Верска пропаганда која му се заканува на Косово

Верска пропаганда која му се заканува на Косово

Опасните содржини кои промовираат политички ислам, верски екстремизам, вклучително и „света војна“ (џихад) за создавање на исламска држава и непочитување на уставот на земјата, и натаму се присутни на стотици веб-страници на албански јазик, пренесува на македонски „Вистиномер.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

KALLXO.com, во своето истражување спроведено за Центарот против дезинформации на Западен Балкан, предводен од Фондацијата Метаморфозис, откри дека во текот на 2022 година, стотици материјали кои го промовираат политичкиот ислам, кои биле произведени или преведени на албански јазик, биле објавени на Интернет и споделени на социјалните мрежи.

Иако безбедносните агенции тврдат дека затвориле стотици такви сајтови, многу од објавите сè уште се достапни за јавноста.

Додека безбедносните институции продолжуваат да се занимаваат со овие содржини, Владата допрво треба да донесе стратешки план за да се спротивстави на овој наратив со контранаратив и со делегитимизирачки пристап.

Изјавата на еден политичар дека не го признава Уставот на Косово и кој повикува на вклучување на религијата и легализација на шамијата во училиштата беше споделена на 174 страници на социјалните мрежи.

Истражувањето на објавите направено во текот на 2022 година покажува дека доминираат објавите со наративот кој промовира виктимизација на муслиманите во Косово и во светот.

Податоците покажуваат дека иницијативата за дозволување шамии во училиштата добила ни помалку ни повеќе, туку 37 илјади споделувања на социјалната мрежа Фејсбук.

KALLXO.com откри дека на социјалната мрежа Фејсбук се објавени 2.500 написи врз основа на изјави на претставник кој ги промовира семејните односи според „Шиа“ – правецот на исламот. Оваа претставничка, Игбале Худути, која е цитирана во 2.500 написи, имаше објавено фотографии во Иран покрај поранешниот лидер Ахмеди Неџат.

Терминот „политички ислам“, во речникот на Оксфорд, општо се однесува на секое толкување на исламот што служи како основа за политички идентитет и дејствување. Поконкретно, се однесува на движења кои претставуваат модерна политичка мобилизација во име на исламот, тренд кој повторно се појави кон крајот на 20 век. Секое движење кое има за цел да ја преземе власта и да изгради државни закони, повикувајќи се на правилата на религијата, се нарекува политички ислам.

Kon крајот на 20. век и на почетокот на 21. век, десетици Косовари се школувале во верски училишта на Блискиот Исток. Некои од овие училишта го промовираа политичкиот ислам како единствено решение за светските проблеми.

KALLXO.com откри дека некои од лицата кои се образувале на Блискиот Исток се осудени од косовските судови за финансирање и поттикнување тероризам.

Анализата спроведена од Антитерористичката единица на косовската полиција покажува дека промовирањето на екстремизмот и тероризмот започнало кон крајот на 20 век и почетокот на 21 век, првично со превод на литература и предавања кои промовирале други правци на исламот, а потоа и со промовирање на овие правци, користејќи ги директните предавања на имамите.

Со ширењето на користењето на интернетот, пропагандата е насочена кон ограничен број веб-страници, особено на затворените форуми. Меѓутоа, со развојот на технологијата и развојот на платформите на социјалните мрежи и на другите комуникациски апликации, пропагандата во насока на ширење на екстремистичките идеологии се фокусираше на овие апликации, постојано избирајќи ги најновите апликации, се вели во одговорот на полицијата, врз основа на анализа направената од Единицата за антитероризам.

Податоците покажуваат дека повеќе од 400 Косовари се приклучиле на терористичката организација ИСИС и другите организации кои се бореле во Сирија. Една од стратегиите за регрутирање, според обвиненијата поднесени од Јавното обвинителството на Косово, била и пропагандата.

Суштината на наративот што се користела била виктимизацијата на муслиманите и повикот да се запре виктимизацијата преку насилство и џихад, потоа доаѓа негирањето на европските вредности, повиците против уставниот поредок, промовирањето на насилството како единствен облик на решавање на проблемите, обидот за наметнување социјални норми, нарушувањето на имиџот на верските водачи, непослушност кон владата и правосудниот систем, обиди за промена на економскиот поредок, како и обиди за промовирање нови струи на исламот. Сето ова се дел од наративите кои одекнаа силно во јавноста во текот на годината.

