цигара пушење

СЗО: Половина од македонските граѓани пушат во просек по 18 цигари на ден

Најновите истражувања, кои беа презентирани денеска, повторно го потврдија фактот дека С. Македонија е една од земјите со највисока преваленца на пушење тутун во европскиот регион на Светската здравствена организација. Речиси половина од возрасната популација пуши редовно цигари, а 70 отсто од нив започнале да пушат на возраст до 21 година. Пушачите, просечно пушат по 18 цигари на ден – речиси по едно пакетче.

Ова го соопштија денеска од Канцеларијата на СЗО во Македонија, која во соработка со Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје и Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) одржа национална презентација на резултатите од студиите за бихевиоралните и културолошки аспекти за употребата и откажувањето од тутунот во Македонија, како и презентација на случајот со инвестициите во тутунот во Македонија. Настанот беше организиран во пресрет на Светскиот ден без тутун, 31 Мај.

СЗО потсети на опасностите по здравјето кои ги предизвикува пушењето и препорача сеопфатни активности за подобрување на политиките за ограничување на употребата на тутун кај населението и намалувањето на значителниот товар врз здравствениот систем на земјата.

Mинистерот за здравство, д-р Фатмир Меџити, рече дека студиите покажуваат дека пушењето и употребата на тутун во нашата држава е на загрижувачки високо ниво, односно половина од населението пуши цигари секојдневно.

„Во таа насока, со нашите партнери, разгледуваме и креирање нови, специфични активности за поддршка на спроведувањето на Рамковната конвенција за контрола на тутунот, врз основа на ставовите на здравствените работници и на населението“, рече Меџити.

Наодите од истражувањето ја потенцираат потребата од заземање пристап каде што луѓето се во центарот на вниманието, за да се разберат бариерите и двигателите за употребата на тутун, вклучувајќи ги улогата и искуството на здравствените работници. Наодите од истражувањето ќе послужат како основа за препораки засновани на докази за намалување на потрошувачката на тутун во земјата. Наодите за увид во однесувањето и културата, пак, се дел од поширока група активности за подобрување на политиките за контрола на тутунот и нивното спроведување во Македонија.

Фото: СЗО, Скопје
Фото: СЗО, Скопје

Д-р Ане Јохансен, ја оцени Националната презентација како „исклучително значајна активност во правец на ефикасна и ефективна контрола, регулација, спроведување и де-нормализација на пушењето во Северна Македонија, која ќе помогне на државата да позиционира во групата европски држави кои имаат забележителни резултати во намалувањето на бројот на пушачи и уживатели на тутун.

Сузана Ахмети Јањиќ, раководителката на секторот за инклузивен просперитет во УНДП изјави: „УНДП, заеднo со СЗО и други меѓународни и национални институции посветено работи на развивање политики што ќе го намалат пушењето. Се надеваме дека фактите наведени во Студијата ќе предизвикаат координирани напори на сите одговорни институции за намалување на вкупните негативни ефекти од пушењето и употребата на тутун.“

Беа презентирани и наодите од случајот со инвестициите во тутунот во Северна Македонија, спроведен во соработка со УНДП.

Согласно глобалната стратегија за зајакнување на контролата на тутунот на СЗО (FCTC 2019), преку овие наоди се мерат трошоците и придобивките, и во здравствена и во економска смисла, од спроведувањето на деветте приоритетни мерки за контрола на тутунот и тоа: зголемување на даноците на тутунот, создавање јавни места во кои не се пуши, задолжително истакнување здравствени предупредувања на пакувањата на тутунот, зголемување на јавната свест за прашањата поврзани со контролата на тутунот, воведување на обична амбалажа на тутунските производи, спроведување на сеопфатна забрана за сите форми на рекламирање, промоција и спонзорство на тутун, промовирање на прекинот на употреба на тутун и третман на зависноста од тутун, зајакнување на забраната за продажба на тутунски производи на малолетни лица и зајакнување на надзорот на политиките за контрола на тутунот.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

полиција

Двајца приведени за убиството на лекарот во Железара

Две лица се приведени во врска со убиството на лекарот во скопската населба Железара, изјави …