Голем дел од долгоочекуваните закони за прашањето за дигитализацијата, електронските услуги, меритократијата, вработувањата во текот на 2023 година се финализирани и усвоени од Владата, но сè уште не се изгласани од Собранието, кое има мандат до пролет, се вели во анализата на Порталб за реформите во јавната администрација
Северна Македонија оваа година доби „жолт картон“ или оценка „3“ од Европската Комисија за реформите во јавната администрација. Голем дел од долгоочекуваните закони за прашањето за дигитализацијата, електронските услуги, меритократијата, вработувањата во текот на 2023 година се финализирани и усвоени од Владата, но сè уште не се изгласани од Собранието, кое има мандат до пролет. На крстопат е заглавен законот за професионални директори, кој треба да ја регулира постапката за избор на директори, за истата да се врши според релевантни критериуми, а не врз основа на меѓупартиските коалиции, пишува Порталб.мк.
Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), кое е ресорот што раководи со процесите на реформите на јавната администрација и дигитализацијата, но и на медиумите, од 2008 година до денес имало на чело 6 министри. МИОА е едно од министерствата во кое министерот се менувал најчесто, во зависност од коалициските договори на владините партнери. Азир Алиу е најновиот министер во МИОА, шести по ред од 2008 година, кој беше назначен наместо Адмирим Алити. Во последните три години ова министерство имаше 3 министри, а од формирањето на таа фотелја седнале 2 кадри на ВМРО-ДПМНЕ, 1 на СДСМ, 1 на ДУИ, 1 на Алтернатива и од 28 февруари на чело е кадар на Алијансата за Албанците.
Во aнализата на Порталб.мк од Maлинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика, што се однесува на реформите во јавната администрација, се нагласува дека во делот на реформите во администрацијата остануваат критиките за (не)квалитетот на процесот на одлучување. Европската комисија се уште е „загрижена“ за системот на „Балансер“. Во споредба со другите земји од пакетот, Северна Македонија сериозно заостанува во дигитализацијата на услугите, чиј број се смета за „симболичен“.
Од друга страна, Реформата на јавната администрација (РЈА) за прв пат е дел од преговорите за членство во Европската Унија. Ристевска Joрданова во нејзината анализа заПорталб.мк за извештајот од процесот на скриниг на ЕУ, нагласува дека РСМ за степенот на подготвеност и усогласување со законодавството на ЕУ има добиено оценка 3 или дека е „умерено подготвена“.
Во извештајот се констатира дека е создадена стратешка рамка за реформа на јавната администрација, но од досегашното искуство, предупредува за обезбедување на континуитет и доследна имплементација. Препораката за усогласување со новата европска рамка за интероперабилност е повторена двапати.
Според анализата, постои ризик да се продолжи во маѓепсан круг на континуирани и избрзани законски измени, без да се постигне нивната цел. Практиката од 1999 година, кога беше донесена првата Стратегија за реформа на јавната администрација во рамките на процесот на европска интеграција, покажува многу чести законски измени, речиси сите со поддршка на ЕУ, но без реално да се постигнат посакуваните цели – ефикасна деполитизирана администрација која им служи на граѓаните и бизнисите. РЈА мора да донесе промени на подобро, како и да придонесе за институционална стабилност, нагласува Ристевска Јорданова.
Законите ветени долги години, чекаат итно усвојување во Собранието
Потребни беа седум години за да се подготват и да се усвојат во Владата дел од законите кои се неопходни за реформите во јавната администрација, пред сè за граѓаните на државата, но и за патот кон интеграцијата во Европската унија.
Станува збор за Законот за административните службеници, Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за безбедност на мрежите и информациските системи и дигиталната трансформација, Законот за менување и дополнување на Законот за електронско управување и електронски услуги, Законот за стручно усовршување и оспособување на административните службеници. Но, овие закони се усвоени само од Владата, а ќе треба да се изгласаат и во Собранието за да стапат на сила и да почнат да се спроведуваат реформите.
Сè уште не е усвоен долгоочекуваниот Закон за висока раководна служба, поточно за највисокото ниво на раководство или професионални директори. Во текот на оваа година имаше измена во првичната верзија која беше жестоко критикувана од граѓанскиот сектор.
