Субвенционираниот студентски оброк ќе се исплаќа како минатата година, системското решение ќе почека

Субвенционираниот студентски оброк ќе се исплаќа како минатата година, системското решение ќе почека

Преодното решение за исплата на субвенционираниот студентски оброк што важеше минатата година ќе се примени и на почетокот од академската 2022/2023. Тоа значи дека студентите и понатаму средствата за оброк ќе ги добиваат на своите трансакциски сметки на месечно ниво, наместо секојдневно да плаќаат кај угостители преку специјализирана картичка или мобилна апликација, како што беше предвидено.

Системското решение за исплата на субвенционираниот оброк сепак ќе почека до некои подобри времиња. Законот донесен во 2020 година предвидува студентите да купуваат оброци во точно утврдени периоди од месецот и во денот, кај регистрирани даватели на услугата кои би се избрале преку јавен повик и кои студентските оброци би ги продавале по цени пониски од редовните.

Пратеничката Моника Зајкова од Либерално-демократската партија која беше предлагач на Законот за субвенциониран студентски оброк, вели дека преодната одредба ќе важи и во новиот семестар затоа што конкурсот за студентите веќе доцни, а системското решение дополнително би го одложило објавувањето на истиот. Така, во случај на примена на оригиналниот закон, посочува Зајкова, постои можност средствата за оброк за месецот октомври да „пропаднат“ бидејќи студентите нема да можат да ги искористат во наредниот месец.

„Преодната одредба ќе важи сѐ до воспоставување на системското решение, но не подоцна од започнување на академската 2022/23, а во тој преоден период МОН ќе ги исплаќа средствата на трансакциска сметка како и минатата година. Се работи интензивно на донесување на законот, младите пратеници од Собранието и Министерството за образование и наука се во коорднација, се досредуваат законските одредби, се очекува законското решение да влезе во собраниска постапка деновиве кои следат и правиме сѐ за законот да се усвои што поскоро“, вели Зајкова за „Мета.мк“.

Нема да се менува ниту износот на субвенционираниот оброк. Студентите и понатаму ќе добиваат по 120 денари за секој работен ден во месецот.

До усвојувањето на законот останува да се види дали годинава МОН ќе наметне поинакви услови за тоа кои студенти ќе можат да бидат корисници на оваа мерка.

Минатата година субвенциониран студентски оброк земаа сите редовни студенти запишани на додипломски студии на државните и приватните универзитети во земјава. Услов беше студентите да не се во редовен работен однос, да не се регистрирани како индивидуални земјоделци и да немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето плата.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Филмски факт: Вистинскиот настан што го инспирирал „Пред дождот“ на Милчо Манчевски

Филмски факт: Вистинскиот настан што го инспирирал „Пред дождот“ на Милчо Манчевски

Гала премиерата на реставрирана копија на филмот „Пред дождот“, што се одржа на 9 декември …