(Видео) Ковачевски за предлогот на нови министри: Ефикасна Влада и стабилно мнозинство за продолжување на економските реформи и европскиот пат

(Видео) Ковачевски за предлогот на нови министри: Ефикасна Влада и стабилно мнозинство за продолжување на економските реформи и европскиот пат

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, синоќа се обрати во Собранието на седницата на која на дневен ред е Предлогот за избор на членови на Владата на Република Северна Македонија.

Во продолжение е интегралното обраќање на премиерот Ковачевски:

„Го заокружуваме процесот на реконструкција на Владата преку изборот на нови министри.

Конкретно, денес имаме можност, шанса, јас би рекол обврска да креираме подобра, поуспешна и поефикасна Влада којашто целосно ќе продолжи да ги реализира поставените цели и задачи.

Да добиеме Влада којашто на вистински и успешен начин ќе продолжи да ги решава проблемите на граѓаните, којашто ќе генерира и покажува успех!

И веднаш на почетокот, сакам јасно да констатирам кои ќе бидат идентитетот и карактеристиките на новата Влада!

Стабилност! Ефикасност! Успешност! Работа! Чесност!

Сојуз за Европа, Европска Македонија, Европска перспектива!

Исто како што започнавме пред една година и успеавме и успеваме! Сега, со дополнителен елан, поддршка и полн и цврст капацитет!

На сите ни е јасно дека живееме во време-невреме! Во време на целосна европска безбедносна, енергетска и инфлаторна криза!

За мене и за Владата, токму во вакво време се покажува и докажува кого го бива, кој мисли и работи за граѓаните, кој може да овозможи стабилност и раст!

Да, тоа е клучно! Бидејќи и граѓаните и компаниите, сите, сакаат и бараат стабилност, извесност, предвидливост!

Сите ние сакаме да видиме, секој ден, дека државата и во вакви невидени услови, функционира, ги остварува своите основни функции, но и поважно, креира раст и развој.

Ова е време во кое што се бориме и внатре и надвор, со објективните проблеми, но и со факторите коишто посакуваат државата да стагнира, да уназадува, да пропаѓа!

Да, ова е јасна борба на две стварности, на две насоки, на две доминантни структури!

Првата, ја застапувам и ја предводам, како премиер, како најодговорен!

Јас, ние, Владата, коалицијата, сме на страната на прогресивното!

На патот на чесно, макотрпно, посветено и фокусирано решавање на старите и новите проблеми, на напластените историски проблеми и новите предизвици!

Со разум, со знаење, со добра верба, со чесност, со визија и насока кон заедничкото европско семејство.

Со почит и целосна заштита на традицијата, на македонскиот вековен и цврст национален, јазичен и културен идентитет и посебност, како темели за постоењето сега и засекогаш!

И со политики на градење пријатели во регионот и во Европа и со профилирани политики за единство, обединетост и работа за европски стандарди, за подобра економија, за подобар животен стандард, за борба против криминалот и корупцијата, за воведување и постоење ред и поредок во државата, на сите нивоа.

Јас тоа го ветив пред една година, за тоа работев со мојот тим и од тоа нема да отстапам за што било, за кого било и кога било! И како премиер и како граѓанин и како човек кој со своето семејство бил и ќе остане во Македонија!

Сосема сум свесен дека многу внатрешни фактори, со надворешна поддршка работат на сето спротивно! И знам дека работеа и работат, посакуваа и посакуваат, државата да биде во хаос, да има што е можно повеќе проблеми, да се растураат работите, да има очај, неверување, црнила!

И затоа веднаш велам. Тоа нема да помине, нема да дозволиме тоа да се случи! Не заради нас, туку заради државата и граѓаните!

Ние мора да продолжиме да работиме и да постигаме успеси и резултати како и досега.

Енергетската криза се менаџира успешно со стабилно, секојдневно снабдување со електрична и топлинска енергија по најниски цени во регионот. Не само што ја задржавме цената, туку и ја намаливме, а дополнително и започнавме да извезуваме електрична енергија, во најтешкиот месец јануари.

