Одделението за криминалистичка полиција при СВР Битола на 07.07.2022 поднесе кривична пријава по член 236 од КЗ против Ѓ.З.(31) од Битола. Тој бил баран по централен распис од СВР Битола, поради сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“ по член 236 од Кривичниот законик. Во координација со полициски службеници од СВР Охрид тој бил лишен од слобода во еден сместувачки објект на подрачјето на Охрид, при што извршени се и претреси. Притоа, кај него биле пронајдени пари (во различни апоени и валути) и повеќе други предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело како и алати и средства погодни за извршување на кривични дела -тешки кражби, како и прашкаста материја. Истиот бил приведен во полициска станица, спроведен до Основен суд Битола и одредена му е мерка притвор во траење до 30 дена.
Во изминатите шест месеци од оваа година, полициските службеници на Секторот за внатрешни работи Битола привеле 31 лицe кои со судски наредби се барале за издржување и доиздржување на затворски казни на подрачјето на СВР Битола.
Најголемиот број од нив биле спроведени во Казнено-поправната установа Затвор „Битола“, а биле осудени на затворски казни за имотни деликти, „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични средства, психотропни супстанци и прекурсори“ и за други кривични дела.