кражба на лични податоци на граѓани за да ги присилуваат некои да гласаат, а на други им се заканувале на денот на избори да не излегуваат да гласаат, други ги терале да донираат незаконски за партијата, трети краделе избирачки материјали и сл.

Судијата Шабани по име и презиме ги читал и увезените гласачи од Пустец, сите до еден 625 на број. Злосторничкото здружение ги донело, им дале на незаконит начин лични карти, ги распоредиле во Избирачкиот список како жители на Центар, Кичево и Ресен, т.е. на места каде фалеле гласачи на ВМРО-ДПМНЕ.

Првообвинет во „Титаник“, творец и организатор на злосторничкото здружение, е избеганиот Никола Груевски, обвинет дополнително и за повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

За останатите обвинети кои не се чувствуваат виновни, меѓу кои и за Никола Груевски, Илија Димовски, Кирил Божиновски, Едмонд Темелко и останатите, судењето продолжува на 9 март.

Прочитајте повеќе

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Од ОБСЕ/ОДИХР велат дека гласачите имале простор за избор, но реториката станала многу негативна како …