Основниот кривичен суд Скопје дозволи повторување на судската постапка за приведениот поранешен прв цариник Драган Даравелски. Даравелски беше осуден со правосилна пресуда во мај 2007 година на 7 години затвор за злоупотреба на службената положба и овластувања. Пресудата беше потврдена и од Апелациониот суд Скопје во март 2008 година, по што стана правосилна, но Даравелски не заврши во затвор зашто беше во бегство.
Судот соопшти дека по разгледување на барањето на одбраната на Даравелски, ги разгледал судските списи и донел решение со кое барањето го третира како основано, а причина за тоа е што на осудениот му се судело во отсуство.
Скопското обвинителство се жалелно, но Апелација ја потврдила одлуката на судот за која денеска ќе биде известен и затворот Идризово.
На 10 јануари, тој беше приведен на граничниот премин Табановце, на влез во Македонија, по што беше однесен во затворот Идризово.
Од судот велат дека кривичната постапка против обвинетиот Драган Даравелски не е запрена односно со конкретното решение се дозволува повторување на постапката и ќе биде оформен нов предмет кој ќе биде распределен на понатамошно постапување.
Даравелски беше осуден со правосилна судска пресуда за проневера на 2,5 милиони евра, додека беше директор на Царинската управа, во време кога премиер беше Љубчо Георгиевски, меѓу 1998 и 2002 година. Веднаш по промената на власта започна истрага против него и беа поднесени повеќе кривични пријави за злоупотреба на службената должност и овластување, при што беше отворена истражна постапка.
Тој во меѓувреме замина за Србија, па беше осуден во отсуство на 7 години затвор и беше наредена конфискација на негов имот во вредност на штетата што ја направил на државата.
Во 2016 година Даравелски помина извесно време во екстрадициски притвор во Белград, но во меѓувреме стана државјанин на Србија и не беше испорачан во Македонија.
Извор: Радио Слободна Европа