Во полициска акција по наредба на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција приведени се тројца осомничени за кои постои основано сомнение дека првоосомничениот сторил две продолжени кривични дела и тоа кривично дело – Родосквернавење и кривично дело Трговија со дете, додека останатите двајца осомничени сториле продолжено кривично дело Трговија со дете.
Обвинителството соопшти дека првоосомничениот, кој е татко на шест деца, од кои на три малолетни девојчиња, искористувајќи исти прилики во подолг временски период извршувал обљуба со една од своите малолетни ќерки. Во исто време второосомничената злоупотребувајќи ја својата положба, како мајка на детето кое не наполнило 14 години, го подведувала девојчето да врши полови дејствија за паричен надомест со третоосомничениот.
Според информациите од надлежните служби, мајката му го носела девојчето на третоосомничениот, во неговата куќа и за паричен надомест од по 2.000,00 денари, а понекогаш од по 500,00 денари, ја принудувала да се соблекува и да има сексуални односи со него. Доколку детето – одбиело, мајката употребувала физичка сила.
„Првоосомничениот злоупотребувајќи ја својата положба како татко, ја продал својата ќерка, на маж од Косово кој го пронашол преку интернет. Откако бил исплатен паричен надомест од 3.000,00 евра, девојчето било однесено во Косово заради склучување на присилен брак. По два месеци тоа дошло на гости кај нејзините родители, а првоосомничениот со оправдување дека било многу далеку не ја вратил во Косово и продолжил да врши обљуба врз својата малолетна ќерка“, наведено е во соопштението на ОЈО.
Малолетните девојчиња од семејството се згрижени во Центарот за социјални работи во Скопје, а мајката, таткото и човекот кој вршел полови дејствија врз детето се изведени пред судија по што им е определен притвор во траење од 30 дена. Обвинителството ќе продолжи да истражува дали биле злоупотребувани и другите нивни ќерки.
За кривичните дела Родосквернавење и трговија со малолетно лице (Член во Кривичниот законик во кој е земен предвид и присилен брак) за кои се товарат осомничените е предвидена казна затвор во траење од најмалку 10 години, односно 12 години.