Минатата недела, украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека Владимир Путин планира да поттикне обновен конфликт во поранешна Југославија
Неуспехот на земјите од поранешната Југославија да се справат со конфликтите од минатото, може да има катастрофални последици за човековите права и потенцијално да доведе до нови конфликти во регионот, вели извештај на Советот на Европа.
Гардијан пренесува дека во извештајот, објавен од комесарот за човекови права на Советот, Дуња Мијатовиќ, се вели дека регионот многу години назадувал во барањето правда и одговорност за бруталните војни од 1990 години во Хрватска, Босна и Косово каде загинаа повеќе од 130.000 луѓе.
Влијанието на правните откритија по тие војни, како што е формирањето на Трибуналот за воени злосторства во Хаг, апсењето и осудувањето на многу политички и воени лидери одговорни за масовните убиства, почнуваат да бледнеат и неказнивостa се враќа, велат во извештајот.
Во него стои и дека етнонационалистите се политички доминантни во регионот, промовирајќи говор на омраза, негирање на геноцид и други злосторства.
„По судските процеси во Хаг, повеќето од луѓето кои отслужија казна и беа препознаени како воени злосторници се враќаат во своите заедници како херои, што сметам дека е поразително. Уште полошо, поделбите и омразата што ги предводеа војните во 1990 години се враќаат и повторно добиваат сила“ кажува Мијатовиќ.
Исто така, минатата недела, украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека Владимир Путин планира да поттикне обновен конфликт во поранешна Југославија.
Во својот извештај, Мијатовиќ, која ќе ја напушти функцијата во март, кажува дека Руската поддршка за српските десничарски активисти и организации е повеќеслојна и дека се протега од поддршка за онлајн активности до воена обука.
„Обратете внимание на Балканот. Верувајте ми, добиваме информаци. Русија има долг план: Блискиот исток, па второто одвлекување на вниманието ќе биде Балканот. Ако земјите во светот не направат ништо сега, повторно ќе има таква експлозија“, рече Зеленски.