Тажни вести за новинарите: Граѓаните малку им веруваат и сметаат дека не се независни

Половина од анкетираните граѓани, или 50,4 проценти сметаат дека медиумите во Македонија се зависни, а само 15 отсто велат дека медиумите во земјава се независни, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење „Перцепции на граѓаните за медиумите и надворешната политика“, спроведено од ИПСОС Македонија, нарачано од Медиумската програма во Југоисточна Европа на Фондацијата „Конрад Аденауер“.

На прашањето колкава доверба имате во новинарите, во зависност од возрасната категорија на испитаниците, од 38 до 40 отсто од анкетираните одговориле дека имаат мала доверба или воопшто немаат доверба во новинарите. Само 14 проценти од испитаниците имаат голема доверба во работата на новинарите.

Граѓаните најчесто се информираат од телевизијата – 71 отсто, на второ место се социјалните мрежи – 46,9 проценти, од веб-страниците на јавните институции – 12,4, од радиото – 12, додека од печатените медиуми само 8,7 проценти.

Половина од анкетираните, 51,2 отсто, одговориле дека најмногу и веруваат на телевизијата како медиум, без одговор биле 28,1 отсто, на социјалните мрежи им веруваат 17,7 отсто, на веб-страниците на јавните институции 7 отсто, на содржините на радиото им веруваат 5,9 отсто, додека на печатените медиуми 4,6 проценти.

Иако телевизијата ужива голема доверба, 39 отсто од населението смета дека лажните вести и дезинформациите се дистрибуираат преку телевизијата, додека ова мислење е уште повисоко за социјалните мрежи, 44 отсто.

– Ова се тажни резултати за новинарството во Македонија. Истражувањето покажа дека има голем простор за подобрување во однос на независните медиуми, кои се централни точки во демократијата, меѓудругото и преку обуки и дообуки на новинарите – рече раководителот на Медиумската програма во Југоисточна Европа, Хендрик Зитих.

Извршниот директор на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) Драган Секуловски, рече дека овие резултати не се за изненадување, ја потврдуваат перцепцијата на медиумската заедница во Македонија и укажуваат на потребата за спроведување системски реформи на медиумите во Македонија како предуслов за создавање поповолна средина за работа на новинарите и медиумите.

– Власта треба да создаде амбиент во кој медиумите и новинарите ќе имаат услови да работат слободно, медиумите и новинарите треба да служат на граѓаните а не на властите, а пак граѓаните треба критички да ја набљудуваат работата на медиумите и кога истите се непрофесионални треба да реагираат – вели Секуловски.

Тој наведе неколку препораки за враќање на довербата кај новинарите, а тоа е да се каже стоп на насилството кон новинарите и практиката на неказнивост, реформи за подобрување на законската регулатива на МРТ и комерцијалните медиуми, промоција на професионалното новинарство, промоција на медиумската саморегулација и продолжување на соработката меѓу новинарите и граѓанскиот сектор со цел враќање на довербата.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

медицина лекар

Младите лекари добија зелено светло – почнуваат со платената пракса што ја чекаа со месеци

Битката на младите лекари конечно вроди со плод – Министерството за финансии одобри средства за …