Уште две рочишта до пресуда за пожарот во тетовската модуларна болница

Уште две рочишта до пресуда за пожарот во тетовската модуларна болница

Судењето за пожарот во модуларната болница почна на 6 септември 2022 година, а досега беа одржани девет рочишта.

Уште две рочишта треба да се одржат за да се донесе пресуда во судскиот процес за пожарот во модуларната болница во Тетово. Ова беше истакнато денеска од страна на судот по завршувањето на десеттото рочиште, каде сведочеа четирворица сведоци – двајца експерти од Електротехничкиот факултет во Скопје и две медицински сестри, пишува Порталб.мк.

Експертот Влатко Стоилков истакна дека анализирале дали инсталацијата на електричната енергија во модуларната болница била во согласност со стандардите, но како што рече, ова било невозможно да се констатира поради степенот на оштетување. Затоа, за ова, ја анализирале инсталацијата во модуларните болници во Гостивар и во Кавадарци и внатрешната електрична инсталација била согласно правилникот.

Истото го потврди и другиот експерт, Владимир Димчев.

Медицинската сестра Даниела Симјаноска која била на должност во модуларната болница истакна дека имало противпожарни апарати. Таа пред судот рече дека мисли дека имало само еден противпожарен апарат, но не беше сигурна.

„Влезот беше забранет, имаше натпис на вратата дека влезот е забранет“, рече Симјаноска во однос на тоа што пишувало на вратата од главниот влез на модуларната зграда.

Флутурије Ислами, друга медицинска сестра која работела во модуларната болница рече дека не била во објектот кога избил пожарот.

„Бевме толку зафатени со работа што не сме ни виделе дали има противпожарни апарати. Не ни текнало да видиме. Мислам дека имаше во собата каде што седевме ние како медицински персонал. На главната врата имаше натпис за забранет влез. На влезната врата имаше клуч. Во текот на смената одговорни беа сестрите и докторите. Немаше чувари на врата“, истакна Ислами.

Следното рочиште е закажано за 6 април, кога се очекува да сведочат четворица сведоци предложени од одбраната. Од судот најавија дека следното рочиште после него ќе биде последно и ќе биде донесена пресуда за случајот.

Судењето за пожарот во модуларната болница почна на 6 септември 2022 година, а досега беа одржани девет рочишта, од кои неколку беа одложени.

Семејствата на жртвите велат дека не веруваат во правдата на државата, но дека сепак не губат надеж, а не се исклучува и можноста за барање за меѓународна истрага за овој случај.

Обвинетите во овој случај се поранешниот директор на болницата во Тетово – Флорин Бесими, поранешниот економски директор на болницата во Тетово – Артан Етеми, одговорниот за ковид центарот – Бобан Вучевски и тетовската болница како правно лице.

Флорин Бесими и Артан Етеми се обвинети за дела против општата сигурност.

Бобан Вучевски е обвинет по членот 206 за кривичното дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“.

ЈЗУ Клиничка Болница Тетово е обвинета за загрозување на општата сигурност и непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.

За горенаведените дела, според Кривичниот законик, обвинетите лица, доколку бидат прогласени за виновни, можат да очекуваат казна до пет години затвор.

Поранешниот директор на тетовската болница Флорин Бесими и поранешниот економски директор Артан Етеми не се гонат кривично за причините за пожарот во модуларната болница во Тетово, туку затоа што не инсталирале уреди предвидени за гасење на пожарот. Директорите се гонат за две кривични дека, конкретно тешки дела против општата сигурност и непочитување на здравствените прописи за време на епидемија, додека лекарот само за непочитување на здравствените прописи за време на пандемија.

Лекарот Бобан Вучевски се гони бидејќи дозволил блиските на пациентите да влезат во собите на болницата, иако тоа било забрането.

Во стравотниот пожар што ја претвори во пепел модуларната болница во Тетово, загинаа 14 пациенти кои се лечеа од Ковид-19, но и на членови на нивните семејства кои беа внатре. Четиринаесет лица беа спасени пред целосно да изгори објектот.

Остатоците од изгорениот објект по многу одолговлекувања беа отстранети шеснаесет месеци по трагедијата. Директорот на тетовската болница најави дека на тоа место е предвидено да се постави спомен обележје – плоча за жртвите од пожарот.

Прочитајте повеќе

Наративите на ВМРО-ДПМНЕ за Пендаровски се главно проблематични и кокетираат со невистини

Наративите на ВМРО-ДПМНЕ за Пендаровски се главно проблематични и кокетираат со невистини

Поентата што сака да ја постигне противничката партија е дека Пендаровски, всушност, не е човек …