Судир на патриотската десница

Судир на патриотската десница

Во претседателската трка во патриотскиот дел од рингот има шестмина, а во еден ќош од него е само еден „борец“, кој повеќе се потпира на либерални ставови. Кампањата ќе биде возбудлива .

Пишува: Љупчо Поповски

Она што пред пет-шест месеци изгледаше само борба за датум за избори (парламентарните да бидат заедно со вториот круг од претседателските) и политичко надмудрување меѓу власта и опозицијата, сега се претвора во извонреден изборен спектакл. Тогаш изгледаше дека парламентарните избори ќе служат и како генератор за валидноста на вториот круг на гласањето за избор на шеф на државата и дека претседателската трка ќе биде веројатно повторување на дуелот на истите двајца актери од пред пет години (што значи, ќе се слушаат во голема мерка познатите наративи).

Но од пред десетина дена тоа веќе не е така. Во некоја рака изгледа дека кампањата за претседателските избори може да биде дури и повозбудлива од онаа за изборот на пратеници.

Како што стојат работите со потписите седуммина кандидати ќе бидат запишани на гласачкото ливче за 24 април. Исто тако што беше на оние веќе историски претседателски избори во 2009. Само што има големи разлики не само во однос на профилот на кандидатите, туку и во наративот што одамна се наѕира. Тоа ќе биде битка во која, повеќе или помалку, шестмина ќе бидат во оној, да го наречеме, патриотски дел од рингот, а во еден ќош од него ќе има само еден „борец“, кој повеќе се потпира на либерални ставови.

Ова изгледа како логичен резултат од движењето на општественото ткиво кон популистичката десница, а во некои случаи и подалеку оттаму. Тоа е последица не само на блокадата на Бугарија, ниту пак на францускиот предлог, ниту пак на разочарувањата во низа од Европската унија.

Седум кандидати за претседателските избори најверојатно успешно ќе ги соберат неопходните 10 илјади потписи
Седум кандидати за претседателските избори по сѐ изгледа успешно ќе ги соберат неопходните 10 илјади потписи

Тоа е еден поширок феномен, кој има некои допирни точки со порастот на популизмот и екстремната десница во Европа, но изгледа посуштински дека моментот на конвергенцијата е разбирањето оти демократијата, онаква каква што ја знаеме (во македонскиот случај комплицирана и поради меѓуетничките односи) можеби не е идеалното решение за развој на општеството. И дека некое цврсто раководење може да донесе поголема добробит и можеби побрз развој. Се разбира, во име на народот.

Правото да се живее во минатото

Во тој амбиент глорификацијата на наводната храброст, херојското минато, непопустливоста и чувството на загрозеноста на нацијата или етникумот се појавува на површина и лесно броди.

Да се послужиме со изјавата на Михаил Подољак, советникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, околу причините зошто Русија изврши агресија на Украина и да ја обликуваме како парафраза. Подољак пред извесно време рече: „Русија не се бори за земјата. Таа се бори за своето право да живее во минатото“.

Тоа е отприлика така во македонската политика, а и подлабоко во општеството. Пред пет години Гордана Силјановска-Давкова загуби на претседателските избори од Стево Пендаровски. И во двата круга – во првиот со само 4.000 гласа, а во вториот со 58.000. Па, сепак, партијата што ја предложи за функцијата ги напрегна сите сили да се „бори за своето право да живее во минатото“ и иако формално го прифати фактот дека Пендаровски е претседател без да има забелешки на изборниот процес, во основа таа не го признаваше неговиот легитимитет, затоа што не е од нејзините редови.

Така беше и со парламентарните избори во 2020. Во првите часови на изборната ноќ ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека ќе има мнозинство од седум пратеници, но кога се испостави дека тоа е пораз со две места четири години таа ги третираше победниците на изборите како „узурпатори“ кои го зазеле нивното „природно право“ да раководат со државата. И дека само тие се предодредени да го водат народот. И ќе го забават развојот на државата додека тие не се вратат на власт.

Колку е веројатна реприза на 2019 година кога Гордана Силјановска-Давкова и Стево Пендаровски водеа изборна битка во вториот круг на претседателските избори?
Колку е веројатна реприза на 2019 година кога Гордана Силјановска-Давкова и Стево Пендаровски водеа изборна битка во вториот круг на претседателските избори?

Извонредниот професор Јан-Вернер Милер, професор по политика на Универзитетот Принстон, и веројатно најголем авторитет во истражувањето на популизмот, тоа го објаснува вака:

„Оваа тактика на одолговлекување – не е нелегална, но очигледно нелегитимна – е дел од загрижувачкиот тренд на демократски избори, при што партијата која губи одбива да го прифати поразот. Постојат многу посуптилни стратегии за негирање на резултатите од изборите. Тие се спроведуваат тивко во канцелариите, наместо во насилни судири со полицијата. Протагонистите не се членови на милиции или хулигани облечени во боите на националниот фудбалски тим, туку умни адвокати кои ги туркаат правилата на играта до нивните граници – што научниците го нарекуваат ‘автократски легализам’“.

Прочитајте повеќе

Ковачевски: СДСМ е силна партија, стожер на демократијата во државата

Ковачевски: СДСМ е силна партија, стожер на демократијата во државата

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, во синоќешното интервју во „Тема на денот“ …