И покрај апсењата од косовската полиција, KALLXO.com откри дека продолжува да се промовира џихадот, претежно на веб-страниците со седиште во родните градови на луѓето кои се приклучиле на војната во Сирија.

Палестинска мајка го држи својот син, кој вчера загина како маченик (иншАлах),  ова е пораката објавена на Фејсбук страницата „Елез Хан како Париз“.

Пораката објавена на оваа страница на Фејсбук е дел од пропагандата која промовира џихад и смрт за политичка жртва, и е придружена со слика од мајка која носи ковчег за време на еден погреб во Палестина, но се вели дека таа е среќна.

Нејзиното лице е насмеано бидејќи таа верува и се надева дека нејзиниот сакан син не е мртов, туку е жив, хранејќи се од својот Господ. Нејзиниот син, кој беше убиен вчера, во една гласовна порака испратена неколку моменти пред неговата смрт, рече: Другари, наскоро ќе бидам маченик (ИншАлах). Многу ја сакам мајка ми, се вели понатаму во оваа објава направена на оваа Фејсбук страница Елез Хан како Париз.

Елез Хан (Генерал Јанковиќ) е општина во Република Косово со околу 10.000 жители. Од оваа општина над 20 граѓани заминале во војните во Сирија и во Ирак. Елез Хан се граничи со општина Качаник, каде што се роди дел од пропагандата која подоцна влијаеше на регрутирање луѓе во ИСИС.

Обвиненијата пред судовите

Најголемата терористичка група на 21 век  – ИСИС, успеа да изгради редакција и да има уредници на албански јазик, внимавајќи покрај пропагандата да испрати и многу сериозни закани кон граѓаните и кон државите на Балканот.

Без сомнеж, едно од лицата кои беа обвинети за најголемите проблеми и за придонес во хибридната војна е Ардит Феризи од Ѓаковица. Тој беше осуден на 20 години затвор во Соединетите Американски Држави за терористички дела. Феризи (25) е државјанин на Косово, кој е депортиран од Малезија во САД во 2016 година за да се соочи со обвиненија за тероризам. Тој беше прогласен за виновен за неовластен пристап во компјутерски информации, податоци кои потоа ги испратил на една терористичка група. Овие податоци, кои претежно се однесуваат на американски војници и владини службеници, се предадени на припадниците на таканаречената Исламска држава (ИД).

Феризи беше ослободен во декември 2020 година и беше наредено негово депортирање во Косово, откако успеа да добие предвремено ослободување поради пандемијата со ковид-19.

Не помина долго време по овој случај, а ИД ги објави податоците на мрежата Твитер и предупреди дека „ќе ги нападне вашиот врат, вашата земја“.

Беше јуни 2015 година кога ИСИС за прв пат им се закани на Албанците кои живеат на Балканот. Во неодамна објавеното пропагандно видео на интернет со логото на „Алхајат медиа центар“, кој беше познат како медиум на ИСИС, има закани по балканските држави.

Видеото трае околу 20 минути и во него на албански јазик зборуваат две лица кои Албанците ги опишуваат како атеисти кои им се закануваат.

Двете лица кои зборуваат албански во видеото се претставени како Ал-Албани и Ал-Косова, односно едниот од Албанија, а другиот од Косово. Обраќајќи им се на граѓаните од Албанија, Косово, Северна Македонија, но и на другите балкански држави, тие велат:

Ќе дојдат црни денови за вас. Не забораваме што им направивте на муслиманите; ќе се плашите да одите по улица; ќе се плашите да работите во вашите канцеларии; ќе бидете преплашени дури и во вашите домови. Ќе постапиме со вас онака како што направивме во Ирак со нивната војска. Ќе ви дојдеме со луѓе кои повеќе ја сакаат смртта од животот. Ќе се бориме додека не го издигнеме зборот на Алах во таа земја и тоа ќе се случи наскоро.

