За стекнување на правото за финансиска поддршка на ученици од основното, односно средното образование чии семејства имаат вкупни месечни приходи од нето плата до 50.000 денари, Министерството за образование и наука објавува повик на својата веб-страница, којшто е предвидено да трае 7 дена од денот на објавувањето, а заедно со повикот да бидат објавени и соодветните документи за пријава.
Пријавата се поднесува во училиштето во кое ученикот е запишан. За учениците кои не се пријавиле или не ги исполниле условите за добивање финансиска поддршка на претходните повици, предвидено е Министерството за образование и наука секој месец да објавува повик, најдоцна до 5-от ден во месецот, а којшто повик трае 7 дена од денот на објавувањето.
За стекнување на правото за финансиска поддршка на студенти кои живеат надвор од местото на студирање, предвидено е Министерството за образование и наука да објави повик на својата веб-страница во времетраење од 7 дена од денот на објавувањето. За добивање на финансиската поддршка, студентот се пријавува на апликацијата e-uslugi.mon.gov.mk и внесува и приложува податоци и докази што се посочени како потребни.
Министерството за образование и наука, по извршената проверка на податоците и доказите, во рок од 5 работни дена од денот на пријавувањето на студентот за добивање на финансиската поддршка, ќе утврди статус на прифатено или одбиено барање за финансиска поддршка во самата апликација.
За студентите кои не се пријавиле или не ги исполниле условите за добивање на финансиската поддршка на претходните повици, предвидено е Министерството за образование и наука да објавува повик секој месец, во времетраење од 7 дена од денот на објавувањето, а најдоцна до 5-от ден во месецот. Во Предлогот на закон е предвидена обврска на државните универзитети, секој месец, најдоцна до 10-ти во месецот, до Министерството за образование и наука да доставуваат список на редовни студенти за претходниот месец, со цел проверка на податоците.
Целта на Предлогот на закон за финансиска поддршка на социјално ранливи категории на граѓани, за справување со енергетската и ценовната криза е обезбедување финансиска поддршка за социјално ранливите категории на граѓани.