Полициските службеници го уапсиле и третото лице кое имаше пиштол при инцидентот кај „Скендербег“ минатата недела за време на протестите против францускиот предлог, соопшти Министерството за внатрешни работи додавајќи дека станува збор за А.Р. и дека тој го признал делото.
Полицијата претходно приведе уште две лица кои имаа огнено оружје, а еден од нив и пукаше во воздух.
Од МВР исто така, соопштија и дека Единицата за насилен криминал – Одделение за насилен криминал во содејство со Единицата за интервентна полиција, двете при СВР Скопје, го лишиле од слобода и Р.Р.(37) од Скопје.
Тој на 05.07.2022 околу 21.00 часот, за време на одржување на ненајавен јавен сoбир на граѓани организиран преку социјални мрежи, фрлал со камења кон полицискиот кордон и зградата на Собранието и физички нападнал полициски службеници кои вршеле службени дејства.
„По преземени мерки и активности од страна на Единицата за насилен криминал – Одделение за насилен криминал, Р.Р. е приведен во полициска станица и против него се обезбедени сите докази. Во координација со ОЈО Скопје против него е поднесена кривична пријава по брза постапка за кривично дело „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“ по член 385 од Кривичниот законик, по што лицето е изнесено пред Судија на претходна постапка“, наведено е во полициското соопштение.