Исто така, во октомври 2015 година до редакциите на балканските медиуми стигна заканувачка порака преку која им се закануваат на премиерите на Балканот, вклучително и на премиерот на Албанија. Тие се заканија со напади во балканските земји, а први кои беа предупредени беа премиерите на овие држави со следната порака:

Исламската држава доаѓа на Балканот, ве предупредуваме дека не заборавивме што нивните водачи и помошници им направија на нашите браќа и сестри на Балканот. Нема сомнеж дека насекаде низ Скопје, во Тирана, имаме поддржувачи и браќа и сестри кои се жедни за крв. Добро би било овие премиери да се заштитат. Калифатот доаѓа на Балканот и таму имаме многу браќа жедни за крв. Му кажуваме и на Путин да ни донесе војници и ние ќе им ги вратиме назад нивните глави, се вели во пораката што ја испратил лице по име Абу Тураб.

ИСИС имаше и своја редакција на албански јазик, каде преку веб-страницата „hilafeti.wordpress“ ги објавуваше материјалите и соопштенијата, а преку оваа страница исто така ги поздравуваше терористичките напади, воедно величајќи ги терористичките напади во западните држави.

Покрај редакцијата која произведуваше такви материјали, ИД имаше и физички регрути.

Едно досие на Специјалното обвинителство на Република Косово го прави одговорен за регрутирање терористи поранешниот имам на џамијата Ел-Кудус во Гњилане, Зекерја Ќазими, кој се школувал во Каиро, Египет.

Доволно е да се погледнат имињата на оние кои заминаа во Сирија за да се заклучи дека Зекерја Ќазими бил успешен, рече специјалниот обвинител Елез Бљакај во неговиот завршен говор на судењето на Ќазими.

Според Специјалното обвинителство на Косово, Ќазими од почетокот на војната во Сирија во 2011 година почнал да држи верски предавања во организацијата „Исламска младина“ во Качаник. Важноста на џихадот била главната тема на овие предавања, односно еден час борба се сметал како 30 часа молитва.

Повеќето членови на оваа организација во Качаник, меѓу кои и Љавдрим Мухаџери, завршија во воената зона, каде им се приклучија на Ал Нусра и на ИСИС.

Според обвинителството, Ќазими одржал предавања и во Гњилане и Елез Хан, и таму се зборувало за „светата земја Шам“, како и за важноста од приклучување кон ИСИС и Џабат Ал-Нусра.

Обвинението го товареше Ќазими дека им дал инструкции, насоки и пари на оние кои заминале да се борат во Сирија.

Во јуни 2014 година, според обвинителството, Ќазими донел одлука лидер на Албанците во Сирија наместо Љавдрим Мухаџери да биде Ридван Аќифи.

Ќазими, освен за регрутирање во тероризам, е обвинет и за кривично дело поттикнување омраза. Обвинителството го терети дека како имам на џамијата Ел-Кудус во Гњилане, јавно поттикнувал и ширел верска омраза на тој начин што преку снимка објавена на Јутјуб во 2013 година рекол дека „крвта на неверниците е најдобриот пијалок за нас“.

Ќазими беше осуден на 10 години затвор, а заедно со него беа осудени уште 6 други лица за обвиненија поврзани за тероризам.

Редакцијата на ИСИС континуирано имаше за цел да го покаже присуството на организацијата и на Косово. Група од ова организација беше уапсена за време на обидот да изработат материјал каде што се појавуваа вооружени лица како ја читаат заклетвата на ИСИС.

Случајот познат како Бадовци, покажува како пет лица имале намера да снимаат пропагандно видео за да го докажат ширењето на ИСИС во Косово, во близина на езерото Бадовци, од каде половина Приштина се снабдува со вода.

Според обвинението, петмината обвинети, во јули 2015 година отишле на езерото Бадовци, во близина на Приштина, со цел да снимат пропагандно видео, во кое планирале да ја прочитаат заклетвата на лидерот на терористичката организација „Исламска држава“, позната по кратенката ИСИС.