Законот за административни службеници кој доколку се усвои, треба да стапи во сила во 2025 година, меѓу другото предвидува и друг начин при процедурата за вработување. Имено, со новиот закон, кандидатите кои ќе се вработат во администрацијата ќе бидат еднаш тестирани и во следните пет години ќе имаат можност да се кандидираат на различни конкурси. Меѓутоа, според предупредувањата, ова нема да биде единствениот тест, односно во втората фаза ќе има дополнителни тестирања.
Кај нас привремените вработувања речиси редовно се користат надвор од законот за да се вработат партиски милитанти, притоа избегнувајќи ја редовната процедура.
Ако се усвои Законот за вработените во јавниот сектор кој помина во Влада, ќе се регулира процедурата за вработување во институциите од јавниот сектор кои ги опфаќаат областа на образованието, здравството, администрацијата, локалната самоуправа, културата, судството, трудот и социјалната политика, транспортот и низа други институции. Со овој закон се предвидува од 2025 година веќе да нема привремени вработувања преку агенции.
Со закон, сите институции ќе имаат обврска да објавуваат јавни огласи за вработување и на нивните веб-страни, покрај веб-страната на Агенцијата за администрација.
Во Владата помина и Законот за сигурност на мрежите и информациските системи и дигиталната трансформација кој предвидува формирање на Агенција за дигитална трансформација, која се очекува да биде водечка институција во процесот на дигитализација. Доколку законот биде изгласан во Собрание, се очекува Агенцијата да почне со работа во 2024 година, а за ова се обезбедени буџетски средства. Со овој закон се предлага сите ИТ вработени во институциите да бидат префрлени во оваа Агенција, односно само физички да бидат во институциите каде што работат, а законски да се вработат во Агенцијата за дигитална трансформација.
За усвојување во Собраниеото ред чека и Законот за стручно усовршување и обука на државните службеници, кој предвидува формирање на нова институција и тоа Центар за стручно оспособување и обука на административни службеници со тематски области, што ќе биде целосно нов закон. Според законот, кој треба да стапи во сила во 2025 година, по вработувањето, административците ќе треба да посетуваат обука, а потоа да бидат тестирани писмено и усно. Доколку не ги положат тестовите им престанува работниот однос.
Тестирањето ќе го спроведе комисијата на обучувачи, во која е вклучено и раководното лице од секторот каде што работи вработениот. Доколку не го положи писмениот тест, работникот има право уште еднаш да се тестира во рок од три месеци, а ако не го положи и по вторпат, тогаш му престанува работниот однос. Истото важи и за усниот тест, односно ако еднаш не го положи, има право повторно да биде тестиран, и ако и по втор пат не го положи, тогаш му престанува работниот однос и тој не може да биде дел од јавната администрација.
Порталб.мк направи детална анализа на Канцелариите „Еден пункт за услуги“, според која покажавме како властите го промовираа како „успешен проект“, но дека истиот не функционира. Податоците покажуваат дека за само една година, низ Северна Македонија, овие канцеларии со вкупно 23 вработени обезбедиле само 1.062 документи.
Во април годинава Министерството најави дека ќе бидат затворени канцелариите „Еден пункт за услуги“ бидејќи имаат остварено многу малку услуги за граѓаните, а се подготвува отворање на 333 шалтери во канцелариите на Пошта на Северна Македонија, кои ќе ги даваат истите услуги. Но, поминаа осум месеци, шалтерите сè уште не се отворени, а Канцелариите сè уште не се затворени.
За ова од МИОА најавија дека ќе треба да се направат законски измени за да можат да функционираат новите шалтери. Оттаму нагласија дека интервенирале во Законот за електронско управување и електронски услуги, за да се овозможи искористување на инфраструктурните и кадровските капацитети на АД Пошта на Северна Македонија – Скопје низ целата земја. Со ова, велат од МИОА, ќе се овозможи да се има посебен обележан шалтер на кој граѓаните ќе бидат опслужени и ќе можат да ги добиваат услугите што ги нуди моделот „Еден пункт за услуги“.
