Вооружени мажи упаднале насилно во просториите на државната телевизиска станица во Еквадор за време на пренос во живо. Групата криминалци со пиштоли и експлозиви им се заканувала на неколку новинари и вработени, а неколкумина биле земени како заложници, како што се гледало на телевизиските снимки. „Ние сме овде во живо за да знаете дека не се игра со мафијата“, изјавил еден од напаѓачите во камерата. Во снимките можело да се слушнат и пукање и врисоци на исплашени луѓе. Маскираните луѓе држеле оружје и експлозивни уреди пред камерата во државната телевизиска станица ТЦ Телевизион во пристанишниот град Гвајакил.
„Криминалци упаднале во просториите на медиумска компанија во Гвајакил“, соопшти еквадорската полиција на платформата Х, поранешна Твитер. „Специјални единици ќе бидат распоредени на лице место за да се справат со оваа вонредна состојба“. Набргу потоа полицијата го потврди апсењето на неколку лица.
Само еден ден претходно, претседателот Даниел Нобоа прогласи вонредна состојба поради хаотичните услови во затворите во јужноамериканската земја. Тоа, меѓу другото, значи дека привремено е ограничено правото на собирање, се вели во уредбата објавена во понеделникот. Дополнително, во наредните 60 дена ќе важи ноќен полициски час.
Криминалните банди неодамна имаа жестоки судири во затворите во земјата и зедоа чувари како заложници. Според затворската управа, шефот на моќната банда „Лос Чонерос“, Адолфо Масијас алијас „Фито“, очигледно успеал да побегне. Овој вторник, властите го пријавија и бегството на друг наркобос, Фабрицио Колон Пико, еден од водачите на бандата „Лос Лобос“.
Насилството драстично се зголеми во Еквадор во последниве години. Стапката од околу 25 убиства на 100.000 жител е една од највисоките во Латинска Америка забележана во 2022 година. Многу од преполните затвори се контролирани од криминални организации и таму често се случуваат тепачки меѓу банди.