Во јули 2017 година, Основниот суд во Приштина на повторното судење ги прогласи за виновни и им изрече казна сатвор на обвинетите во овој случај. Бесник Љатифи беше осуден на 4 години и 6 месеци затвор, а Газменд Халити, Миљазим Хаџиај и Енис Љатифи беа осудени на затворски казни од по 3 години и 6 месеци. Фехми Муса беше осуден на 3 години затвор, но потоа беше ослободен од Врховниот суд на Косово.

Друг случај од ваков карактер беше резултат на истрагата на Специјалното обвинителство на Косово, која во јули 2016 година кулминираше со апсење на две лица осомничени за ширење терористичка пропаганда на Косово.

Уапсениот Н. К., од Пеќ, беше осомничен како основач на „Радио Ансар“, кое со години ги емитуваше верските предавања на имамите осудени за поттикнување тероризам. Гласот на Зеќрија Ќазими и другиот имам, Реџеп Мемиши од Македонија, беше дел од секојдневната програмска шема на Радио Ансар.

За слични активности, но за друг случај во тоа време беше уапсен Ракип Авдили, кој беше осуден на 17 месеци затвор откако сподели материјал со повикување на џихад на Јутјуб. Обвинителката Мерита Бина-Ругова при читањето на обвинителниот акт покажа што рекол Авдили на една снимка со наслов „Калифатот ќе дојде во земјата на орлите“. На оваа снимка, според обвинителката, Авдили повикува на лични и групни напади, барајќи да се земе оружје на рака за да се нападнат владата и амбасадите.

Една друга група имами во Косово беа уапсени меѓу 2014-2018 година. Тие беа ослободени, бидејќи обвинителството не најде инкриминирачки докази дека нивните пораки биле повици за војна.

Еден од најследените имами на социјалните мрежи е Шефќет Красниќи, кој има близу 400.000 следбеници на Фејсбук. Красниќи беше уапсен во 2014 година, но беше ослободен откако судот утврди дека неговите предавања не претставуваат кривично дело. Исламската заедница во својот одговор до судот рече дека говорот на Красниќи не бил во духот на ИЗК.

Неприфаќање на Уставот на Косово

Обвинителството тврдеше дека предавањата на Шефќет Красниќи, во кои се тврди дека рекол дека сектата „Рафеди“ со потекло од Иран предизвикала многу зла и каде кажува дека нејзиниот дух стигнал и до Косово, прво во Призрен, а потоа и во Приштина, содржеше говор на омраза.

Во меѓувреме, според досието на Обвинителството, во втората видео снимка насловена „Закон за Сирија и повикот да не се оди“, се слуша како Красниќи ги критикува косовските пратеници кои го усвоиле Законот за забрана на граѓаните да учествуваат во странски војни.

Красниќи во судскиот процес рече дека негово право е да се спротивстави на законот со кој се спречува одење во странски војни, бидејќи, според него, тоа го направиле и околу 30 пратеници од Собранието на Косово.

На прашањата на Обвинителството дали предавањата на Красниќи се во согласност со духот на Исламската заедница на Косово (ИЗК), тие одговорија дека двете предавања за кои беа прашани не се во духот на принципите на исламските толкувања и не се во согласност со учењата, упатствата и принципите на оваа религија.

Двете наведени предавања не се во духут на исламот и сметаме дека не се на традиционалниот јазик. Грубиот јазик не се совпаѓа со уставот и другите правила на Исламската заедница, се вели во еден од одговорите на ИЗК.

Красниќи на 23 март 2018 година беше прогласен за невин и оваа одлука беше потврдена од Апелациониот суд. Тој и понатаму е еден од најследените имами на интернет и на социјалните мрежи.

Друга група оџи беа обвинети за терористички дела. Тие со судската одлука беа ослободени. Имамите Бедри Робај, Идриз Билибани, Енес Гога и Мазлам Мазлами (со над 42 илјади следбеници на Фејсбук), како и Фуад Рамиќи беа обвинети за дела поврзани со тероризам и повикување на отпор.

Според обвинението, Бедри Робај, од 2012 година до август 2014 година во Приштина, во импровизираната џамија кај „Термокос“, каде што служел како имам, за време на проповедите и приватните предавања го поддржувал џихадот-мачеништвото во Сирија. „Џамијата“ кај „Термокос“ функционирала надвор од јурисдикцијата на Исламската заедница на Косово.

