Видео материјалот, споделен во постот, потекнува од протести кои се одржале во Италија на крајот на 2021 година и биле поврзани со задолжителното покажување на Грин Пас за сите работници во Италија. За разлика од овој пост, кој инсинуира дека протестите се скорешни, „Вистиномер“ не успеа да најде никаква потврда дека во моментот во Италија се одвиваат протести за смена на премиерот Марио Драги, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во којшто се споделува видео материјал од протести на кои се вее италијанското знаме. Во постот се вели:
„Италијанците сега бараат оставка од сопствената им марионета на СЕФ (Марио). За жал ќе биде заменет со друга марионетка.“
На 9 октомври 2021 година италијанските медиуми опширно известувале од настанот. Видео материјал од истиот протест објавен е во октомври во склоп на медиумски напис кој пишува дека станува збор за протест поради незадоволство на граѓаните од ковид мерките.
Сите светски медиуми го покрија овој протест вклучително и „Ројтерс“:
Италијанската полиција користеше солзавец во саботата за да ја разбие толпата од стотици луѓе, вклучително и неофашистички активисти кои демонстрираа во Рим против желбата на владата ад го направи задолжителен зелениот пас за сите работници. Една група која протестираше се обиде да го пробие полицискиот кордон и да дојде до канцеларијата на премиерот Марио Драги во центарот.
И руски медиуми објавија дека станува збор за протест во Рим против ковид пасошот, а беше споделен и видеоматеријалот којшто сведочи за целокупната атмосфера.
Протестите се случија неколку денови пред земјата да стане првата во Европа која ќе спроведе правило сите работници да покажуваат грин пас во обид да се забрза вакцинацијата против ковид-19 и да се сопре ширењето на инфекциите со коронавирусот.
Италија го отстрани барањето за сертификат Грин Пас за своите граѓани на 1 мај годинава, а на 1 јуни и за сите патници кои влегуваат во земјата.
За разлика од постот што е предмет на нашата рецензија и кој инсинуира дека протестите се скорешни, „Вистиномер“ не успеа да најде никаква потврда дека во моментот во Италија се одвиваат протести за смена на Марио Драги. Исто така, со сигурност може да се потврди дека видео материјалот споделен во постот, потекнува од протести кои се одржале во Италија на крајот на 2021 година и биле поврзани со задолжителното покажување на Грин Пас за сите работници во Италија.
Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека во постот што го рецензираме, се пропушта контекстот. Видеото е веродостојно, меѓутоа временската рамка во која се случил протестот не е јули 2022 година.