Технолошките гиганти се соочуваат со нови правила во ЕУ

Технолошките гиганти се соочуваат со нови правила во ЕУ

Eвропската Унија ги претстави двата нацрт-закони кои подразбираат специфични регулативи што ќе имаат за цел да ја ограничат моќта на глобалните технолошки компании на европскиот пазар.

Од двата предложени закони, еден се однесува на нелегалните содржини, а вториот на антиконкурентското однесување на компаниите и сето ова е предвидено да биде поддржано од закани за казни и до неколку милијарди долари.

Во претставените закони не се споменува ниту една конкретна компанија, но начинот на кој се изготвени укажува дека тие најверојатно ќе важат за неколку големи американски технолошки компании како „Гугл“ (Google), „Амазон“ (Amazon), „Епл“ (Apple) и „Фејсбук“ (Facebook). Сите овие компании би можеле да се соочат со големи казни доколку ги прекршат новите предложени правила.

Регулаторите ќе бидат овластени во одредени случаи да наметнуваат казни и до 10 отсто од глобалниот годишен приход на компаниите, или да им забранат на истите да делуваат на европскиот континент за да се спречат злоупотреби на конкуренцијата.

Новите правила кои се наведени во дватa нацрт-закони, и кои ги пренесоа повеќе европски и светски медиуми, предвидуваат што компаниите ќе можат, а што нема да можат да прават во рамки на нивното присуство во ЕУ. Меѓу другото, законите вклучуваат и правило според кое компаниите со над 45 милиони корисници во ЕУ ќе бидат предмет на построги регулативи. Платформите што ќе одбијат да се усогласат со новите правила и што ќе „ги загрозат животот и безбедноста на луѓето“ можат да се соочат со привремено прекинување на нивните услуги во ЕУ.

Нацрт-законите, исто така, предвидуваат технолошките компании однапред да ја известуваат Унијата за било какви планирани спојувања или преземања. Тоа значи дека доколку Фејсбук во иднина планира да купи некоја платформа, како што беше случајот со стекнувањето на „Инстаграм“ во 2012 и „Ватсап“ во 2014 година, тој ќе треба прво да ја извести Европската Унија за намерата, па потоа да се стекне со новата платформа. Дополнително, компаниите ќе бидат должни да споделуваат одредени податоци со регулаторите и со конкурентите.

Шефицата за конкуренција на ЕУ, Маргарен Вестагер рече дека новите правила на блокот ќе имаат за цел да воведат ред во хаосот и да го решат прашањето за моќта на технолошките гиганти кои доминираат на пазарот.

„Законот за дигитални услуги и Законот за дигитални пазари ќе создадат безбедни и доверливи услуги, истовремено заштитувајќи ја слободата на изразување“, соопшти Вестагер на нејзиниот Твитер профил.

 

Процесот за донесување на новите закони се очекува да трае неколку месеци, а сличен закон се подготвува и во Велика Британија, која ја напушти Европската Унија.

Технолошките гиганти претпазливо реагираа на новите предлог-закони. Од Фејсбук изјавија дека ги поздравуваат предложените правила и дека предлозите се „на добар пат да помогнат да се зачува она што е добро за интернетот“.

Од „Гугл“, пак, ги критикуваа нацрт-законите, тврдејќи дека тие се однесуваат само на одредени компании и најавија внимателно проучување на предлозите дадени од Европската Комисија.

Во последните неколку месеци САД и Европа изразуваат сè поголема загриженост за деловните практики на технолошките гиганти и за начинот на кој тие раководат со податоците на корисниците.

Во САД во тек е и случајот со антимонополската тужба против „Фејсбук“ за купувањето на „Инстаграм“ и „Ватсап“, во која технолошкиот гигант е обвинет дека го направил тоа за да ја елиминира конкуренцијата.

Сè поголеми се гласините и за можна истрага околу купувањето на „Јутјуб“ од страна на „Гугл“ во 2006 година.

Извор:МЕТА

 

Прочитајте повеќе

Илија Николовски Луј“ на Меѓународниот фестивал „Полихимниа“

Бројни награди за учениците од „Илија Николовски Луј“ на Меѓународниот фестивал „Полихимниа“

Трудот и работата на наставникот, смета професоро Колевски, која воопшто не е едноставна, е од …