Идриз Билибани (6.000 следбеници на Фејсбук) беше обвинет дека од 2012 година до моментот на апсењето, во Призрен и на други места во Косово, како оџа за време на верските предавања во џамиите, невладината организација „Ел Бејан““ и други јавните настапи снимени на видео, пренел поттикнувачки пораки за некои лица да се приклучат на терористичката организација „Ал Нусра“ во Сирија.

Од друга страна, Енес Гога (27 илјади следбеници на Фејсбук) беше обвинет дека од позиција на оџа во Пеќ, на едно верско предавање пред верниците во Пеќ, преку „Аудионур“ на 10 март 2014 година, кое беше објавено на Јутјуб, до кое имале пристап голем број луѓе, јавно поттикнал омраза кон верските групи на христијански верници.

Фуад Рамиќи беше обвинет дека од почетокот на септември 2014 година во своите јавни настапи во медиумите, телевизиите, весниците и социјалните мрежи, повикувал на отпор кон правосудните органи.

Според Обвинителството, со ова, обвинетите Бедри Робај и Идриз Билибани сториле кривично дело поттикнување на терористички дејствија, додека другите обвинети Енес Гога и Мазлам Мазлами биле обвинети дека сториле кривично дело поттикнување омраза, поделба или национална, расна, верска или етничка нетрпеливост.

Ослободените сè уште имаат големо присуство на социјалните мрежи.

Години подоцна, во 2022 година, поранешниот претседател на ЛИСБА, Фуад Рамиќи, во телевизиска дебата рече дека не го прифаќа Уставот на Косово, бидејќи тој не е во согласност со неговите принципи.

Јас не го прифаќам овој устав, бидејќи не ми одговара, рече тој.

Неговата порака беше преземена и споделена на десетици страници на социјалните медиуми.

Рамиќи повторно почна да се појавува во медиумите по инцидентот во кој беше нападнат еден имам во општина Подујева. Во дебатата тој го спомна обвинувањето дека безбедносните институции се против исламот, а една од најсериозните обвинувања беше упатена кон Исламската заедница на Косово.

Неговото интервју кое беше споделено на 174 страници на социјалните мрежи, меѓудругото, гради наратив против имамите на земјата.

Во Косово, кај оџите има најмалку ислам, сите се сервилни, 99 отсто се сервилни на владата и ја користат исламската заедница како олигарси за да ги задржат своите позиции, изјави Рамиќи.

Прогласувањето на имамите за „неверници“ или корумпирани е една од тешките форми на радикализација. Податоците на косовската казнено-поправна служба покажуваат дека поголемиот дел од затворениците за тероризам одбиле да се сретнат со имами кои се на иста линија со Исламската заедница на Косово.

Наративи распространети во 2022 година 

И во текот на 2022 година се регистрирани повеќе проблеми кои го имаат изворот во екстремистичките идеологии.

Во регионот на Подујево беше претепан еден имам, а снимени се неколку пораки кои покажуваат пропаганда против европските вредности, против уставниот поредок и другите општествени вредности.

Во средината на 2022 година имаше кампања против пејачката Дуа Липа, која ги претставува европските вредности. Дуа Липа е една од најпознатите албански пејачки во светот.

Таа стана идол на милиони луѓе во светот и стана претставник на успешните албански девојки кои го покажуваат европскиот дух на земјата.

Во екот на нејзината поддршка, кога таа одржуваше концерт во Приштина, повеќе од 100 објави на Фејсбук страниците имаа за цел да го нарушат нејзиниот имиџ, користејќи фотографија на мајката на херојот Адем Јашари, облечена во традиционална шамија.

Замислете оваа жена да беше ќерка на Дукаѓин Липа, да беше родена во странство, да има секакви фраери молери, да не направеше „горди“ со нејзината музика…, дали би одгледувала мажи како чичко Хамза и Адем, пишуваше во постот.

Оваа порака беше споделена во над 100 објави, а имаше за цел да ја демонизира Липа нарекувајќи ја неморална.

