„Трамвајот на тркала“ ќе се гради со 70 милиони евра заем од ЕБОР, рокот за изведба е крајот на 2025 година

„Трамвајот на тркала“ ќе се гради со 70 милиони евра заем од ЕБОР, рокот за изведба е крајот на 2025 година

Најдоцна до крајот на 2024 година во Скопје ќе треба да профункционира линијата од Ново Лисиче до Ѓорче Петров на брзиот автобуски систем (БАС) во Скопје, додека втората линија од „трамвајот на тркала“ ќе се пушти во употреба во 2025 година. Ова го најави скопскиот градоначалник Петре Шилегов, кој денеска заедно со министрите за финансии Фатмир Бесими и транспорт и врски Благој Бочварски го потпишаа договорот за заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во висина од 70 милиони евра.

Иако договор за заем за „трамвајот на тркала“ веќе е потпишан, изработката на основниот проект допрва ќе се реализира и ќе биде вклучена во тендерската постапка што летово ќе се објави, а ќе биде финансирана од ЕБОР. Досега се изработувал идејниот проект и пропратната документација.

„Екипите на Градот Скопје и на Јавното сообраќајно претпријатие досега работеа на подготовка на техничката документација за овој систем. Идејното сообраќајно решение веќе е изработено од стручњаците од Битола, Скопје, Белград, Лондон и Брисел и ќе претставува основ за тендерската документација која што набавка очекувам дека ќе ја започнеме во текот на ова лето“, изјави градоначалникот Шилегов.

Шилегов вети дека идејното сообраќајно решение ќе ѝ биде претставено на јавноста пред распишувањето на тендерот за реализацијата на првата БАС линија од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, од страна на консултантите од ЕБОР и стручњаците кои Градот Скопје ги ангажирал. Овој документ веќе е предаден на верификација на консултантите на ЕБОР.

Во однос на самото функционирање на брзиот автобуски систем, Шилегов денеска најави дека автобуските постојки од „трамвајот на тркала“ ќе бидат од затворен тип, што би значело дека валидацијата на билетите ќе се врши пред влезот на патниците на самата постојка. Исто така, планирано е да се изгради „топла врска“ помеѓу Железничката станица во Скопје и првата БАС линија, која ќе им овозможи на граѓаните директно од пероните да се префрлат во автобусите.

Во однос на цената на билетите во скопскиот јавен превоз, градоначалникот Шилегов засега немаше конкретен одговор дали тие би поскапеле, но појасни дека двете БАС линии ќе бидат интегрирани во скопскиот јавен превоз. Ќе се работи на посебен систем за билети, кој ќе се изработува паралелно со имплементацијата на „трамвајот на тркала“. Целта е на граѓаните да им се овозможат поголеми број на билети, кои ќе бидат поразновидни, како што е на пример билетот за користење на јавниот превоз во времетраење од 1 час.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски изјави дека двете БАС линии меѓу Ново Лисиче и Ѓорче Петров, како и помеѓу Пинтија и Скопје Север, кога ќе профункционираат, треба да ја подобрат ефикасноста и економичноста на скопскиот јавен превоз, но и да се намали загадувањето на воздухот бидејќи граѓаните помалку би ги користеле автомобилите за своите патувања.

Бочварски рече дека Министерството за транспорт и врски и Градот Скопје се во фаза на изработка на целокупната техничка документација, за што тој вети дека ќе се работи со стручните лица за да се направи најдоброто можно решение за брзиот автобуски систем.

Претставникот на ЕБОР одговорен за нашата земја, Анри Аранитаси изјави дека согласно плановите, новиот систем на БАС предвидува намалување на емисијата на јаглероден моноксид од над 95 отсто, на ПМ честичките за приближно 90 отсто и нитроген оксид и јаглероден диоксид за најмалку една четвртина.

Кредитот од ЕБОР ќе се повлече во две транши. Првата во висина од 47,6 милиони евра треба да служи за изведба на линијата од Ново Лисиче до Ѓорче Петров. Втората транша која е предвидено да се повлече во 2023 година, кога ќе се распише тендерот за реализација на линијата од населбата Пинтија до населбата Скопје Север, за што треба да се издвојат 22,4 милиони евра.

Со кредитот треба да се набават нископодни автобуси на природен гас, 26 возила за првата линија и 22 возила за втората линија. Воедно, со средствата треба да се изградат две нови депоа во Ново Лисиче и во рамките на постојното депо во Ѓорче Петров, да се направат интервенции во инфраструктурата на скопските булевари и улици, да се изградат автобуските постојки и да се имплементираат посебни софтверски решенија за автоматизирано функционирање на системот.

Очекувањата се целокупниот систем со две БАС линии во Скопје да биде функционален во 2025 година. Шилегов накратко спомена и за промената на постојните градско-приградски линии од скопскиот јавен превоз, коишто во иднина ќе служат за да ги доведат патниците до самите БАС линии, каде што ќе се врши трансферот на патници. Сепак, повеќе детали за ова тој најави во самата презентација на проектот.

Кредитот од ЕБОР е со рок на отплата од 15 години, со вклучен грејс период од 4 години. Банката ќе додели и неповратен грант од 1,5 милиони евра за техничка поддршка на Градот Скопје и на Министерството за транспорт и врски. Министерот за транспорт и врски информираше дека во неговото министерство ќе се работи и на нова студија за развој на урбаниот транспорт во Скопје.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Царинска управа колаж медикаменти

Царинска управа: Спречен шверц на 1,7 тони медикаменти штетни по здравјето на граѓаните

Царински службеници на влез на Меѓународен Аеродром Скопје спречија шверц на 1,7 тони медикаменти, Силденафил …