Сугарески: Градиме нов водовод во Радовиш, веќе нема да има рестрикции на вода

Сугарески: Градиме нов водовод во Радовиш, веќе нема да има рестрикции на вода

Реализираме еден приоритетен проект за Радовиш со кој ќе обезбедиме константна и навремена дистрибуција на вода до граѓаните. Проектот е со вредност од 860 илјади евра и предвидува изградба на цевковод и резервори за вода во неколку населени места во општината, истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески при денешната посета на општина Радовиш, каде заедно со градоначалникот на Радовиш, Герасим Конзулов извршија увид во изградбата на водоводна мрежа и резервоари за вода.

Според Договорот, изградбата на водоводот треба да биде завршена во март 2020 година.

Проектот се реализира со поддршка на КФВ банката и буџетски средства, а покрај Радовиш, опфаќа подобрување на водоснабдувањето и во Кавадарци, Гевгелија и Гостивар и е со вкупна вредност од 13,8 милиони евра.

Според министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески општина Радовиш е избрана да влезе во проектот поради огромната потреба на граѓаните да бидат снабдени со квалитетна и константна диструбуција на вода.

„Јас, како министер, особено се залагам за реализација на проекти за изградба и подобрување на комуналната инфраструктура, бидејќи не  можам да прифатам граѓаните да немаат аоодветно водоснабдување и канализација во 21 век. Очекувам со изградбата на овие резервоари водата констатно да биде достапна до сите домаќинства и ги уверувам граѓаните да бидат спокојни, бидејќи ќе им се реши еден горлив проблем со кој се соочувале со години, нема да има повеќе рестрикции на вода“ – изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Тој потенцираше дека Владата е максимално посветена на развојот на Источниот и Југоисточниот регион и притоа ги спомена инвестициите кои се реализираат во патната инфраструктура.

Во овој регион интензивно работиме на изградба на експресниот пат Штип-Радовиш, завршивме со реконструкција на регионалниот пат Штип-Радовиш, како и со реконструкција на патните првци од Радовиш до Подареш и Конче. Исто така, започнавме и со реконструкција на делницата од Радовиш до Струмица, со што сите државни патишта кои гравитираат околу Радовиш ќе бидат рехабилитирани. Најавивме економска година, интензивно работиме на реализација на инфраструктурни проекти, а резултатите се веќе видливи“ – изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Градоначалникот на општина Радовиш, Герасим Конзулов, истакна дека на средбата со министерот Сугарески разговарале за инфраструктурните проекти кои се реализираат во општината со поддршка на централната власт, но и за проекти кои општината ги спроведува самостојно.

„Со сите проекти кои се реализираат во општината и сите кои се планирани да започнат, граѓаните на Радовиш можат да бидат сигурни дека не се заборавени. Имаме огромна поддршка од централната власт за реализација на крупни капитални проекти и заеднички работиме за подобар живот на граѓаните. Нашата општина влезе во проектот за изградба на локални патишта, со што од Министерството за транспорт и врски ќе добиеме поддршка во висина од преку 1 милион евра кои ќе бидат наменети за изградба на локални патишта на места каде до денес немаше начин да стигне освен со трактор“ – изјави градоначалникот на општина Радовиш, Герасим Конзулов.

Прочитајте повеќе

Обвинителството го обжали куќниот притвор за Асмир Јахоски

Обвинителството го обжали куќниот притвор за Асмир Јахоски

Незадоволно од ваквата одлука, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во …