Бубевски: Застарувањето на делото за Даравелски е готова работа, останува само конфискацијата

Бубевски: Застарувањето на делото за Даравелски е готова работа, останува само конфискацијата

Застареноста на делото за Даравелски е веќе завршена работа, но конфискација на имотот не зависи од застарувањето, вели во неделното интервју основниот јавен обвинител Гаврил Бубевски. Според него реална е опасноста поранешниот шеф на УБК Мијалков да се спаси од казната во „Титаник 2“, но се надева дека нема да застарат предметите „Таргет-тврдина“ и „Трезор“ во кои исто така тој е еден од обвинетите. Бубевски не очекува со супервештачењето, вината за автобуската несреќа кај Ласкарци да падне само врз возачот.

Обвинителе, четири години од автобуската несреќа кај Ласкарци се уште нема судска пресуда. Неколку вештачења, неусогласени заклучоци во извештаите. Имате ли механизам да спречите вештачењата да бидат главната причина поради која 16 семејства кои ги загубија блиските во несреќата се уште не ја дочекале правдата?

Сметам дека од Jавното обвинителство во целост се испочитувани сите рокови кои му стојат како предизвик за постапување во една таква постапка со таква трагична последица. Сметавме и на почетокот дека со тоа вештачење што надлежниот обвинител што го работи предметот го наредил, со стручните мислења и целокупно опфатени сите можни аспекти на сообраќајната несреќа дека е доволно од фактичката гледна состојба доволно е разјаснет тој настан и сметавме дека има основ и да се поднесе обвинение за сите лица за коишто се и денеска предмет на обвинение и надвор од разумно сомнение да се очекува осудителна пресуда. Во текот на постапката, тоа е контрадикторна постапка, одбраната по нејзина наредба си даде некое свое вештачење, кое пак Обвинителството повторно сметаше дека не е спротиставено во клучните аспекти по коишто треба да одлучи Судот за целокупната фактичка состојба, но судот донесе одлука да се направи едно супервештачење. Веројатно на судот му е најтешко, конечната одлука тој треба да ја донесе. По она што јас имам прилика да го видам од супервештачењето сметам дека тоа нема одговорено на тие прашања на кои веќе има одговор во вештачењето приложено од Јавното Обвинителството и сметам дека тоа нема да ја промени фактичката состојба во однос на она што го има како став ЈО. Сепак, на судот е последниот збор.

Постои ли можност супервештачењето да го смени текот на судскиот процес и вината да падне само врз возачот ?

Од аспект на Јавното Обвинителство не гледам причина да го смени.

Откако Апелација ги врати на повторно судење предметите „Таргет-Тврдина“ и „Трезор“ во кои меѓудругите е обвинет екс шефот на УБК Сашо Мијалков, реална е опасноста од застарување на делата. И предметот „Титаник 2“ во кој исто така е осуден Мијалков застарува во април годинава, па тој може да се спаси од казната доколку дотогаш пресудата не стане правосилна. Што за вас како обвинител кој го водите овој предмет ќе значи таков епилог на предметите на СЈО од кое дел бевте и вие?

Исто како и секој граѓанин во оваа држава. Нормално дека сите тие кои се бориме за правдата и правичноста, да има одговорност за тоа што го направил, овој институт во овој контекст сега ни прави одредени проблеми. Тука има и субјективни и објективни фактори. Еден од објективните беше короната што зафати две години со судењата, но има и субјективни за кои ќе се произнесат надлежните институции. Сепак сметам дека во контекст на Таргет-Тврдина нема да донесе до таков епилог бидејќи имаме сериозно време во коешто може да се произнесат сите инстанци по однос на овој кривично правен настан.

А за предметот „Титаник 2“?

Во врска со Титаник 2 тука постои поголем страв од застарување во однос само на обвинетиот Сашо Мијалков, во однос на другите обвинети нема опасност од застареност на нивните дејствија. Во однос на Мијалков има таква опасност, како што кажавте и вие, тоа е април. Но, пресудата основниот суд ја изготви во брзо време, така да сметам и очекувам дека и во овој случај ќе има одлука во рокот во којшто е предвиден пред да настапи застареност за обвинетиот.

Кога сме кај застарувањето на делата, дали ве изненади одлуката на Кривичниот суд која го врати предметот за Драган Даравелски на повторно судење и објаснувањето на одбраната на Даравелски дека не знаел дека е осуден?

Ние како Обвинителство дадовме свое мислење во однос на барањето за повторување на постапката и сметавме дека барањето по тој основ по кој е побарано е задоцнето. Дадовме негативно мислење со тоа што оставаме на Судот да си одлучи за евентуално преземените меѓународни обврски доколку давале одредени гаранции за повторување на постапката со оглед дека ЈО такви гаранции не дава. Судот донесе своја одлука во којашто сметаше дека рокот не е поминат, односно дознавањето за пресудата го сметаше во рокот од една година од кога дознал. Поднесовме жалба, но Апелацискиот суд ја потврди одлуката на Кривичниот суд. Со тоа мислам дека застареноста за кривично гонење со повторување на постапката за овој обвинет е веќе завршена работа. Но можеби и веројатно овде ќе има простор да се оди директно на конфискација на имотот и на имотната корист затоа што таа не зависи од застарувањето и ќе видиме со надлежниот обвинител од кога би се констатирала таа застареност да се почне постапката за конфискација на имот и имотна корист којашто е независна од ова.

Во меѓувреме, довербата во правосудниот систем, наместо да расте се зголемува. Каде ја лоцирате вината за ваквата перцепција на граѓаните?

Би можеле и цел ден да зборуваме за тоа кои се причините и веројатно поголемиот дел од граѓаните во оваа држава сакаме да имаме еден праведен и правичен систем во којшто ќе имаме одговорност за сите, но за жал последните години не само по вина на правосудните органи се донесоа прилично крупни одлуки во оваа држава коишто на еден начин ги засегнаа постапувањата на правосудните органи, како на пример: амнестии, законски норми и др…кои имплицираат постапувања на правосудните органи во насока на тоа луѓето да го доживуваат тоа како нефункцонирање на правдата. Тоа е едниот аспект. Но, веројатно најголем дел од вината лежи во нас самите, но сметам дека сега е моментот ние како правосудна фела да се издигнеме над сето ова, бидејќи јавноста очекува од сето тоа нешто да биде.

Но изборот на некои јавни обвинители дополнително ги разбуди сомнежите во правната држава. Дали политичките врски, а не стручноста се пресудни во изборот на функцијата обвинител?

Па не знам сега за што мислите..

Еве на пример изборот на колегата Абази, за кој имаше многу критики во јавноста

Ако го гледаме тој избор, па токму тој во контекст на начинот на избор, тој избор е на обвинителите и најмалку има простор во тој контекст да се толкува.

Но фотографиите на тој обвинител со челните луѓе на партија што е на власт?

За тоа јас и не можам нешто повеќе да кажам, ова е држава во која може да се појават такви фотографии и не само во оваа, и во Америка може да се појават такви фотографии. Мислам дека треба да се фокусираме на она што човек го работи, пред се интегритетот на личност и независноста во однос на тоа. Овде алудирате на независноста, меѓутоа мислам дека треба да оставиме шанса. Моите сегашни впечатоци се дека тој дел од својата одговорност го извршува на најдобар можен начин од кога е поставен на таа позиција, односно од кога е избран од јавните обвинители.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

3 Мај: Новинарите слабо платени и небезбедни

3 Мај: Новинарите слабо платени и небезбедни

Од ССНМ и од ЗНМ велат дека Светскиот ден на слобода на медиумите – 3 …