Во рамките на официјалната посета на Република Србија, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Џафери, се сретна и со претседателката на Владата на Република Србија, г-ѓа Ана Брнабиќ.
На средбата, заедничка констатација беше дека развојот на билатералните односи, регионалната и мултилатералната соработка се на навистина задоволително ниво и дека има интензивирање на меѓусебните посети на различни нивоа. Тоа особено има добиено на динамика по тешкиот период кој што и двете земји го оставија зад себе, период во кој што имаше застој во развојот на регионалната соработка и подобрувањето на односите со соседите од опкружувањето и пошироко, но, се чини дека по нивното надминување, се удвојуваат напорите за поправање на таа слика за регионот.
Претседателот Џафери рече дека Берлинскиот процес е навистина добра основа за инфрастуктурно поврзување, запознавајќи ја притоа премиерката Брнабиќ за активностите и проектите кои се во тек или се веќе завршени во нашата земја во контекст на коридорите 8 и 10. По минатогодишното потпишување на Договорот за добрососедство со Бугарија, веќе можат да се видат резултатите кои покажуваат три пати поголема економската размена.
Во продолжение, претседателот на Собранието изрази очекување и надеж дека ќе ги започнеме преговорите за влез во ЕУ и ќе добиеме покана за влез во НАТО, а додека трае процесот на ратификација на договорот во земјите членки, ќе се најде и соодветно прифатливо решение за спорот со Република Грција. Тој истакна дека враќањето на опозицијата во работата на Собранието и усогласувањето во однос на потребниот реформскиот пакет на закони е добра вест а потврда за тоа е и започнувањето на дијалогот со опозицијата во рамките на Дијалогот Жан Моне што се одржа во Охрид и на чија агенда беше етичкиот кодекс и Деловникот а стана збор и за можните идни теми на дијалогот, при што финансиската, административна и безбедносна самостојност на Собранието се ставија на прв план, затоа што тоа би придонело да се избегнат стапиците на условување и потчинетост на законодавната власт во однос на другите власти.
Претседателот Џафери ги подржа позитивните ставови во однос на развојот на соработката и заедничкото дејствување во процесот на евроинтеграцијата и можностите за заедничкиот настап на трети пазари, како и поддршката на дијалогот меѓу Република Србија и Република Косово.
Тој го поздрави формирањето на заедничкиот Македонско – Српскиот совет на стопанските комори на двете држави и рече дека секоја можност која придонесува кон развојот на соработката на билатерално и регионално ниво, ќе биде поддржана.
Претседателот Џафери ја истакна потребата од отварањето на граничниот премин Миратовци – Лојане за да се олесни комуникацијата за секојдневните потреби на тамошното локално население, бидејќи ние сме должни да работиме за доброто на нашите граѓани.