Изворите на објавите се неидентификувани, но врз основа на содржината што ја споделиле може да се види дека станува збор за страници на Фејсбук кои имаат за цел да промовираат струи на исламот, кои не дозволуваат музика и имаат за цел да го промовираат носењето шамија.

Наратив против човековите права од слични страници беше направен по повод дискусијата за Граѓанскиот законик, кој овозможува признавање на граѓанска заедница меѓу исти полови.

Реакции имаше и кога Владата на Косово одлучи да ја обои зградата на Владата на Косово со боите на знамето што го користи ЛГБТИ заедницата. Еден од имамите на Вучитрн го нарече знаме на срамот, додека во земјава имаше реакции и против парадата.

Владата на Косово се обиде да го донесе новиот Граѓански законик во Собранието во 2022 година, кој предвидуваше регистрација на врските меѓу лица од ист пол.

Лидерите на четирите верски заедници во Косово соопштија дека потпишале заедничка изјава, преку која се повикува во нацрт-граѓанскиот законик, да не се прават измени во однос на бракот и семејството.

Дa се посегне по редефинирањето на бракот и учесниците во него, т.е. мажот роден како машко и жената родена како женско, мислиме дека е директен упад во Божјата волја, како и неговата света покривка за целото човечко семејство кое започнало од маж и жена со благослов и заповед на вечна репродукција,  пишуваше во соопштението.

Наративот и реакциите во јавноста, како и противењето на дел од пратениците направија да пропадне иницијативата за усвојување на Граѓанскиот законик, и истиот е вратен на повторно разгледување во Владата.

Еден од наративите што постојано се споменува е дека косовската држава е против муслиманите и дека ги прогонува.

Во една од дебатите беше споменато дека косовската Разузнавачка агенција и полицијата се против муслиманите, а податоците од судовите покажуваат дека дел од осудените за тероризам не го признаа судот и ја обвиниja полицијата за насилство врз муслиманите.

Иницијативи за носење шамии во училиштата

Во текот на годината имаше неколку иницијативи во земјата кои докажаа дека има обиди за ширење на исламот во образовните институции.

Обидите започнаа со барањата за создавање простории за молитва во училиштата, како што беше случајот со училиштето „Ѓин Газули“. Оваа иницијатива заврши без успех.

Во текот на годината се одржа уште една дебата за носењето шамии во училиштата.

Министерството за образование донесе административно упатство со кое се забранува употреба на верски симболи, вклучително и шамии, во училиштата во земјата, со цел да се заштити секуларниот карактер на предуниверзитетскиот образовен систем.

Правникот Дурим Бериша, поранешен советник на премиерот Албин Курти, поднесе формално барање до Министерството за образование за промена на наведеното упатство под изговор дека тоа претставува кршење на човековите права и на Европската конвенција.

По поднесувањето на барањето на група активисти, меѓу кои и активистот Лиридон Курти од Митровица, на социјалните мрежи започна кампања за измена на упатството. Кампањата доби над 20 илјади потписи и имаше преку 37 илјади споделувања на социјалните мрежи.

Курти, во реакција за KALLXO.com вели дека оваа иницијатива е во насока на спроведување на Европската конвенција за човекови права.

Барањето и кампањата имаа за цел елиминирање на незаконската одредба (исто како што и самиот премиер Курти еднаш нагласи дека не станува збор за дозволување шамии во училиштата, туку за елиминирање на незаконската пречка, рекол Курти во неговата реакција. Целосната реакција можете да ја прочитате на овој линк

Друга група на социјалните мрежи, пак, започна друга кампања за забрана на носење шамии во училиштата. Оваа кампања имаше помалку поддржувачи на социјалните мрежи.

По притисокот на јавноста, премиерот Албин Курти даде нов став во врска со шамијата. Тој рече дека шамијата треба да биде дозволена на возраст над 16 години.

Дури откако прашањето за шамиите беше главна тема неколку дена на социјалните мрежи, министерката за образование, Арберие Нагавци, даде јасен став дека упатството нема да се менува.

