Топловодните цевки од РЕК стигнаа до Битола, парно во 2025 година

Топловодните цевки од РЕК стигнаа до Битола, парно во 2025 година

Цевките кои ќе пренесуваат топлинска енергија од РЕК стигнаа до Битола. Првите приклучоци на централно греење во овој град се очекуваат веќе во 2025 година. Од Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) информираат дека започнале градежните активности за спроведување на топловодот во индустрискиот дел од градот.

Изградени се дванаесет километри од топловодната гранка од РЕК до Битола, информираше денеска директорот на Топлификација Битола, Горан Козаров од местото во чија непосредна близина ќе се гради постројката за дотоплување на водата на влезот од градот.

„Ова е проект кој се посакуваше 40 години, откако е изграден РЕК Битола. Проект кој по своето значење и големина се сврстува во рангот на изграбата на РЕК, на Стрежево и други капитални објекти кои суштински го промениле или го менуваат животот во Битола. Топлификацијата ќе донесе придобивки кои ќе ги почувствуваат сите граѓани“, рече Козаров.

Поставувањето на главниот топловод од РЕК до Битола е прва од трите фази за изградба на топлификацијата. Во втората фаза ќе се гради градската мрежа и разводните шахти, а потоа ќе се градат одземач на пареата и постројка за дотоплување на водата. Кога ќе се поставува мрежата низ градот, ќе мора да се ископаат некои од улиците или тротоарите, но потоа ќе бидат вратени во првобитна положба, за што се обезбедени финансиски средства, вели Козаров.

„Топловодот ќе биде разгранет на две гранки – едната по улица „Иван Милутиновиќ“, а другата по „Партизанска“. Најпрвин, ќе бидат приклучени 37 објекти, тоа се државни институции, судови, полиција, училишта, градинки, болницата, одредени загадувачи и објекти кои многу загадуваат и кои многу трошат за загревање. Трансмисијата на огромни количества на гасови и загревањето на тие институции чини многу пари. Потоа, мрежата ќе се разгранува низ градот“, рече Козаров.

За проектот Топлификација на Битола, Могила и Новаци се користи кредит од германската KFW банка во вредност од над 40 милиони евра, а дополнително АД ЕСМ инвестира 7 милиони евра сопствени средства.

Прочитајте повеќе

Кривична пријава од СДСМ Прилеп за Јовчески

СДСМ Прилеп: Кривична пријава за градоначалникот Јовчески заради незаконски потпишан анекс на Договор за јавна набавка

Прес-конференција на Моника Грашеска Илиеска, координатор на советничката група на СДСМ и Коалицијата во Советот …