Во само една година, инсталирани се нови капацитети од над 150 мегавати од обновливи извори на енергија. Тоа не е само енергетска трансформација, туку е енергетска револуција којашто државата не ја видела со децении.

Го сменивме претходниот погрешен модел на субвенционирање на земјоделците и за промена, како што треба, започнавме да ги финансираме и тоа авансно, вистинските земјоделци. За да ја направиме државата и независна во снабдувањето со земјоделските производи и храна.

Во 2022 година, исплативме рекордна државна помош во вредност од 23 милиони евра, кон 410 компании, што вработуваат над 27.000 вработени.

Во најкризната година во Европа имаме и рекорден износ на странски директни инвестиции во износ од 430 милиони евра, во технолошко-индустриските развојни зони, во коишто се отворени нови 2.300 работни места, со плати повисоки од државниот просек.

Реализирани се 90 проценти од планираните капитални проекти лани, што е највисок остварен процент во претходните 10 години, со највисок, историски износ од 465 милиони евра.

Направивме историски највисок пораст на минималната и просечната плата.

Направивме историско највисоко и системско, одржливо зголемување на пензиите, преку 10 проценти и дополнително ги помагавме пензионерите во текот на целата година.

Успеавме конечно, после децении чекање, да ги отпочнеме преговорите со Европската Унија. И истите ги водиме на македонски јазик, без никакви ограничувања!

Денес, како што треба и доликува, македонскиот јазик е рамноправен во Европската Унија и во живо и на хартија.

Е тоа е вистинската, исправната, успешната, правилата вистина, реалност и вистинска разумна и патриотска страна во државата. Така се брани, така се сака, така се води држава, така се почитуваат граѓаните.

И така треба и да продолжиме, со зајакнато мнозинство, по трасираниот пат, по европскиот пат.

Во изминатите, а верувам и во следните денови, во оваа сала верувам ја гледате разликата!

За тоа што го сработевме, за што констатирав предмалку, лидери и заслужни се пратениците и министрите од мнозинството!

За што зборат и како се однесуваат, што посакуваат другите, од опозицијата, гледате и слушате самите!

Иако, многу искрено, добронамерно, заради државата, затоа што како држава ни треба обединување, понудив рака за соработка со опозицијата, понудив можност за заедничка работа, за жал, истата беше одбиена.

Опозицијата предводена од Левица, во којашто мозокот е Левица, а извршителите се ВМРО-ДПМНЕ, повторно покажува само гнев, црнила, закани, празни фрази!

Не само што не помагаат, не само што не нудат алтернативи, туку тие ѝ одмагаат на државата! Не на мене и на Владата, туку одмагаат и работат против државата и граѓаните!

Посакуваат и работат да има проблеми, посакуваат и работат како што тоа го прават анти-македонските фактори надвор, секој ден да биде пропаст, проблеми, кризи.

И за жал, несфатливо и неприфатливо за секој разумен човек, се радуваат кога има проблеми.

Тоа е нивен избор. Да останат во скутот на криминалот, да се топлат во криминалните фотељи од минатото, да се борат за амнестија на криминалот, да формираат бугарски клубови низ државата, да провоцираат конфликти.

Најлошо и најопасно, да го делат македонското ткиво, да ги делат граѓаните, да создаваат поделби, да ја блокираат државата на патот кон Европската Унија, а со цел да ги зачуваат или стекнат нови криминални пари, бидејќи за нив само тоа е свето.

Е против тоа се бориме ние! И нема да дозволиме, оваа структура, со главата на Левица, а телото на ВМРО-ДПМНЕ повторно, како во минатото, да ја уништува државата.

И за таа цел, денес, почитувани граѓани, го зголемуваме парламентарното мнозинство, формираме нова, постабилна и поуспешна Влада и со влезот на Алијанса за Албанците и со избор на нови министри и заменици министри.

За да можеме во оваа 2023 година, да продолжиме да работиме како што ветивме и како што остваруваме.

За да можеме веќе следната недела да констатираме нов пораст на минималната плата од над 20.000 денари. За да констатираме дека го исполнивме даденото ветување и многу порано, за просечна плата над 34.000 денари.

За да констатираме факт дека пензиите во март ќе пораснат за 8,4 дополнителни проценти.