Законот за висока раководна служба на крстопат
И додека Собранието мора итно да ги изгласа горенаведените пет закони, Законот за висока раководна служба, кој е еден од најважните за реформите во администрацијата, е заглавен на крстопат. Се споменува со години, но сè уште не е усвоен поради несогласувањата околу прашањето кој на крајот ќе го има последниот збор при назначувањето на директорите.
Овој закон од 2018 година го ветуваа четворица министри по ред, почнувајќи од Дамјан Манчевски, потоа Јетон Шаќири и Адмирим Алити и на крајот Азир Алиу. Законот, во принцип, има за цел радикална промена на процедурата за избор и именување на високи функционери, за да се избегнат политичко-партиските влијанија и давање приоритет на меритократијата. Законот се одолговлекуваше со години и не беше усвоен, затоа што политичките партии одбиваат да подржат еден закон кој би им ги „врзал рацете“ при изборот и назначувањето на високите функционери. МИОА подготви нова верзија, која е „дотерана“ и прифатлива, но оваа верзија се смета за скандалозна, бидејќи со тоа ќе се легализира партиско-политичкото влијание.
Порталб.мк, ги анализираше двете верзии на Законот за висока раководна служба, онаа од 2019 година (која предвидуваше посериозни измени и ограничено партиско влијание) и онаа од 2023 година (која предвидува помеки мерки и дозволува партиско влијание). Она што го видовме е дека последната верзија е далеку од ветувањето за департизација или како што изјави Манчевски „тектонска промена во начинот на избор на луѓе на високи раководни позиции“. За ова граѓанскиот сектор и членовите на Комисијата за спречување на корупцијата имаа сериозни забелешки кои надлежните треба да ги имаат предвид.
Европската Комисија во Извештајот за напредокот на Северна Македонија за 2023 година ја нагласува потребата од овој закон, додавајќи дека процесот за донесување на овој закон започнал пред 5 години, но тоа сè уште не е направено.
На потребата од донесување на овој закон реагираше и Институтот за демократија Социетас Цивилис Скопје (IDSCS), кој потенцира дека овој закон е прв чекор кон решение, а подготовката и донесувањето на овој закон се одолговлекува веќе неколку години наназад, а одговорноста за ова се префрла во различни институции.
Неодамна министерот Азир Алиу за Порталб.мк најави дека овој закон ќе треба да биде усвоен до крај на јануари 2024 година, бидејќи продолжува работата на групата експерти, меѓу кои има различни ставови за некои прашања.
Според МИОА, експертите се двоумат околу тоа дали извршната власт треба да има или не можност за избор при постапката за избор на директори или високи раководители во администрацијата.
2024 година
Нови електронски услуги и дигитализација, вештачка интелигенција и оптимизација на администрацијата, најави министерот за информатичко општество и администрација, на средбата со новинарите на крајот на годината.
Главната цел на Министерството за информатичко општество и администрација е да продолжи со дигитализација на јавните услуги, знаете дека се работи на националниот портал еуслуги.мк, за да биде инклузивен. За жал, според нашите анализи, една од главните причини зошто дигиталните услуги многу малку ги користат граѓаните е интеракцијата со порталот, кој е многу тежок и во најмала рака не е лесен за користење. Затоа интензивно работиме да имаме нова интеракција со која граѓаните многу лесно ќе можат да дојдат до услугите што ги имаме. Ќе продолжиме со зголемување на бројот на дигиталните услуги. Реков дека дигитализираме 135 нови услуги, можам да ве информирам дека 40 се веќе завршени, додека пак другите се тестираат за да ги видиме резултатите. Доколку резултатите покажат дека се доволно добри и усогласени со изведбите, истите ќе бидат во продукција, рече Алиу, одговарајќи на прашањето на новинарот на Порталб.мк.
Тој додаде дека јавната администрација ја чекаат реформи во рамките на пет закони кои треба да бидат изгласани во Собранието.
Од друга страна, 2024 година е година на избори и не се знае која партија ќе го води Министерството за информатичко општество и администрација. Пристапот кон реформите во јавната администрација ќе зависи и од волјата на партиите во која насока ќе ги развиваат или не реформите.
Извор: META