Собранието го усвои буџетот за 2021 тежок 4 милијарди евра

Собранието го усвои буџетот за 2021 тежок 4 милијарди евра

Собранието го усвои буџетот за 2021 година, без присуство на опозицијата која ја напушти салата по обвинувањата дека буџетот е неразвоен.

Од Министерството за финансии информираат дека ова е прв среднорочен буџет со очекување за раст на економијата догодина од 4,1 проценти и намалување на буџетскиот дефицит за 3,6 процентни поени во однос на годинешниот.

Како што беше истакнато при презентирање на буџетот, главни цели се зачувување на здравјето на граѓаните, здравјето на економијата и забрзан раст и структурни реформи.

„Буџетот има три главни приоритети – здравство, економија и зачувување на стабилноста на работните места, владеење на правото и интеграции. Капиталните инвестиции се 26,2 проценти повисоки од актуелниот буџет, 3,4 проценти од БДП или просек кој во подобрите години го имаше нашата земја. За здравството имаме 100 милиони евра повеќе во однос на 2019 година или 40 милиони евра во однос на тековната година. Во образованието имаме зголемување на капиталните инвестиции четирикратно. За наредната година со сите предизвици предвидени се средства и за сузбивање на Ковид-кризата доколку има потреба,“ рече министерот за финансии Фатмир Бесими.

Во буџетот има издвоено средства за поддршка и на граѓаните и на стопанството, така за: здравство има издвоено 664 милиони евра, социјална заштита 1,47 милијарди евра, образование 465 милиони евра, а за развој на економијата 1,141 милијарди евра.

Вкупните приходи на буџетот за 2021 година се планирани на ниво од 212,6 милијарди денари и истите се за 8,3 проценти повисоки во однос на вториот ребаланс 2020 година, додека расходите се планирани на ниво од 247,5 милијарди денари или за 2,1 проценти пониско во однос на вториот ребаланс 2020 година. Со тоа буџетскиот дефицит е проектиран на 4,9 проценти, или речиси двојно пониско во однос на оваа година.

Во текот на собраниската расправа за буџетот прифатени се 18 амандмани со кои се обезбедени дополнителни средства за енергетска ефикасност – мерката за набавка на енергетски ефикасни прозорци и врати за домаќинства, за формирање еколошки зони, за акредитација на централна лабораторија за животна средина, за земјоделска опрема за мали семејни винари, за комунална инфраструктура во повеќе населени места, за социјални надоместоци за стечајни работници и за изградба и реконструкција на две училишта во Гостивар.

Пратениците на опозицијата ја напуштија расправата за буџетот, а според нив истиот е неразвоен.

„Буџетот за 2021 година е неразвоен, не е насочен кон граѓаните и создава додадена вредност. СДСМ планира да троши стотици милиони без да каже на што. Заев одвојува дури 641 милион евра за други трансфери, а никој не знае каде одат овие пари. Ваквото расипништво ќе биде проследено со високо задолжување. За две години владата ќе се задолжи за 1 милијарда и 600 милиони евра. И додека се троши на се и сешто. Пари за здравството нема. Средствата за здравството се непроменети во однос на 2020 година,“ се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Ова е првиот усвоен среднорочен буџет и се базира на три платформи фискална консолидација, која до 2025 година треба да го сведе буџетскиот дефицит на 2 проценти, или под Мастришкиот критериум. Втората платформа е Стратегија за заздравување и забрзан економски раст, која треба да го удвои растот во следниот период со стапки од 4-5 проценти и План за јавни инвестиции 2021-2025, во насока на зголемување на учеството на инвестициите во вкупните расходи и подобрување на нивната реализација.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Советот за човекови права на ОН ќе расправа за состојбата со човековите права во Северна Македонија

Советот за човекови права на ОН ќе расправа за состојбата со човековите права во Северна Македонија

Работната група на Советот за човекови права на Обединетите Нации (ОН), денеска (2 мај) во …