Правата на жените 

Имамите со изразени радикални тенденции промовираат екстремна доминација на мажите над жените. Користениот јазик ја промовира дозволата што мажите треба да им ја дадат на жените за движење, работа, посети итн., додека дури и во имотните работи постои наратив дека жените не треба да наследуваат недвижен имот.

Во оваа тема се идентификувани такви наративи кои се косат со основните човекови права и слободи, како што е правото на брак. Садула Бајрами, имам Албанец од Македонија, проповеда дека девојките не смеаат да стапат во брак без дозвола од нивниот татко. Оваа порака е споделена на најмалку седум страници на социјалните мрежи, каде има следбеници и од Косово.

Сличен наратив има и имамот од Митровица, Ирфан Салиху. Во објавите на социјалните мрежи тој е цитиран како рекол дека девојките не можат да стапат во брак без дозвола од таткото.

Покрај семејството, се шират и наративи против националните празници, традиционалните и паганските празници.

Прашањата дали е дозволено да се слави Нова година, дали смее да се слави Ноќта на вештерките(Халоуин), дали е дозволено да се одбележуваат празници од национален карактер покрај етничките, будат жестоки дебати кои се исполнети и со говор на омраза на социјалните мрежи.

Имамот од Скопје Реџеп Мемиши во една своја изјава рече дека оние кои го слават 7 Март, денот на учителите – излегуваат од верата. Тој беше осуден на седум години затвор од Кривичниот суд Скопје. Освен него, како дел од групата беа осудени уште шест лица. Сите тие го признаа делото и во договор со обвинителството и одбраната им беше изречена пониска казна, отколку што беше очекувано. Сите 12 лица беа уапсени во рамките на полициската акција „Ќелија“.

Наративи против другите религии 

Иако Косово се карактеризира со голема толеранција за религиите, имало случаи кога се развивал јавен дискурс против историските личности на Албанците, како Мајка Тереза или Скендербег.

На пример, на почетокот на 2022 година, изјавата на поранешниот министер за надворешни работи на Албанија, Паскал Мило, за ликот на Скендербег беше погрешно цитирана.

Тој во една дебата рекол дека Скендербег е роден како православен, додека медиумите погрешно го цитираа ставајќи во наслов дека тој наводно рекол дека „Скендербег бил Словен“.

Освен тоа, во продолжение беше објавено видео со исечени секвенци од изјавата на Паскал Мило. Во неговото појаснување, Мило рече дека тоа што го изјавил било искривено.

Дали знаете каде е искривувањето? Тие имаа сечено издвоени фрази од целата 2-часовна дебата и ги залепија за да го создадат впечаток што сакаа да го создадат“, кажа Мило додавајќи дека ваквото монтирање го направиле исламски радикални кругови кои се присутни во Албанија.

Видеото беше објавено на Јутјуб од веб-страницата „TheOsmanlit“.

Истоимената страница е функционална и на Фејсбук, и постира објави про-муслиманите и Русија во војната против Украина.

Исто така, на изградбата на катедралата „Мајка Тереза“ му претходеше првиот протест одржан за изградба на џамијата во дворот на Приштинскиот Универзитет спроти катедралата „Мајка Тереза“. Дел од муслиманската заедница упати јавно барање да се изгради голема џамија во кампусот на Универзитетот во Приштина, спроти катедралата.

На овој протест учествуваше и Лавдрим Мухаџери, кој подоцна се приклучи на терористичката организација ИСИС. Каузата за изградбата на џамијата во центарот на Приштина подоцна го презеде Движењето за единство – ЛИСБА предводено од Фуад Рамиќи, а дури потоа оваа иницијатива ја презеде Исламската заедница на Косово.

Дел од анти-јавниот дискурс во Косово е и прашањето за конвертирање во исламската вера, кога не се ретки случаите кога помпезно се прикажуваат ваквите случаи и потоа се споделуваат од цела мрежа на веб-страници, добивајќи поголем одек.

Веста за конвертирањето на жена од Германија во Митровица како што е наведено на платформата Crowdtangle, беше споделена над 100 пати на различни веб-страници.

