Прес-конференција на Зоран Пачешкоски, претседател на ОО СДСМ Прилеп
Почитувани,
Точно една година после локалните избори, со чиста и мирна совест можеме да констатираме: Борче Јовчески е најслабиот градоначалник во историјата на Прилеп!
Неговото едногодишно владеење е најголемата елементарна непогода која било кога ја зафатило територијата на општина Прилеп.
Она по што Јовчески ќе остане запаметен, е фактот дека тој е единствениот „татко“ на градот кому му успеало од неговата листа на желби наречена „изборна програма“, во 365 дена да не реализира ниту еден проект!
Ги нема ветените катни гаражи, ниту трите кружни текови кај Табана, Тинекс и новата автобуска станица.
Сообраќајната инфраструктура во градот е под секое ниво – дупките на улиците прераснаа во кратери, а наместо најавената борба со бесправно изградените објекти, во централното градско подрачје, пред очите на Јовчески никнуваат дивоградби.
Пречекорени се сите рокови за реконструкција на улицата од споменикот на Пеце Атанасоски, до Основното општинско училиште „Кочо Рацин“. Притоа, финансиската штета која им е причинета на дуќанџиите заради бесконечното траење на градежните работи, најдобро ја знаат самите тие.
Голема лага на Борче Јовчески беа бесплатниот оброк за сите ученици до четврто одделение и бесплатните униформи за учениците од социјално загрозените семејства.
Мртво слово на хартија останаа ветувањата за реконструктивните зафати на влезовите во градот, Старата прилепска чаршија, амфитеатарот во Варош, плоштадот „Александрија“ и „Арт“ плоштадот пред „Марко Цепенков“, спортските игралишта, парковските површини.
Излажани останаа и жителите на 29 населени места, кои не ги добија ниту ветените детални урбанистички планови, ниту пак малите акумулации за напојување на стоката. Сепак најмногу беа излажани жителите на Канатларци, Лениште, Мало и Големо Коњари, на кои Јовчески им гарантираше дека ќе им го реши проблемот со водоснабдувањето и со фекалната канализација.
Наместо помош, на маргините ги остави спортските клубови, меѓу кои и прилепската гордост, фудбалскиот клуб „Победа“ и ракометниот клуб „Прилеп“.
Почитувани граѓани,
Не само што за цела една година не успеа да реализира ниту едно од своите ветувања, туку градоначалникот Јовчески не е способен да ги заврши ниту започнатите проекти од претходната локална власт на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.
Борче Јовчески е единствениот виновник што новата градинка во населбата „Точила“ сеуште не ги отворила вратите за 250 дечиња од градот.
Неспособноста на Јовчески е причина што не е започната реализацијата ниту на оние проекти за кои Владата на СДСМ обезбеди средства: реконструкција на улицата „Леце Котески“ во должина од два километра и изградба на водоводот за манастирот Трескавец.
За волја на вистината, постојат неколку работи кои Борче Јовчески не им ги вети на прилепчани, но со чија реализација „пријатно“ ги изненади своите сограѓани.
Тоа првенствено се однесува на веројатно најголемата лага на Јовчески, со која наместо намалување на сметките за вода, со негово одобрение дојде до нивно зголемување.
Поради неспособноста на градоначалникот Јовчески и на директорите на јавните претпријатија, за 67 отсто се зголемија цените на услугите на „Комуналец“, а драстично поскапеа јавниот градски превоз и паркингот.
Она што Јовчески исто така не го вети но го реализира, е што својот другар Игор Гулабоски го назначи за директор на ЈКП „Водовод и канализација“, а Маја Костадиноска, медицинската сестра од неговата приватна амбуланта, ја именуваше за шеф на кабинетот.
Почитувани,
Заради нереализираните изборни ветувања и заради неспособноста да ја менаџира Општината, го повикуваме Борче Јовчески да поднесе итна и неотповиклива оставка од градоначалничката функција и на тој начин конечно да направи нешто добро и за себе, но и за граѓаните на општина Прилеп.