Бурен и френетичен аплауз во ЦХП: градоначалникот на Истанбул успеа да биде реизбран. Според прелиминарните резултати, тој јасно води пред противкандидатот Мурат Курум од АКП на Реџеп Таип Ердоган, кој во предизборната кампања лично се ангажираше за кандидатот. Претседателот на ЦХП, Езгур Езел, вели дека „на овие избори граѓаните не избираа само градоначалници, туку и како земјава треба да биде водена. Народот испрати јасна порака до оние кои им ги намалија платите, ја газеа демократијата и ја уништија правната држава. Сакаме нашата држава да си го врати владеењето на правото.”
ЦХП меѓу другото победи во петте најголеми градови во државата, меѓу кои и Бурса, како и во регионот Адијаман кој беше силно погоден од земјотресот. Големиот победник во ЦХП е градоначалникот на Истанбул, Имамоглу. Тој уше синоќа самоуверено рече „ние победивме на изборите!”
Ердоган го призна поразот
Иако се работи само за локални избори, резултатот може да ја смени Турција, оценува политикологот Суад Езчелеби во разговор со АРД во Истанбул. Имамоглу со реизборот добива и друга задача. „Турскиот народ ù рече ‘стоп’ на владата. Резултатот ќе придонесе политиката да се структурира наново, ќе има нови политички лидери. Особено името Екрем Имамоглу од сега ќе го слушаме почесто во контекст на претседателските избори во 2028 година”, вели Езчелеби.
Ширум земјата АКП е речиси на исто ниво како и ЦХП и останува водечка во некои региони како Централна Анатолија и неколку провинции на Црно Море. Ердоган поразот го призна во своето обраќање ноќеска. Рече дека 85 милиони луѓе во Турција и демократијата се победници. Пораката од гласачите е примена. „За жал на изборите не го постигнавме посакуваниот резултат. Во телата на нашата партија искрено и храбро самокритички ќе ги анализираме резултатите. Ќе ги разгледаме причините за ваквото уназадување и ќе извлечеме консеквенции”, рече Ердоган.
Победа на курдската партија ДЕМ на истокот
Во многу провинции на истокот победи курдската партија ДЕМ, меѓу кои Мардин, Дијарбакир, Батман и Ван. Во минатото градоначалниците од партијата претходник на ДЕМ, ХДП, беа заменувани со провладини од страна на централните власти.
Изборите поминале мирно според информации на претседателот на Државната изборна комисија. Излезноста изнесувала 75 проценти.
На истокот на земјата имало насилни судири, при што биле убиени две лица, а повеќе од 40 повредени.
Извор: DW