ковачевски и мицкоски

Уставните измени повод за остри критики меѓу Ковачевски и Мицкоски

Жестоките препукувања меѓу премиерот и опозицискиот лидер доаѓаат по вчерашната посета на германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, која порача дека уставните измени се од огромна важност за да продолжи преговарачкиот процес за зачленување на земјава во ЕУ.

Кој ги знае ставовите на Никола Груевски за уставните измени, а кој оди по странски амбасади за да гарантира изгласување на уставните измени во замена за власт? Ова се само дел од острите реплики на претседателот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и премиерот Димитар Ковачевски коишто си ги разменија вчера и денеска.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера го повика Мицкоски гласно да го каже пред јавноста она што го има ветувано на средби во амбасадите. Опозицискиот лидер ветува на меѓународната заедница дека ќе го промени Уставот доколку дојде на власт, обвини Ковачевски.

„ВМРО-ДПМНЕ мора да одлучи дали тоа што го зборува по амбасади „Дајте ни власт и безусловно ќе го промениме Уставот“ ќе го каже и пред народот. Односно дали ги лажат амбасадите или го лажат народот. Прво тоа прашање мора да го одговорат па да продолжиме со дискусијата“, изјави Ковачевски, додавајќи дека не планира да има одвоени средби со партиските лидери.

Опозицискиот лидер Христијан Мицкоски денеска му одговори на премиерот дека нема да се помести ниту милиметар по однос на прашањето за уставните измени, тврдејќи дека овој парламент нема мандат за да го менува Уставот.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ го прозва Ковачевски тој да го каже ставот на поранешниот премиер и екс-лидер на партијата Никола Груевски во однос на ова прашање.

„Мојот став е јасен, кажан во јавноста, повторен и непроменлив итн. А што се однесува за ставот на поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски можеби Ковачевски може повеќе да ви каже. Ако знае деталите нека ги сподели со јавноста. Добро е да го прашате еве на следната средба со него да го прашате кој е ставот кој што тој го знае, а јавноста не го знае, ниту пак јас, ниту претпоставувам граѓаните овде, рече Мицкоски.

Инаку, жестоките препукувања меѓу премиерот и опозицискиот лидер доаѓаат по вчерашната посета на германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, која од Скопје им порача на лидерите дека уставните измени се од огромна важност за да продолжи преговарачкиот процес за зачленување на земјава во ЕУ. Бербок порача и дека прашањето за уставните измени не смее да стане политичко јаболко на раздор во натпреварот за популарност во анкетите или натпреварот во тоа која партија на крајот на изборите би имала некаква предност.

Прочитајте повеќе

Наративите на ВМРО-ДПМНЕ за Пендаровски се главно проблематични и кокетираат со невистини

Наративите на ВМРО-ДПМНЕ за Пендаровски се главно проблематични и кокетираат со невистини

Поентата што сака да ја постигне противничката партија е дека Пендаровски, всушност, не е човек …