Величење и поддршка на малолетниот убиец – како содржините на ТикТок го претставија масакрот во Србија?

Величење и поддршка на малолетниот убиец – како содржините на ТикТок го претставија масакрот во Србија?

Како најпопуларни коментари на другите видеа, видовме и такви кои бараат ослободување на приведениот малолетник, искажуваат „заљубеност“ во него и го опишуваат како „херој“ и „легенда“

„Само гениј може да убие 9 лица на млади години, тој е гениј“.

Ова го пишува на видео на социјалната мрежа ТикТок, испишано над  фотографии од 13-годишниот К.К. од Србија, обвинет за убиство на вкупно 9 лица – осуммина ученици и човек од обезбедувањето на училиштето. Видеото има речиси 620.000 прегледи и над 90.000 допаѓања.

Корисничката сметка од која е објавено видеото е потпишана со името на малолетникот што го изврши масакрот во белградското училиште и со корисничка адреса @simp4kosta. Профилната фотографија, исто така е од момчето што пукаше во соучениците.

Друго видео објавено од истата корисничка сметка, во моментот кога го погледнавме, броеше 1,3 милиони прегледи. На него е претставен лист хартија на кој се испишани имиња, што според српските власти што го објавија, претставува список на ученици што К.К. сакал да ги убие. На фотографијата, под листот хартија на англиски е напишано „мисија: убиј ги“ (mission: k$ll them), по што се појавува фотографија од приведувањето на малолетникот, проследено со порака од гејмерски речник „Успешна мисија, почит плус“ (mission passed! respect+), како и полетна музика во заднина.

Овие видеа се само две од десетиците што Мета.мк и Порталб.мк ги погледнаа на социјалната мрежа ТикТок, кога внесовме клучни зборови поврзани со трагедијата што се случи во Србија. Но, и без да се пребарува, со самото влегување на апликацијата, голема е веројатноста во првите видеа на почетната страница да ви се појават содржини поврзани со овој случај.

Меѓу видеата што ТикТок ни ги претстави како „најпопуларни“ при пребарувањето на клучен збор е и видео од девојка во Србија, која за време на стриминг во живо на оваа социјална мрежа вели:

„К****, брате мој, те чекаме, те сакаме многу и држи се. Ти кога-тогаш ќе излезеш, но тие од два метра под земјата нема никогаш да излезат. Тој ќе излезе кога-тогаш, но тие од сандакот никогаш“.

Додека ја кажува бизарната порака, нејзиниот пренос во живо го следат илјадници корисници на ТикТок. Корисничката сметка сега е недостапна, а српските медиуми утредента по преносот објавија дека девојката е повикана на информативен разговор во полиција.

Сепак, видеа од стримингот и денеска може да се најдат реобјавени на повеќе профили.

Меѓу другите „најпопуларни“ содржини што ги погледнавме, видовме и заматена снимка на која снимателот трча и за која е напишано оти наводно е снимена во моментот на пукање во училиштето, додека во заднина се слушаат истрели од огнено оружје.

Забележавме десетици други видеа кои стигнале до милиони прегледи, стотици илјади лајкови и илјадници коментари. Видовме и бројни други отворени кориснички сметки со името и презимето на малолетникот кој го изврши нападот и со негови фотографии.

Говор на омраза и пофалби за убиецот во коментари

Друг спорен момент што го забележавме е секцијата на коментари, каде исто така, често доминираат негативни коментари, кои претставуваат говор на омраза или пак го величаат убиецот.

Така, на едно од видеата за малолетниот убиец кое брои милионски прегледи, првите три коментари велат: „Тој е крал“ (He is king), „Треба сите да му се поклониме“ (We should bow him), „Моето момче (Sheshh that’s my boy)“.

Како најпопуларни коментари на другите видеа, видовме и такви кои бараат ослободување на приведениот малолетник, искажуваат „заљубеност“ во него и го опишуваат како „херој“ и „легенда“.

И покрај тоа што ТикТок има политика што предвидува отстранување, или во најмала рака, ознака која предупредува на вознемирувачка содржина, такво предупредување не добивме ниту еднаш, а видеата стојат објавени со денови, собирајќи повеќе прегледи.

