Земјите-членки на ЕУ постигнаа договор за испраќање на ветената помош за Украина во висина од 18 милијарди евра. Европските влади се договорија со Унгарија да отстапи од ветото, а во замена за тоа ЕУ да биде пофлексибилна во однос на замрзнатите фондови од ЕУ за Унгарија, пишува Гардијан. Тоа значи дека Украина ќе добие 18 милијарди евра од буџетот на ЕУ следната година.
Покрај ЕУ, и САД ја испратија првата помош во енергетска опрема во Украина. Првата транша е електрична опрема во вредност од околу 13 милиони американски долари, рече еден од официјалните лица. Друг извор запознаен со ова прашање рече дека уште два авиони со опрема ќе заминат од Соединетите Американски Држави оваа недела, пренесува Гардијан.
Американски официјален претставник изјави дека опремата тргнала од американската воена база. Вкупната помош од 53 милиони долари беше објавена минатиот месец, откако Украина рече дека ѝ се потребни трансформатори и генератори на струја, како и системи за противвоздушна одбрана.
Инаку, во Париз денеска ќе се одржи конференцијата за отпорност, со која заеднички претседаваат украинскиот претседател Володимир Зеленски и францускиот претседател Емануел Макрон. На настанот ќе присуствуваат 47 земји и 22 мултилатерални институции, а целта е да се воспостави механизам за координација за обработка на украинските барања за финансирање и помош за да се преживее зимата, откако Русија изврши серија масивни ракетни напади врз украинската цивилна инфраструктура.
Поради намерното уништување на цивилната инфраструктура во Украина, европските земји стравуваат дека бројот на украински бегалци би можел да порасне претстојнава зима, поради рестрикциите на струја, вода и греење што се појавуваат во украинските градови како резултат на руските ракетирања.
Ситуацијата во Украина пак изминатово деноноќие е непроменета од аспект на руските воени потези. Ракетните напади продолжуваат на истокот и југот на Украина, додека борби се водат во Донецкиот и Луханскиот регион. Најмалку тројца цивили загинаа, а 16 лица се повредени во Донецкиот регион, како резултат на руските воени дејствија во изминатово деноноќие, јавува Укринформ.
Руски ракетни напади имало во Днипропетровскиот, Херсонскиот и Харкивскиот регион. Во реонот на градот Купјанск во Харкивскиот регион, руските сили отвориле оган врз амбулантно возило, при што било повредено едно медицинско лице, пренесува Укринформ.
Во Днипропетровскиот регион, повторно бил гранатиран градот Никопол и околните населени места, при што биле лансирани над 50 ракети што погодиле енергетска инфраструктура, куќи, станбени згради, продавница и други објекти, пишува Укринформ.
Извор: МЕТА