Вицегувернерката Митреска

Вицегувернерката Митреска: Резултати од монетарната политика се големата доверба во домашната валута и забавувањето на инфлацијата

Резултатите од монетарната политика што ја води Народната банка ги гледаме во забавувањето на инфлацијата, големата доверба во домашната валута, но и во умереното забавување на кредитната активност за да не се предизвика голем шок во економијата. Ова го истакна вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, при гостувањето на „Блумберг Адрија“.

Вицегувернерката посочи дека затегнувањето на монетарната политика се одвива со користење повеќе инструменти. „Почнавме со затегнување во делот на ликвидноста, продолживме со постепено зголемување на каматните стапки, ги зголемивме капиталните барања на банките, воведовме претпазливи прагови во однос на потребните услови коишто треба да се исполнат за да се добие кредит, интервениравме кај задолжителната резерва, со цел поддршка на денаризацијата на билансите на банките, но и зајакнување на трансмисијата на основните монетарни сигнали“, наведе вицегувернерката.

Таа истакна дека редоследот и интензитетот на сите мерки одговараат на оцените коишто во континуитет се даваат за економските и финансиските услови. Одредени одложени ефекти од преземените мерки ќе има и во следниот период, со оглед на тоа што мерките на сите централни банки се пренесуваат со одредено задоцнување. „Степенот на пренос на промената во каматната стапка на централната банка врз каматите на банките, во различни земји е различен. Различен е дури и во земјите на еврозоната коишто имаат единствена монетарна политика. Ова покажува дека преносот секаде зависи од одредени специфичности на самиот пазар на пари, од просторот во билансите на банките и слично. Битно е дека има трансмисија, а кредитниот пазар и инфлацијата реагираат на монетарните промени“, посочува вицегувернерката Митреска и додава дека менувањето на монетарната политика во следниот период ќе зависи од движењата и очекувањата за клучните показатели.

Митреска информира дека кредитната динамика засега е многу блиску до пролетните проекции на Народната банка, според кои на крајот на годината кредитите би бележеле раст од 5.7%. Ова е забавување во однос на минатогодишната динамика од близу 10%, кога имаше зголемена потреба за кредитирање и ликвидносна поддршка на компаниите поради енергетската криза, но и очекувана тенденција во околности на постепено затегнување на финансиските услови и помала склоност за задолжување.

Прочитајте повеќе

Кешот им создава мака на многумина, но има и свои предности

Кешот им создава мака на многумина, но има и свои предности

Која е иднината на парите? Дали кешот ќе исчезне? Германската Бундесбанка смета дека тоа нема …