Речиси 60 отсто од младите не знаат дека имаат право на младински додаток

Речиси 60 отсто од младите не знаат дека имаат право на младински додаток

Само 10 отсто од младите во земјава се добро запознаени со Законот за младински додаток, додека пак 33 отсто од нив имаат слушнато за овој закон. Речиси 60 отсто од младите не знаат дека имаат право на младински додаток, беше истакнато на конференцијата „Право на младински додаток – Информирај се за твоите работнички права“ што се одржа денеска во рамките на кампањата „Право на младински додаток“.

Зоран Илиевски, извршен директор на Коалицијата на младински организации СЕГА рече дека од почетокот на кампањата во август годинава до денес, бројот на корисници на младински додаток се зголемил за 140.

Ѓорѓи Тасев, советник за млади и младински политики на конференцијата појасни дека за годинава е издвоен буџет од 100 милиони денари за 4.000 млади кои може да ја искористат можноста за младински додаток.

„Сеопфатна максимална искористеност на мерката е можна само ако се прави преку локалните економски совети, општините и невладините организации кои работат во оваа сфера. Она што сметам дека е битно е мерката да биде децентрализирана за да биде афирмирана од крајните корисници т.е. младите“, изјави Тасев.

Миле Бошков, извршен претседател на Бизнис конфедерацијата на Македонија на конференцијата зборуваше за менталниот склоп на младите, кои иднината ја гледаат надвор, но и за незадоволството на младите од платите и скромниот систем на информирање како проблеми за незаинтересираноста на младите за младински додаток.

„Во однос на унапредување на мерката, треба да се види дали е важно помошта да се зголеми дури и скалесто за руралните средини или според примања, па можеби и треба да се размислува за поместување на границата од 23 години“, изјави Миле Бошков.

На настанот учествуваа претставници на институции, како што се Агенцијата за вработување, Бизнис Конфедерацијата, Конфедерацијата на Слободни Синдикати, Агенцијата за млади и спорт, претставници на граѓански организации и млади на возраст од 15 до 29 години.

Национална кампања „Право на младински додаток“ се спроведува во периодот од август – декември 2021 година, со цел информирање на младите и работодавците за корисноста и придобивките од Законот за младински додаток.

Поддржувачи на истата се: Конфедерација на Слободни Синдикати (КСС), Бизнис Конфедерација (БК), Инфо Компас Прилеп. Партнери во спроведувањето на кампањата се: Bintern, Network for European Citizenship and Identity North Macedonia – NECI NMK, Младински Совет Прилеп, Организација на жените – ОЖО – Свети Николе, ЛАГ Агро Лидер и Волонтерски Центар Скопје.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Вебинар онлајн

Порано само читавме онлајн, сега животот го мигрираме онлајн

Правете бекап на дигиталните податоци, бидејќи ако чувате сè на лаптоп и ако случајно се …