Соочување со реалноста во Србија и во Македонија

Она што е заедничко за Србија и Северна Македонија е да се отвори силен демократски процес за сузбивање на омразата и на примитивизмот, како најплодно тло за лагите и манипулациите со јавноста.

Пишува: Ерол Ризаов

Во Србија и во Северна Македонија истовремено се одвиваат два исклучително значајни историски процеси од пресудно значење за иднината на двете соседни балкански држави и народи. Србија е на нозе од соочување со реалноста по најновиот француско – германски предлог Договор за односите со Косово. Членството во ЕУ и одмрзнување на започнатите преговори  кај нашите соседи наеднаш станува поважно од одамна изгубеното Косово. Во Македонија историските процеси одат во обратна насока, да се урнат веќе добиените позиции за членство во ЕУ кое станува помалку важно од новиот бран лажен патриотизам, а всушност националистички вознес, предрасуди и примитивизам.

Србија се подготвува да го прифати притисокот од надвор и во интерес на идните генерации да ја проголта големата крастава жаба, а Северна Македонија притисната одвнатре, од самата себе, да ја поврати и оживее одново големата „крекетуша“ која толку болно ја проголта со склучените и ратификувани договори за добрососедство со Грција и со Бугарија. Ако двете држави ги одбијат европските  предлози, одат во изолација која неминовно води кон сиромаштија, дестабилизација, воени кофликти и распаѓање.

Што содржи француско- германскиот предлог

Во белградски „Данас“ веќе е објавенфранцуско-германскиот предлог Договор во десет точки кои предвидуваат Србија да не се противи на членството на Косово во која било меѓународна организација, член 4 од Договорот. Тоа подразбира членство на Косово во ОН, во ЕУ, во НАТО  или било која друга организација. Тоа е најголемиот камен на препнување кој треба да се прескокне, односно да се прифати, а во замена за тоа Србија да обезбеди Заедница на српските општини на Косово со тоа што двете страни ги потврдуваат обврските за спроведување на сите претходни договори каде е содржана и обврската за заштита на Србите на Косово со високи права на локалната самоуправа еднаква на земјите во Европа.

Другите членови од Договорот ги регулираат нормите на добрососедски односи врз основа на еднакви права, а споровите да се решаваат по мирен пат. Двете страни ја прифаќаат и обврската меѓусебно да ги поддржуваат аспирациите за членство во ЕУ. Предвиден е и посебен пакет на финансиска поддршка.

Со член 7 од Договорот се обезбедува високо ниво на заштита  на српското верско и културно наследство на Косово во согласност на нормите на ЕУ.

Толку за српскиот Ерусалим и колевката на српството што до вчера беше незамисливо да се прифати. Не случајно претседателот Вучиќ, по добивањето на француско-германскиот предлог прво замина на средба со поглаварот на СПЦ, патријархот Порфириј. Српската црква треба да ја одигра најважната улога за француско-германскиот предлог Договор да не се претвори во предавство на националните и државни интереси и жестока поделба на предавници и патриоти која ќе се наметне наредните денови во Србија, во меѓупартиската пресметка која е на повидок. Еден дел од опозицијата веќе дава поддршка со зборовите: „признавањето на Косово е злосторство, но членството во ЕУ е поважно за идните генерации. Најголемата опасност за нови делби и омрази е наметнувањето на референдумско изјаснување.

Српскиот претседател Александар Вучиќ и претставникот на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел
Српскиот претседател Александар Вучиќ и претставникот на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел

Признавање за храброста на Македонија

Како Србија ќе излезе од оваа сложена ситуација станува исклучително важно за целиот регион. Се разбира, особено и за Македонија. Прифаќањето на компромис и на определбата за членство во ЕУ како најважно капитално и стратегиско достигнување е директно признавање на храброста и компромисните одлуки што ги направи Македонија. Одлуки, кои во еден период кај ова исто раководство на Србија беа изложени на потсмев.

А, кај нас беше, и се уште е аргумент на опозицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ како национално предавство и обезличување на Македонија на што се налепија и академските средини и јавни личности. Тоа деновиве на некој начин го призна и претседателот Александар Вучиќ, кој е најсаканиот  политичар во Македонија. Тој во Давос на Светскиот економски форум даде една изјава која помина речиси незабележано кај нас  кога ги спореди барањата на моќните европски држави и Америка од Македонија и од Србија за влез во ЕУ. Од Македонија, рече, се бараат национални отстапки, од Србија територијални.

Тешко е да се одреди што е пострашно: да се изгуби територија од 10.000 квадратни километри речиси колку половина Македонија, или да се смени името на државата од Република Македонија во Република Северна Македонија. Но, ако  се разјасни  конкретно за какви реални отстапки  станува збор, тогаш, се открива она што се прикриваше, а сите го знаеја  во Србија  и од страна на  власта и од самиот Вучиќ и неговата партија и од комплетната српска разединета  опозиција што му донесе со тврдиот став за Косово на Вучиќ повеќе изборни мандати.

Територијата на Косово како српска постои само во српскиот устав. Таа е изгубена пред многу години. Според некои современи историчари, Косово е изгубено пред повеќе од сто години, за на крајот да биде и една од причините за распадот на Југославија. Сега Србија го губи она што одамна е загубено, но ја добива гаранцијата за остварување на своите стратегиски цели: членството во ЕУ и побрз сестран развој, како и заштита на српското население на Косово и на своето верско и културно наследство.

Македонија изгуби само драгоцено време кое најскапо чини
Македонија изгуби само драгоцено време кое најскапо чини

Македонија ништо не изгуби освен скапоцено време

Што загуби Македонија со уште една додавка на суштинското име Репблика Македонија покрај  повеќето додавки што ги имаше во изминатите 79 години од основањето на првата современа држава со  АСНОМ 1944 година. Прво како федерална, потоа како народна, па социјалистичка, па поранешна југословенска. Во споредба со она што го доби како членка на НАТО, компромисот за името е далеку од предавство на националните интереси.

Ништо не е изгубено ни од идентитетските посебности, ниту македонскиот јазик, ниту националната припадност, ниту пак една педа од територијата на државата. Македонија изгуби само драгоцено време кое најскапо чини. Со членството во ЕУ паѓаат во вода и застрашувањата со губење на историското  минато и наводната опасност од бугаризација и асимилација на македонскиот народ. Напротив идентитетските посебности на Македонците со членството во ЕУ само ќе се зајакнат и ќе добијат уште поголема меѓународна афирмација. Тие процеси веќе се засилени.

Она што е заедничко за Србија и за Северна Македонија, со забрзување на преговорите со ЕУ и со прифаќање и реализација на договорите со соседите, е да се отвори силен демократски процес за сузбивање на омразата, на примитивизмот, на предрасудите, сиромаштијата, што се заедно е најплодно тло за лагите и манипулациите со јавноста. Наместо постојано откривање на непријатели и предавници, да ги откриваме европските вредности, кои ги содржат и одговорноста за грешките и злоупотребите. Сите држави од Западен Балкан имаат историска шанса, имајќи ги предвид сегашните геостратегиски интереси, да станат европски во вистинска  смисла на зборот.

Прочитајте повеќе

Вакцини

Дали на Македонија и се заканува и епидемија на морбили?

Големиот процент на невакцинирани деца ја враќа опасноста од ширење на заразни болести. СЗО предупредува …