Меѓу видеата погледнавме и такви кои промовираа борба против училишното насилство, но на повеќето повторно беа претставени фотографии од убиецот, жртвите и нивните соученици – голем дел од нив и лажни.

„Децата земаат несоодветни модели бидејќи ние како возрасни сме им го отвориле овој пат“

Социологот Дрита Мемети во разговор за нашите медиуми вели дека фактот што во моментот на ширење на веста за трагедијата почнаа да се споделуваат и секакви разни коментари, го прави очигледен стадиумот во кој сме стигнати како општество.

„Социјалните мрежи се платформа што му овозможуваат на секого да го изрази своето мислење, независно од тоа дали е правилно или погрешно и токму овие коментари влијаат да се релативизира криминалот и да му се даде право на криминалецот, правејќи од него и херој“, вели Мемети.

Според неа, обично овие коментатори се луѓе кои се гневни и на кои единствениот простор што им е даден за да го изразат нивното мислење се токму нецензурираните социјални мрежи, па тука ја истураат целата негативна енергија и негативни мислења што ги акумулирале во животот.

„Овој феномен треба да се третира со голема внимателност и со одреден закон од страна на државните институции, бидејќи фалењето на еден криминалец може да произведе друг криминалец. За секоја настаната ситуација постојат органи на редот и стручни лица кои се обучени на кој начин треба да го третираат случајот, а на другите им останува само да изразат сочувство за жртвите, да се солидаризираат со семејствата изразувајќи им сочувство и да се молат вакви настани да не се повторат никогаш“, истакнува Мемети.

Социологот оценува дека социјалните платформи, вклучувајќи ја и ТикТок, се создадени за добри цели. Но, како што објаснува таа, прекумерното користење на ТикТок дава контраефекти во општеството, при што се вреднуваат антивредности, пцости, навреди, се рекламираат кривични дела, се промовираат девијантни однесувања и слично.

„Тргнувајќи од овој факт, јас како социолог мислам дека е социјална итност да се цензурира користењето на оваа платформа“, вели Мемети.

Од друга страна, психологот Едлира Дестани за случајов вели дека криминалот не може да се опише поинаку, освен како криминал. Таа додава оти банализирањето на коментарите и пораките на разни социјални мрежи само го охрабруваат криминалот, пренесувајќи се преку изјавите што го истакнуваат постојаното зголемување на насилството меѓу врсниците и деградацијата на училишниот систем и традиционалните вредности.

„Целиот овој хаос, главно медиумски, кај населението и повеќе кај младите возрасти предизвикува една потреба за да се скрие личниот страв било за децата, а и стравот за себеси. Исто така, во овие коментари луѓето ја кријат општата и личната несигурност. Нападите што ги вршат преку коментарите за нив се еден вид на олеснување, бидејќи на несвесен начин тие ја фрлаат далеку „топката“ на виновникот“, објаснува Дестани.

Величење и поддршка на малолетниот убиец – како содржините на ТикТок го претставија масакрот во Србија?
фото: Мета.мк

Психологот со која што разговаравме ни објасни дека во многу случаи само нарекувањето „херој“ почнува и завршува со овој збор, без да се обработи причината за која е даден овој епитет. Таа смета дека ова е грешка бидејќи не може секој да заземе улога на судија.

„Многу малку се зборува за последиците што ги носи еден ваков настан“, вели психологот, и според неа, слободата секој да процени зошто се случило едно злосторство не носи ништо конструктивно.

„Возраста на пубертетот и адолесценцијата е многу деликатна и децата имаат потреба да создадат еден модел за да ги изградат нивните нови ситуации. ТикТок е само еден инструмент за да се стигне го целта. Децата земаат несоодветни модели бидејќи ние како возрасни сме им го отвориле овој пат, и тоа на многу рана возраст“, вели Дестани.

ТикТок да докаже дека е безбедна платформа

Токму случувањата во Србија поттикнаа дебата за регулација на социјалните мрежи во Северна Македонија, при што во фокус се најде токму ТикТок.

