Виктор Орбан победи на изборите во Унгарија и освои двотретинско мнозинство во парламентот

Виктор Орбан победи на изборите во Унгарија и освои двотретинско мнозинство во парламентот

Актуелниот премиер Виктор Орбан успеа да освои четврти мандат по ред на вчерашните парламентарни избори во Унгарија. По речиси 86 отсто од преброените гласови, неговата партија Фидеш успеа да го задржи дво-третинското мнозинство во унгарскиот парламент со освоени 135 места од вкупно 199, јавува Гардијан.

Изборните резултати покажуваат дека 53,7 отсто од гласовите ги освоила партијата Фидеш, додека за обединетата унгарска опозиција гласале 34,4 отсто од граѓаните кои излегоа на изборите вчера. Екстремно десничарската партија Наша татковина го помина изборниот праг со 6 отсто освоени гласови и успеа да влезе во парламентот.

За Виктор Орбан, изборната победа ќе значи владеење со Унгарија во вкупен период од 20 години, ако се земе во предвид фактот дека беше премиер во периодот од 1998 до 2002 година и од 2010 година до денес, свртувајќи ја Унгарија спротивно од патот на демократската консолидација по кој тргна по 1989 година.

„Оваа победа е за паметење, можеби дури и до крајот на нашите животи, бидејќи имавме најголем (збир на противници) за да ги совладаме. Левицата дома, левицата во странство, бирократите во Брисел, парите од империјата на Сорос, меѓународните медиуми и дури украинскиот претседател на крајот“, изјави Виктор Орбан низ смеа на вчерашното обраќање пред толпата по соопштувањето на изборните резултати.

Како што пренесува Хангари тудеј, и провладините и опозициските експерти во Унгарија предвидуваат распад на опозициската унгарска коалиција по вчерашниот изборен пораз.

Еден час по говорот на Орбан, опозицискиот кандидат за премиер, Петер Марки-Зај му ја честиташе победата на актуелниот унгарски премиер, но и додаде дека изборите не биле ниту фер, ниту имале еднакви услови, како и дека победата на Фидеш се должи на пропагандата и перењето мозоци. Со ова, изборите не биле демократски и фер.

„Шокиран сум, како и сите други, и не сакам да ја сокријам мојата фрустрација“, изјави Петер Марки-Зај, позади кого застанаа единствено членовите на неговото семејство за време на говорот после објавувањето на изборните резултати.

Марки-Зај во својот говор искористи и историски аналогии за победата на Орбан, потсетувајќи дека не само што Милошевиќ бил попопуларен од кој било друг во Србија, туку и рече дека лично смета оти Хитлер веројатно би освоил двотретинско мнозинство во Берлин во 1945 година, иако градот веќе бил опкружен со Русите.

Гардијан ги пренесува податоците од невладините организации кои ги набљудувале изборите, посочувајќи дека тие добиле најразлични жалби за нерегуларности, од давање пари за обезбедување глас, развозување на гласачи, делење на месо. Самиот Марки-Зај се пожали дека на унгарскиот јавен сервис му биле дадени само 5 минути за да ги промовира своите позиции во време на кампањата, но и дека имал само 2.000 билборди низ целата земја во споредба со 20.000 билборди поставени од партијата на Орбан.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Меѓународната организација на трудот (МОТ), која е дел од Обединетите нации, проценува дека 2,4 од …