Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска го прими претседателот на Националниот совет на Парламентот на Република Австрија, Волфганг Соботка.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Северна Македонија и Австрија, при што беше оценето дека двете држави негуваат одлични билатерални односи во повеќе сфери од заеднички интерес.
Претседателот Пендаровски изрази очекување за натамошно интензивирање на соработката меѓу парламентите на двете држави, како важен аспект во јакнењето на меѓудржавната соработка.
На средбата претседателот Пендаровски ја истакна важноста на силната, безрезервна и принципиелна австриска поддршка за европската перспектива на Северна Македонија и на регионот. Во тој контекст, претседателот Пендаровски изрази очекување дека наскоро, по донесувањето на новата методологија за водење на пристапни преговори, ќе биде одреден датум за почетокот на пристапните преговори за членство во Унијата, што е во интерес на стабилноста на регионот и на Европската Унија.
Претседателот Пендаровски и претседателот на Националниот совет на австрискиот парламент, Соботка, разменија мислења и информации и за актуелните состојби во регионот, како и за предизвиците коишто произлегуваат од нелегалната миграција.