Украина отвори почесен конзулат во Прилеп

Украина отвори почесен конзулат во Прилеп

Директорот на „Витаминка“, Сашо Наумоски стана почесен конзул на Украина во Прилеп, Северна Македонија.

Во Прилеп се отвори почесниот конзулат на Украина. За почесен конзул е избран Сашо Наумоски, директор на „Витаминка“ – Прилеп. Церемонијата започна со интонирање на националните химни на Република Северна Македонија и Украина. На свечениот настан присуствуваа претставници на Владата и локалната самоуправа, граѓанското општество, дипломатијата и медиумите.

По повод отворањето на почесниот конзулат на Украина во Прилеп, Амбасадорката на Украина во Северна Македонија, Н. Е. Лариса Дир, во својот поздравен говор го претстави Сашо Наумоски, кому му беше доделена честа да биде именуван за Почесен Конзул на Украина во Прилеп.

Како што истакна Дир, особена чест претставува тоа што токму таков човек ќе ја посвети својата енергија и знаење на извршување на функциите на Почесниот Конзул на Украина, имајќи го предвид фактот дека од моментот на инвазијата од големи размери на рф во Украина, г-дин Сашо уште од првите денови ѝ помага на Украина.

Украина отвори почесен конзулат во Прилеп
Амб. на Украина, Лариса Дир, почесниот конзул на Украина, Сашо Наумоски (фото: ЦИВИЛ Медиа)

Дир посочи дека за време на војната на русија против Украина, заштитата на интересите на Украина, граѓаните на Украина и нејзините правни лица во земјата домаќин во границите дозволени со меѓународното право не е лесна задача.

Вие ќе го претставувате украинскиот народ, кој веќе триста педесет и деветти ден се бори за своето право на живот, територијална независност и правото да остане суверена држава во нејзините меѓународно признати граници, нагласи Дир.

Секој Ваш чекор ќе биде вреден за војниците кои речиси секоја минута ги одбиваат нападите на руските војници, зомбирани од господарите на кремљ и нивните пропагандисти, додаде амбасадорката.

Дир во обраќањето посочи дека секоја помош ќе им го олесни животот на Украинците кои херојски научија да живеат со воздушни аларми, недостаток на струја, вода и греење, поради уништувањето на критичната цивилна инфраструктура на Украина од страна на руски крстосувачки ракети и ирански дронови.

Вие ќе ја претставувате Украина, која на бојното поле ги штити животите на своите граѓани, својата суверена територија и европските вредности во целост; Украина, на која ѝ помага целиот прогресивен демократски свет, кажа амбасадорката во говорот.

Според неа, сега се отвораат нови опции за одбрана. Украина очекува испорака со проектили со долг дострел, тенкови и борбени авиони од партнерите.

Посочи и дека моралот и храброста на Украинците мора да се зајакнат и на овој начин, доколку руските непријателски сили не најдат здрав разум да ја повлечат руската армија од привремено окупираните територии на Украина, да ги вратат сите воени заробеници и депортирани Украинци, вклучително и нелегално посвоените украински деца.

Дир запраша дали злото може да се неутрализира? – прашање – за сега работи оружјето, а потоа – Специјалниот трибунал за руските злосторници и нивните следбеници и употребата на механизам за компензација за колосалната штета предизвикана од воените злосторства на руската федерација на територијата на Украина.

Ова е фронт, нагласи таа, има уште еден фронт – информативен, спортски, културен.

Дир ги посочи пропагаторите на кремљ, ботовите, кои склучувајќи договори со ѓаволот, продолжуваат да ја прилагодуваат историјата под својата империјална амбиција да освојуваат територии на туѓи држави и да убиваат луѓе.

Се употребува сè – невистини, искривување на фактите, негирање на очигледниот геноцид на Украинците, и сè е изразено со таква жестока хипертрофирана омраза што е тешко да се замисли дека пред тебе стои човек со здрав ум и разум.

Таа упати апел дека бранејќи го спортскиот фронт, не смееме да ги искривуваме олимписките принципи со можноста за учество на државата-терорист русија на Олимписките игри.

Го истакна и фактот дека за време на годината на војната на рф против Украина, загинаа 228 украински спортисти и тренери. Жртвите не може да се покријат со бело знаме – нивната крв ќе го натопи знамето. руската федерација нема право на олимписки дух се додека нивната суштина е исполнета со жед за убиство и дух на омраза.

Истата судбина треба да ја доживеат и руските натпревари за песна. Не смее да им се дозволи на напаѓачите со пеење да ја покријат тортурата и суровите убиства на мирните граѓани во Украина, вели Дир.