Ирански дух 

Игбале Худути, поддржувачка на иранскиот „шиитски“ дух, кој не е поддржан од Исламската заедница на Косово, доби екстремно внимание поради изјавата што ја дала во врска со браковите.

Исто така, Худути, по убиството на иранскиот генерал Касем Сулејмани во напад со дрон извршен од американската армија, сподели статус на нејзиниот Фејсбук профил со содржина која наводно содржела повици за одмазда.

Ирачкиот народ излезе на улиците на Ирак веднаш по американското злосторство, за остро да ја осуди неправдата направена врз две еминентни личности во Ирак и во Иран, нивните двајца генерали, генералот Сулејмани и генералот Абу Мехди Мухендиси. Господ да ѝ даде трпение, затоа што ако го убиете сопственикот на куќата, е исто како да ги убиете сите членови на куќата, и потоа одмаздата е обврска, но нема граница“, е нејзин цитиран напис од 4 јануари 2020 година.

Худути беше уапсена во 2020 година, но подоцна беше ослободена како невина. Само во 2022 година, имаше најмалку 2,539 написи на Фејсбук во кои се споменуваше нејзиното име, а таа беше повикана во над 20 ТВ-емисии. На нејзините ставови се спротивставија имамите на ИЗК.

Сопругот на Худути е познат како личност која се занимава со купопродажба на недвижен имот. Во извештајот на Глобалната иницијатива „Незаконски финансиски приливи во Албанија, Косово и Северна Македонија“ се вели дека секторот за недвижности се користи за перење пари.

Худути има близу 38 илјади следбеници на мрежата „ТикТок“, додека 87 објави со содржини против неа се евидентирани на платформата „Crowdtangle“.

Во јавниот дискурс има и наративи поврзани со забраната за земање кредити, висината на каматата или економското уредување на земјата. Овие наративи често се придружени со примери за тоа како другите земји надвор од Косово со други модели на управување како Турција се покажале успешни, затоа што се против каматите, кои според верата се забранети.

Изворот на пропагандата

Досегашните стратешки документи, вклучително и Стратегијата за спречување на екстремизмот и тероризмот, го идентификуваат интернетот како опасен извор на насилниот екстремизам и тероризам.

Како резултат на тоа, во периодот од 2012 до 2022 година, безбедносните институции во Косово затворија стотици страници и платформи каде што биле споделени материјали кои се сметаат за дел од пропагандата што промовира политички ислам и верски тероризам.

Меѓу затворените страници и платформи беа онлајн радио канали на Јутјуб и сајтови на социјалните мрежи, како што е Facebook, каде што биле споделени забранети содржини.

Анализите направени од антитерористичката единица покажуваат дека првичните материјали се внесени во хартиена форма. Во повоените години во земјата се дистрибуираа преведени книги и брошури со пораки за политичкиот ислам. Истите успеаја да се дигитализираат и денес да бидат достапни на Интернет.

Косовската полиција во некои случаи идентификуваше извори на финансирање кои вклучуваа луѓе во други земји, вклучително и во развиените земји, но и најмалку еден случај на пропаганда од една конкретна земја. Сепак, прашањето на финансирањето останува предизвик, не само за институциите на Република Косово, туку и за развиените земји, се вели во одговорот на полицијата.

Истите покажуваат дека во меѓувреме имало и промена во пристапот и изворите на овие информации.

Првично доминираа материјалите на таканаречените верски учени луѓе од земјите од Блискиот Исток. Потоа, по почетокот на конфликтот во Сирија и Ирак, пропагандните материјали главно содржаа елементи и слики од овие конфликтни области. А во последните години се евидентирани и материјали на албански јазик, или преведени со поднаслови на албански јазик, се вели во одговорот на полицијата.

Во наредната година, Владата на Косово, во рамките на Стратегијата за антитероризам, предвиде почеток на изработка на стратегија која има за цел да ги идентификува и да се бори против екстремните наративи.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Уапсена директорката на Агенцијата за спречување на корупцијата на Црна Гора

Уапсена директорката на Агенцијата за спречување на корупцијата на Црна Гора

Специјален полициски тим, по наредба на Специјалното државно обвинителство на Црна Гора, на 17 април …