Комуникологот и експерт за социјални медиуми Бојан Кордалов смета дека во моментов ТикТок треба да докаже дека е добра платформа за безбедноста – и од геополитички аспект, но и за безбедноста на децата и младите.

„Во светски рамки за ТикТок се разговара веќе со години, особено во САД, но и во европските земји – за последиците и потребата ТикТок да докаже дека е добар по општата безбедноста, значи говориме во геополитички аспект, меѓутоа и врз безбедноста на децата и младите. Така што, ТикТок има сериозна потреба да докаже и да покаже дека навистина се грижи преку своите алгоритми да ја промени ситуацијата и да ги анулира негативните појави или оние работи кои се недозволиви со кој било закон во која било земја“, вели Кордалов.

Нема оправдување зошто социјалната мрежа не реагира на ваквите видеа.

„Вие да величате убиства, да величате масакр, да величате што и да е коешто е незаконско и недозволено за растот и развојот на целните групи кои што се таму – нема никакво оправдување“, додава Кордалов.

Комуникологот вели дека и другите популарни платформи поминале низ слични дебати во глобални рамки.

„Нешто слично се случуваше пред помалку од деценија и со Фејсбук, Твитер Инстаграм и Гугл. Тоа беше во однос на лажните вести во тоа време, но и во делот на заштитата на децата. Многу јавни сослушувања во американскиот Конгрес, па дури и во европските институции поминаа овие технолошки гиганти кои прилагодија и сменија многу од своите алгоритми. Такво нешто сакаме и сега да се случи со цел подобро корисничко искуство, поголема заштита на децата и младите, но и поголема заштита на личните податоци на секоја личност“, смета Кордалов, според кој сега е потребно вмрежување на сите засегнати страни со цел да се намалат негативните појави на социјалните мрежи и да се поттикнат позитивни иницијативи.

„Едноставно, мора да се вмрежиме, да работиме заедно, да ги прашаме децата, младите, родителите, наставниците – што е она што може да се направи заеднички за  да се спречат ваквите работи и најважно од сè, дајте да ги ставиме напред позитивните примери на децата и младите кои ги прават преку социјалните медиуми, а коишто се небројни. Особено тоа треба да го направат институциите и малку да намалат со тие дневнополитички препукувања, и барем секоја втора прес-конференција или секој втор настан да биде со вклучување на млади луѓе од страна на институциите кои ќе покажат како позитивно направиле некоја бизнис идеја, успеале да се пласираат на некое натпреварување, освоиле награда, измислите некоја иновација во своето училиште, биле општествено одговорни, помогнале за еко активизам“, дециден е Кордалов.

Засега нема конечен консензуален став од властите околу регулацијата на социјалните мрежи и евентуалната забрана на ТикТок.

Мета.мк и Порталб.мк упатија прашања до ТикТок за тоа зошто на платформата преовладуваат вознемирувачки содржини кои го величаат убиецот и зошто ваквите содржини не се отстрануваат, но и кој е ставот на компанијата за предлогот апликацијата да биде забранета во Северна Македонија. До овој момент одговор од ТикТок не добивме.

Потсетуваме дека на 3-ти мај, ученик во основно училиште во Белград со огнено оружје уби осум ученици и чуварот на училиштето. Два дена потоа, на 5-ти мај, 21-годишник во белградски Младеновац уби осум лица и рани 14 други, во друг напад со огнено оружје.

Пред неколку недели Северна Македонија се соочи со голем „ТикТок“ скандал каде што анестезиолог пренесуваше снимка од жените во гинеколошката сала во тетовската болница. Истиот сега е во притвор. А едно младо девојче почина од струен удар обидувајќи се да се слика качена на еден вагон кој се откачил и се доближил и допрел на електричната мрежа. Аларм пред неколку месеци се  крена и за предизвикот во ТикТок во кој што младите легнуваа на улица и чекаа да им се приближи првото возило и потоа да си заминат.

Прочитајте повеќе

Уапсена директорката на Агенцијата за спречување на корупцијата на Црна Гора

Уапсена директорката на Агенцијата за спречување на корупцијата на Црна Гора

Специјален полициски тим, по наредба на Специјалното државно обвинителство на Црна Гора, на 17 април …