Упати благодарност на сите што им се спротивставуваат на манифестациите на отворената и прикриената руска интервенција.

Дир истакна дека Северна Македонија од почетокот на војната е заедно со Украина. Хуманитарната, воената и финансиската помош од Северна Македонија е сето тоа што помага да се запре рускиот терор и да се доближи мирот.

Токму затоа, господине Сашо, Вашата работа и извршување на функциите на Почесен конзул на Украина во Република Северна Македонија се толку важни, истакна Дир. Ние заедно ќе ги надминуваме манипулациите на кремљ и ќе шириме вистинити информации.

Исто така, амбасадорката информираше дека на македонски јазик е преведен и Указот на Претседателот на Украина за Почесни Конзули на Украина, кој заедно со Виенската конвенција за конзуларни односи ја сочинуваат правната основа за вршење на конзуларните функции од страна на Почесниот Конзул.

Указот, инаку, „слави“ годишнина. Тој беше потпишан од страна на Претседателот на Украина на 17 февруари; не го усогласувавме специјално отворањето на Почесниот Конзулат за овој датум… така испадна. Ќе го сметам за симболично добар знак.

На крајот од обраќањето, Дир посака добро функционирање на Почесниот Конзулат на Украина во Прилеп за заштита на Украина и развој на украинско-македонските пријателски односи.

Украина отвори почесен конзулат во Прилеп
Сашо Наумоски, почесен конзул на Украина во Прилеп, Фото: ЦИВИЛ Медиа

Почесниот конзул, Сашо Наумоски ја искажа големата чест што му e дадена и одговорноста на задачата.

„Да се претставува земја која во моментов се соочува со воена агресија е голема одговорност, бидејќи довербата што ми се дава во вакви моменти е навистина знак на голема почит. Во овие времиња да се биде пријател е голема чест, да се даде доверба е доблест, а јас во моментов ги имам двете од страна на Украина. Тоа ме става пред уште поголема одговорност и обврска како почесен конзул на оваа земја, да придонесам за зацврстување на релациите и размена на позитивните вредности. Ќе се обидам да направам сѐ за да се подобрат релациите меѓу двете земји. Сигурен сум дека моите контакти, позицијата во општеството ќе придонесе за подобри економски односи и секако да помогнеме онаму каде помошта е навистина неопходна“, рече почесниот конзул Наумоски, на отворањето на конзулатот, кој е прв во Прилеп.

Отворањето на почесниот конзулат на Украина во Прилеп носи само радост и надеж за најдоброто! Ова значи попродуктивна соработка, поактивен дијалог, поефикасна поддршка – подигање на нашето пријателство на ново ниво!, изјави во својот говор претседателот на Здружението на Украинците во Македонија „Лесја Украинка”, Олександр Урбанович по повод отворањето на почесниот конзулат на Украина во Прилеп.

Украина отвори почесен конзулат во Прилеп
Претседателот на Здружението на Украинците во Македонија „Лесја Украинка”, Олександр Урбанович

Тој во име на здружението им честита на новоименуваниот почесен конзул на Украина во Прилеп, Сашо Наумоски и на Амбасадата на Украина, за овој настан.

Веруваме дека заедно ќе ги надминеме сите предизвици поврзани со руската воена агресија врз Украина и, на крајот, ќе го победиме нашиот непријател – Русија, терористичката држава и крвавиот руски режим, истакна Урбанович.

Тој изрази уверување дека здружението ќе му помогне на почесниот конзул на Украина во сите негови напори и дека со отворањето на конзулатот во Прилеп „ќе успееме да создадеме поволни услови за нашата украинска заедница и да ги развиеме сите области на украинско-македонската соработка“.

Еве и сега веќе почнуваме да го правиме тоа, еве и сега имаме нови можности, треба да работиме заедно за Украина да се претставува се повеќе и повеќе во нашата пријателска Северна Македонија!, нагласи во својот говор.

Урбанович се осврна на победничкиот подвиг на едни од креаторите на современата украинска држава – хероите на Небесната стотина, кои за време на Револуцијата на достоинството ги положија своите животи за европската иднина на Украина.

Секоја година, на 20 февруари, Украинците ширум светот го обележуваат споменот на хероите на Небесната стотина – Украинци кои го сменија текот на историјата на нашата земја, кои се бореа за демократските вредности на украинскиот народ. Тогаш, пред 9 години, Хероите на Небесната стотина ја примија првата битка во војната што трае до ден денес. И таа битка покажа многу општо со тоа што Путин го прави денес во Украина. Затоа што неговата цел е всушност иста, и методите се исти – да ги уништи оние што се борат, тие што не молчат, кога нивните права се прекршуваат, исто така тој го користи терор врз цивилното население, ги убива невооружени и беспомошни, вклучително и деца, жени и стари лица, изјави претседателот на „Лесја Украинка”.

