Виетнамска милијардерка осудена на смртна казна поради финансиска измама

Виетнамска милијардерка осудена на смртна казна поради финансиска измама

Истакната банкарска службеничка е осудена на смрт за нејзината улога во најголемиот измамнички случај во Виетнам.

Труонг Мај Лан, шефицата на компанијата „Ван Тин Фат“ (Van Thing Phat) денеска беше прогласена за виновна за проневера, поткуп и кршење на банкарските правила во случај што го шокираше Виетнам, пренесува Гардијан.

Проневерени се вкупно 12,5 милијарди долари, што изнесува речиси 3 отсто од виетнамскиот бруто домашен производ, иако обвинителите соопштија дека вкупната штета предизвикана од измамата сега изнесува 27 милијарди долари.

„Постапките на обвинетата ја нарушија довербата на луѓето во раководството на партијата и државата“, гласела пресудата на судењето во градот Хо Ши Мин.

Лан беше прогласена за виновна за измама со пари од „Saigon Commercial Bank“ во текот на една деценија. Осудена е заедно со уште 85 други лица, вклучително и поранешни банкари и владини функционери, како и претходни директори на банката.

Судењето е дел од националната борба против корупцијата предводена од генералниот секретар на Комунистичката партија на Виетнам, Нгујан Фу Тронг. Кампањата во последниве години доведе до обвиненија против илјадници лица, како и до оставки на двајца претседатели и двајца вицепремиери.

Лан беше уапсена во 2022 година и ги негираше обвиненијата. Таа пред судот изјавила дека се приклучила на банкарската индустрија без доволно искуство и дека не ги разбирала доволно правните прашања.

Смртната казна е невообичаено строга за корупциски случај од ваков вид, пишува Гардијан.

Денешните пресуди следуваат по петнеделното судење кое од контролираните државни медиуми во Виетнам беше проследено со детални известувања.

Документите поврзани со судењето биле чувани во повеќе од сто кутии и тежеле 6 тони. Запленети биле повеќе од илјада имоти кои ѝ припаѓале на Лан. Во судењето биле вклучени 200 адвокати, а биле повикани 2.700 лица.

Иако Лан ја немала директно извршната власт во банката, таа поседувала 91,5 отсто од акциите преку трети лица и компании. Беше обвинета за лажни апликации за заем за повлекување пари од банката во период од 11 години – од 2012 до 2022 година. Заемите сочинувале 93 отсто од вкупниот кредит што го издала банката.

За да ја прикријат измамата, Лан и другите банкари се обвинети дека им дале на државните функционери 5,2 милиони долари – најголемото мито регистрирано досега во Виетнам.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Се враќаат старите и пониски цени на полисите за автомобилско осигурување

Се враќаат старите и пониски цени на полисите за автомобилско осигурување

Известувањата на осигурителните компании за зголемување на цените не содржеле финансиски анализи за изминати периоди, …