Во Германија, една од најбогатите земји во светот – секој шести граѓанин е на работ на сиромаштија. Кој сѐ се смета за сиромашен во Германија и колку пари се потребни за да се преживее и живее во оваа земја? Пишува: Сабине Кинкарц
Бездомници кои спијат на улица, мајки кои се одрекуваат од оброците за да има повеќе за децата, пензионери кои во контејнери бараат пластични шишиња. Иако Германија со своите 83 милиони жители е една од најбогатите земји во светот, 13,8 милиони луѓе во земјата се на работ на сиромаштија или живеат во немаштија. Ова се податоците од актуелниот извештај за сиромаштија кој еднаш годишно го објавува Германската агенција за доброволни носители на социјална и на медицинска нега. А, германската влада во својот извештај за сиромаштија констатира дека сѐ поголем е јазот меѓу богатите и сиромашните.
Тоа не значи оти луѓето во Германија умираат од глад или од студ бидејќи никој не им помага, или дека умираат од болести бидејќи немаат пристап до медицинска нега. Постои социјална разлика меѓу апсолутната сиромаштија, кога луѓето не можат да ги задоволат основните потреби и релатвната сиромаштија, која се мери со просечните животни околности на едно општество.
Нерамномерна распределба на богатството и на сиромаштијата
На светската листа по богатство Германија во минатата година беше на 20-тото место. Критериумот е Брутодомашниот производ по глава на жител. Во Германија оваа вредност изнесува 50.700 американски долари.
На прво место е Луксембург со 136.000 долари по глава на жител. Најсиромашните 10 земји во светот се наоѓаат во Африка, а најсиромашна земја е Бурунди со БДП од 270 долари годишно по глава на жител.
Сиромаштија – прашање на дефиницјата
Додека во најсиромашните земји во светот луѓето обично живеат во апсолутна сиромаштија, луѓето во Европа по правило се погодени со релативна сиромаштија. Тие мораат да живеат со важни материјални ограничувања. Во ЕУ оној кој на располагање има помалку од 60 отсто од просечниот приход месечно или е загрозен од сиромаштија или е сиромашен. Ако некој има помалку од 50 отсто од просечниот доход, тогаш е многу сиромашен.
Во Германија самците кои примаат помалку од 1.148 евра месечно се сиромашни. Самохраните мајќи со мало дете се сиромашни ако примаат помалку од 1.492 евра, а родителите со две деца се сиромашни ако имаат примања под границата од 2.410 евра.
Сиромаштија и покрај обезбедувањето на основни потреби
Германија се дефинира како социјална држава. Кој не може да најде работа или не е во состојба да работи, а нема приходи, добива основна социјална помош. Колоквијално таа се вика Харц IV. Се добиваат пари за животни трошоци, а трошоците за кирија, греење, вода и здравствено осигурување ги презема државата. Во 2020 година во Германија така живееле 5,3 милиони луѓе – со делумен или цел пакет помош Харц IV.
Самохран родител на едно дете добива 449 евра месечно. За тие пари мораат да се платат животни намирници, облека, средства за одржување хигиена, интернет, телефон и струја, како и сите останати трошоци во домаќинството. Ако двајца сиромашни живеат во заедница тогаш добиваат по 404 евра. Но, за секое дете во зависност од возраста се плаќа меѓу 285 и 376 евра.
Колку му е потребно на човек за живот?
Организациите кои се занимаваат со помагање на сиромашните постојано наведуваат дека основното социјално осигурување не спречува сиромаштија и не е доволно за вистинско учество во животот. Владата има намера да ги зголеми основните давачки за сиромашните од 2023 година. Тогаш основната помош ќе изнесува 502 евра. Кристоф Бутервеге, социолог кој се занимава со темата сиромаштија, смета дека тоа нема да биде доволно. Тој мисли оти 650 евра е најниската сума која гарантира „достоинствен живот“ и нормална, здрава исхрана.
Основната сума е навистина резултат на тесна пресметка. За храна се сметаат 5 евра дневно по лице. „За да биде тоа довлно, сиромашните домаќинства често купуваат помалку храна или купуваат намирници со полош квалитет“, се вели во минатогодишната анализа на Фондацијата Хајнрих Бел. Фондација во тој контекст го употребува изразот сиромаштија за исхрана.
И на пензионерите им е тешко
Инфлацијата ги влошува работите, па загрозени се и оние на кои досега не им била потребна помош. Сѐ повеќе има луѓе кои не можат да ги платат зголемените цени на лебот, млекото, овошјето и зеленчукот во супермаркетите. Тоа се гледа и на 960 места во Германија на кои организацијата Тафел за сиромашните собира и распределува животни намирници кои се во добра состојба, но наскоро им истекува рокот за употреба.
Во 2020 година овие услуги ги користеле 1,1 милион луѓе, а во меѓувреме се 2 милиона. Сиромаштијата сѐ повеќе ги погодува и постарите луѓе. Пензиите се премали – дури и по повеќедецениска работа. Жените се попогодени од мажите, бидејќи почесто работат нецелосно работно време, а и послабо се платени. Едно истражување на Фондацијата Бертелсман предвидува дека во 2036 година околу 20 отсто од пензионерите ќе бидат погодени со сиромаштија во староста.
Скриена сиромаштија
Но, пензионерите на кои пензијата им е мала, можат да побараат дополнителни пари од основното социјално осигурување, исто како и луѓето кои работат но примањата им се недоволни, или луѓето кои работат само половина работно време бидејќи имаат деца. На многу луѓе не им е згодно да одат во институциите и да признаат дека им е потребна помош. Резултатите од различни истражувања покажуваат оти речиси две третини од луѓето кои би имале право на дополнителна социјална помош поради срам не го прават тоа. Постарите луѓе порадо се обидуваат повеќе да работат. Иако по неколку часа или еден ден во неделата. Или собираат пластични шишиња во контејнерите за заработат по некое евро.
Сиромашни и покрај работата
Во Германија расте бројот на луѓе кои и покрај тоа што имаат полно работно време, не можат да ги покријат основните животни трошоци со своите приходи. За волја на вистината, минималната плата е зголемена на 12 евра на час.
Самец кој работи со полно работно време заработува нето плата од 1480 евра. Номинално е над прагот на сиромаштија, но инфлацијата го обезвреднува неговиот приход. И студентите добро го знаат овој проблем. Ако живеат со студентски кредит, тој изнесува најмногу 934 евра месечно – вклучително и субвенцијата за кирија и за здравствена заштита. Ова е значително под границата на релативната сиромаштија во Германија.
Нема подобрување на повидок
Германската влада ќе потроши 200 милијарди евра за да ги ублажи последиците од поскапувањето на енергенсите. Но, со тоа ни оддалеку нема да бидат покриени сите дополнителни трошоци, а според прогнозите на економистите, инфлацијата ќе остане на високо ниво. Тоа ќе го почувствуваат пред сѐ оние кои немаат финансиски резерви или заштеди.
Извор: DW