На денешниот состанок помеѓу тутунопроизводителите и откупните компании, со посредништво на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, постигната е согласност по неколку прашања кои досега беа „камен на сопнување“ во досегашниот откуп.

„Се согласивме непречено да се одвива линијата на продажба, односно на откуп на тутун. Во последните два дена има подобрување на откупот и сите откупувачи се согласија да продолжат со воспоставувањето флексибилна линија, со тоа што реално ќе се процени квалитетот на тутунот. Исто така, јас како министер, секојдневно на транспарентен начин ќе ја објавувам предадената количина тутун и неговата просечна откупна цена. Конечно, на 75 отсто од откупениот тутун, повторно ќе се состанеме и заеднички ќе изнајдеме решение за вишокот тутун, за кој првично има согласност од откупувачите дека ќе биде откупен“, изјави после завршувањето на средбата министерот Хоџа.

Единствената компанија која не го потпиша заедничкиот документ, е компанијата „Сокотаб“, за која министерот изрази надеж дека и оттаму за скоро време, ќе стигне позитивен одговор како од сите останати откупувачи.

Од Иницијативниот одбор на незадоволните тутунари рекоа дека ги прекинуваат блокадите на патиштата и дека од понеделник, своето незадоволство ќе го насочат кон „Сокотаб“.