Претседателот на Владата, Зоран Заев, придружуван од министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) Томислав Тунтев, денеска, се сретнаа со Патрик Ки, извршен директор на Европската агенција за воздухопловна безбедност (ЕАСА).
На состанокот, позитивно беше оценета соработката меѓу ЕАСА и АЦВ, во насока на промовирање и постигнување на највисоките заеднички стандарди за безбедност во цивилното воздухопловство.
Соговорниците ја истакнаа исклучителната важност на усогласеноста на домашната законодавна регулатива со меѓународните стандарди во соодветната област.
Се разговараше и за активностите кои Агенцијата за цивилно воздухопловство ги презема во однос на почитувањето на условите за безбедност како предуслов за овозможување ефикасен и одржлив воздухопловен развој на државата.
Беше истакната важноста на соработката во поглед на едукацијата и стручното усовршување на воздухопловниот кадар, во насока на континуирано почитување на условите и стандардите, со цел, достигнување на поголема атрактивност за остварување на економски стабилен и просперитетен воздушен сообраќај и транспорт.