На крајот од својот говор ги замоли присутните, заедно со Украинците, да им оддадат почит на хероите на Небесната стотина со едноминутно молчење.

По повод отворањето на почесниот конзулат на Украина во ПрилепЏабир Дерала, ЦИВИЛ, во своето обраќање му честиташе на избраниот почесен конзул Сашо Наумоски, директор на Витаминка Прилеп.

Дерала истакна дека по една година руска агресија против Украина, украинскиот народ сè уште е мета на болка, страдање и смрт.

Украина отвори почесен конзулат во Прилеп
Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ, на отворањето на почесниот конзулат на Украина во Прилеп/ Фото: ЦИВИЛ Медиа)

„Изминува една година од руската брутална воена агресија против Украина. Од првиот час на рашистичкиот поход против независна, суверена и демократска Украина, цивилите – жени, деца и стари – се жртви на руската злосторничка солдатеска и платенички банди составена од ноторни криминалци. И додека говориме овде, Украина е мета на рускиот ракетен терор.

„Светската супер сила трпи понижувачки порази на бојното поле од десет пати послабо вооружената но херојска одбрана на Украина. Понижувањата на фронтовите, агресорите ги „компензираат“ со уништување на цивилната инфраструктура, приватните домови, училишта, болници, културни установи – прават сѐ што може да предизвика болка, страдање и смрт“, рече Дерала.

Според Дерала, империјалистичките амбиции на Путин се закана за целиот свет и се во директна спротивност со основите на меѓународното право и Повелбата на ОН.

„Светот е восхитен и инспириран од хероизмот на Украина. Од првиот ден, борбата на храбрите Украинци и Украинки за слобода е и борба за слобода на целиот свет. Тоа е незаборавна жртва човечката цивилизација. Затоа слободниот свет поита да ѝ помогне на Украина. Со тоа, се чува слободата и демократијата на целиот свет. Тоа е и обврска на меѓународната заедница. Империјалистичките амбиции на Путин се закана за целиот свет и се во директна спротивност со основите на меѓународното право и Повелбата на ОН“, рече Дерала.

Сепак, како што нагласи Дерала, хероизмот на украинскиот народ се гледа на секој чекор, а денешниот настан е уште еден доказа за нескршливоста на духот на Украина.

„Хероизмот на Украина се гледа на секој чекор. Но тој хероизам и пожртвуваност не се наоѓаат само на фронтовите. Наспроти сето неизмерно зло со кое се соочува, Украина живее! Државата функционира. Во незамисливо тешки услови, се вршат секојдневни поправки, транспорт, снабдување, комуникации – за да се обезбедат основни услови за живот“ – рече Дерала.

Според него, и самиот настан на отворање на украинскиот почесен конзулат во Прилеп е доказ за тоа.

„Оттаму, денешниот настан, претставува уште еден доказ за нескршливиот дух на Украина, за тоа дека Државата живее и дека ќе биде силна, дека ќе се развива и ќе биде гордост на своите граѓанки и граѓани и на сите слободољубиви луѓе во светот“, додаде Дерала.

На крајот на своето обраќање, Дерала нагласи дека македонското општество и државата застанаа на страната на слободата уште од првиот ден давајќи ја својата поддршка за Украина. Тој го заврши својот говор со зборовите „Слава Україні!“ на што присутните громогласно одговорија со „Героям слава!“ (Слава на хероите).

Украина отвори почесен конзулат во ПрилепНа настанот се обратија и градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, како и претседателот на здружението на почесни конзули, Ајдован Адемоски кој му врачи на Наумоски благодарница за хуманоста и помоштта што ја пружи на Турција.

Дипломатските односи меѓу Украина и Македонија беа воспоставени во 1995 година, а дипломатското претставништво на Украина е отворено во 2000 година за веќе следната година да биде отворена Амбасадата на Украина во Република Македонија. Меѓу двете земји е разменет и Договор за пријателство и соработка, со кој се дефинираат основните принципи и насоки на развој на билатералните односи.

Прочитајте повеќе

3 Мај: Новинарите слабо платени и небезбедни

3 Мај: Новинарите слабо платени и небезбедни

Од ССНМ и од ЗНМ велат дека Светскиот ден на слобода на медиумите – 3 …