Средба Бочварски – Ксифарас: Ги отвораме прашањата за заеднички гранични премини и поврзан систем за плаќање патарини

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски оствари билатерална средба со Јоанис Ксифарас, кој ја предводеше грчката делегација во име на Министерството за инфраструктура и транспорт на Република Грција.

Тие на средбата ја потврдија добрата соработка помеѓу Северна Македонија и Грција и разговараа во однос на заедничките заложби за европска интеграција на регионот.

Министерот Бочварски ја потенцираше важноста на зголемување на соработката во делот на железничкиот сообраќај и поврзувањето на Битола со Месонисон, во Грција.

Исто така двајцата разговараа за отворање на зелени коридори на граничните премини, како и можноста за интероперабилност на патарините.

„Разговаравме и разменивме искуства за процесите на олеснување и подобрување на транспортот помеѓу нашите земји, а дадовме и фокус на продлабочување на соработката, особено во делот на туризмот и патничкиот транспорт. Ја отворив темата за отворање на граничниот премин Маркова Нога, како и модернизација на останатите заеднички гранични премини. Северна Македонија работи активно за интеграција и членство во Европската Унија, а поддршката од нашите соседи е  и повеќе од добредојдена.“ – изјави министерот Бочварски.

Билатералната средба помеѓу министерот Бочварски и државниот секретар Ксифарас е во рамките на Министерскиот совет, кој овие два дена се одржува во Скопје.

Прочитајте повеќе

Фондацијата Метаморфозис со конкурс за годишна награда „Илија Жупаноски“ за справување со дезинформации

Ќе бидат доделени две годишни награди во две категории: Најдобар новинарски труд, односно стручен труд …