За да продолжиме со инвестициите во патната и железничката инфраструктура и особено важно, да ја започнеме изградбата на Коридорот 8 и Коридорот 10-д.

За да постигнеме рекордно високо ниво на капитални инвестиции, да го исполниме ветувањето за дополнително зголемување на вработеноста и намалување на невработеноста.

За граѓаните да видат дека во 2023 година ќе се инсталираат обновливи извори на енергија од 300 мегавати – и преку домашните инвеститори, но и преку влезот на светски реномирани компании од Германија и Франција.

Е затоа државата е поддржана од европските пријатели и партнери и на политичко и на економско ниво. Затоа нашиот кредитен ризик е намален и меѓународните инвеститори веруваат во економијата, во политиките, во иднината на нашата држава.

Во единствената, европската иднина, за којашто и покрај сите блокади внатре и надвор, ние ќе продолжиме да ја создаваме сега, веднаш, со Европскиот сојуз, со Европската коалиција!

И во исто време, да започнеме да ги воведуваме европските стандарди дома, во нашето секојдневие! За да ги елиминираме криминалот и корупцијата, да ги сузбиеме непотизмот и личните интереси, да ја вратиме вербата дека има чесни, одговорни и работливи политичари.

И такви политики, ќе спроведуваме! За државната и јавната администрација, сите институции, да работат и по Устав и закон, но и со етика и одговорност.

За да знаеме дека доброто сме го надградиле, а лошото и незаконското сме го санкционирале и искорениле!

Јас во ова цврсто и искрено верувам! За тоа се нафатив и да работам! За тоа денес и предлагам и ја барам довербата од пратениците, но и од јавноста, да формираме постабилна, поуспешна, поефикасна и фокусирана Влада.

За мене политиката не е математика. Политиката, ако е базирана на вредности, на принципи, на верба, на одговорност, значи многу повеќе од збир на пратеници и од збир и број на министри.

Од самиот почеток реков дека нема да ги делам луѓето по полова, етничка, религиозна, или партиска линија! За мене или човекот е компетентен, работлив, чесен и одговорен, или не е. Тоа треба да се мери, вреднува и избира!

Денешниот предлог е реконструкција, реконфигурација на Влада на Република Северна Македонија! Не е предлог на партии, не е предлог на етникуми, не е предлог на поединци. Тоа е предлог за целина. Не зборувам и нема да зборувам за дропки, за децимали, за баланси.

Бидејќи, на крајот се бројат и мерат, резултатите и успесите. Тоа е најважно!

И ќе нè биде и верувам дека оваа година ќе биде година на позитивни промени, на позитивни очекувања, на позитивни исходи, на сите полиња.

За таа цел и во тоа име, ја барам Вашата доверба.

Почитуван претседателе, пратенички и пратеници, предлагам да ги изберете:

  • г-дин Кренар Лога, за министер кој ќе раководи со Министерството за правда;
  • г-дин Фатмир Меџити, за министер кој ќе раководи со Министерството за здравство;
  • г-дин Азир Алиу, за министер кој ќе раководи со Министерството за информатичко општество и администрација;
  • г-ѓа Каја Шукова за министерка која ќе раководи со Министерството за животна средина и просторно планирање.

Посакувам успешна, конструктивна седница и работа. За да бидеме ефикасни и да продолжиме да работиме и реализираме, како што ветивме“.

Претходно, по предлогот за разрешувања доставен од премиерот Ковачевски, Собранието на Република Северна Македонија ги констатираше оставките на министерот за правда Никола Тупанчевски и на министерот за животна средина Насер Нуредини, а со зголемено парламентарно мнозинство, Собранието на Република Северна Македонија ги разреши: Беким Сали од функцијата министер за здравство, Адмирим Алити, министер за информатичко општество и администрација и Џемаил Чупи, од функцијата министер без ресор, задолжен за дијаспора.

Прочитајте повеќе

Руски обрач околу Харков: „Страшно е”

Руски обрач околу Харков: „Страшно е”

Украинската војска јавува за тешки борби во руско-украинскиот пограничен регион Харков. Од офанзивата на исток …