Средба Анѓушев - Дончев: Се интензивираат економската соработка и бизнис релациите помеѓу Македонија и Бугарија

Средба Анѓушев – Дончев: Се интензивираат економската соработка и бизнис релациите помеѓу Македонија и Бугарија

Во пресрет на одржувањето на првиот македонско-бугарскиот бизнис форум „Македонија-Бугарија 2019“, во Владата на Република Македонија се одржа билатерална средба помеѓу заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев кој беше придружуван од заменик министерот за економија, Кире Наумов и потпретседателот на Советот на Министри на Република Бугарија, Томислав Дончев кој предводеше делегација во состав заменик министер за економија, Александар Манолев и заменик министер за туризам, Љубен Канчев.

Во главниот фокус на разговорите беше продлабочувањето на економската соработка и бизнис релациите помеѓу двете земји во 2019 како важен предуслов за продолжување на трендот на зголемување на обемот на трговска размена, што претставува придобивка од потпишувањето на Договорот за соработка, добрососедство и пријателство помеѓу двете земји.

„Дозволете ми да ви се заблагодарам за големата поддршка што Република Бугарија ни ја дава на нашиот пат за зачленување во НАТО и ЕУ. Потпишаниот Договор за добрососедство, соработка и пријателство покажа дека имаме пријател кој сака да не види во ЕУ И НАТО. Сега, откако ги решивме отворените политички прашања е идеално време да се посветиме на економијата. Очекувам и во иднина да се зголемува економската соработка помеѓу двете земји, организирањето на прв македонско – бугарски бизнис форум на почетокот на годината е убав сигнал за компаниите од двете земји“, истакна вицепремиерот Анѓушев.

Потпретседателот на Советот на Министри на Република Бугарија, Томислав Дончев нагласи дека развивањето на добрососедските односи има значајно влијание во зголемувањето на соработката во повеќе сектори и порача дека двете влади треба да му помогнат на бизнисот со тоа што ќе работат на надминување на проблемите со кои се соочуваат компаниите во двете земји.

На средбата се споделија размислувања и за првиот бизнис форум „Македонија-Бугарија 2019“, којшто се организира на иницијатива на заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев и потпретседателот на Советот на Министри на Република Бугарија, Томислав Дончев, на којшто се очекува присуство на претставници на преку 50 компании од Република Бугарија и уште поголем број на претставници на македонски компании.

Прочитајте повеќе

Ковачевски: Како што Делчев и Илинденците не се откажале, така и ние не треба да се откажеме од борбата за подобра Македонија

Ковачевски: Како што Делчев и Илинденците не се откажале, така и ние не треба да се откажеме од борбата за подобра Македонија

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, испрати порака со оддавање почит и слава …