Талевски: 274 милиони евра наменети за одбраната, за поефикасна и помотивирана Армија

Прес-конференција на Миле Талевски, пратеник на СДСМ

Почитувани граѓани,

Со предлог Буџетот за 2023 година, продолжуваат инвестициите во секторот одбрана и унапредување на условите за работа во Армијата, која е дел од НАТО.

Буџетот за одбраната за следната година е за 24,22 отсто поголем во однос на 2022 година и тој изнесува 1,87 отсто од БДП, односно 274 милиони евра.

Од овие предвидени средства една третина или 88,7 милиони евра се предвидени за модернизација на Армијата.

Во модернизацијата спаѓаат и набавките на лесни оклопни возила, системот за противвоздушна одбрана, набавка на информатичка опрема, опрема за сајбер одбрана и други средства.

Во секторот одбрана продолжува и реконструкцијата на објекти и инфраструктура на Армијата и тоа со 10 милиони евра повеќе од 2022 година, со акцент на повисоки еколошки стандарди на објектите.

Платите во Армијата постојано растат и денес, припадниците на Армијата имаат значително поголеми месечни примања.

Конкретно, ако во 2017 платата на професионален војник изнесувала 21.936 денари, денес таа, заедно со надоместот за станарина изнесува 38.512 денари.

Износот за надомест за станарина како месечен додаток на платата исто така е зголемен и тој изнесува 9.555 денари.

Сето ова придонесува за зголемен интерес за пристапување кон Армијата како атрактивно место за вработување.

Со претходно донесените измени на Законот за служба во Армијата се воведе и можноста за отпремнина на професионалните војници по навршување на 45-тата година старост во висина од 20-25 илјади евра.

Сето ова почитувани е доказ за грижата на парламентарното мнозинство и владата предводени од СДСМ кон Армијата и кон војниците и офицерите.

Тоа го потврдува и Буџетот за 2023 година, кој треба да биде донесен денеска.

Оттука, ги повикуваме сите пратеници да дадат поддршка, Буџетот за 2023 година да биде усвоен со што е можно повеќе гласови и уште еднаш како парламентарен состав да ја потврдиме грижата за нашите граѓани.

Прочитајте повеќе

Млади иноватори изработија мобилна апликација за помош на дијабетичари

Преку апликацијата ДИА, дијабетичарите секојдневно можат да внесуваат податоци поврзани со своето здравје и нивоата …